1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски вели дека нема да се дозволи ескалација

ЕМФ/миа/бета7 јули 2014

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска (7.07) изјави дека протести во кои се употребува насилство не може да бидат поддржани во ниту една држава, па ни во Македонија.

https://p.dw.com/p/1CWzb
Фотографија: Petr Stojanoski

Протести кои се мирни и во кои граѓаните сакаат да остварат свои права и да наметнат одредени идеи има во секоја демократска држава и тие се поддржани и имаат и свое влијание, меѓутоа протести во кои се употребува насилство е нешто што не може никој да го поддржи, во ниту една држава, во ниту една средина, ниту пак во нашата држава, изјави денеска македонскиот премиер Никола Груевски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со протестите во земјата по изречените пресуди во случајот „Монструм“.

„Министерството за внатрешни работи во изминатите денови мошне професионално ја вршеше задачата и државата нема да дозволи овие протести да ескалираат до таква мера да ги загрозат интересите на граѓаните или на институциите“, изјави премиерот, додавајќи дека состојбата се следи сериозно.

Груевски предупреди дека постојат одредени организации, поединци, различни видови групи кои се обидувале во изминатите денови да долеат масло на огнот заради некоја своја лична агенда, која, како што рече, сигурно не е државна:

Nikola Gruevski Premierminister Mazedoniens 19.06.2014
Никола Груевски изјави дека состојбата се следи сериозноФотографија: MIA

„Она што сакам да го потенцирам е дека таквите луѓе сигурно не работат ниту за интересите на Македонците, ниту за интересите на Албанците, ниту за интересите на Турците, Ромите, Бошњаците и сите други кои живеат во Македонија, ниту за интересите на муслиманите или христијаните. Тие луѓе тераат или некоја своја лична агенда или нечија туѓа агенда“, истакна Груевски, кој тврди дека со коалицискиот партнер во Владата се во постојан и секојдневен контакт.

Косовската влада бара спроведување на Охридскиот договор

Владата на Косово денеска соопшти дека почитувањето на Уставот и спроведувањето на Охридскиот договор се единствениот пат за решавање на отворените проблеми меѓу заедниците во Македонија.

Во соопштението се наведува дека внимателно се следат „последните движења“ во Македонија.

„Почитувањето на фундаменталните уставни и институционални права е единствениот начин за избегнување ескалација на насилството која може да биде проследена со тешки последици за регионот“, се наведува во соопштението.

Косово е определено за процесот на европски интеграции и регионална соработка и ги повикува сите страни во Македонија да се воздржат од насилство како средство за решавање на политички прашања, додава Владата на Косово.

„Албанскиот народ во Македонија има свои демократски избрани претставници кои имаат обврска низ институциите да отвораат прашања кои ја вознемируваат албанската популација“, се додава во соопштението од Приштина.