1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците со поделени чувства за Папата

22 септември 2011

Папата Бенедикт 16 денеска доаѓа во прва официјална посета на Германија. Фактот што Бенедикт 16, како прв Папа во историјата ќе одржи говор во парламентот, ја подели јавноста во земјата

https://p.dw.com/p/12eLU
Протести пред германскиот парламент против посетата на ПапатаФотографија: dapd

За разлика од претходните две во 2005. и 2006. година, Бенедикт 16. овој пат доаѓа во официјална посета на татковината.

„Се радуваме што Папата доаѓа во Германија во официјална посета. Секако ќе му приредиме срдечен дочек“, вели претседавачот на Бискупската конференција на Германија, надбискупот Роберт Цолич.

Не сите во земјата се толку одушевени од посетата на првиот Папа Германец по околу пет века. Околу 100 пратеници од опозициските партии во парламентот имаат намера да го бојкотираат говорот на Папата. Тие сметаат дека религиозни водачи не треба да држат говор во Бундестагот. Еден од нив е пратеникот на Зелените, Ханс-Кристијан Штребеле:

„Ако сега почнеме да им одаваме почит на поглавари на цркви и други религиозни лидери со говори во парламентот, до каде ќе оди сето тоа?“

Протести во Берлин

Во центарот на Берлин денеска ќе се соберат и околу 20.000 граѓани, кои сакаат да протестираат против сексуалниот морал на Католичката црква. Меѓу нив е и пратеникот Фолкер Бек, кој е хомосексуалец.

Papstbesuch in Deutschland 2011 Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa

„По прашањето на човековите права и сексуалната политика тој не води политика што е во согласност со нашиот устав. Затоа е сосема легитимно да се изрази поинакво мислење...“

Бројот на поддржувачи на Папата во Германија е сепак поголем од бројот на оние кои се против него. Доказ за тоа е бројката од 250.000 луѓе кои се пријавиле за учество на четирите миси под отворено небо. Дури и за онаа во Олимпискиот стадион во Берлин, кој е претежно протестантски, па дури и атеистички настроен, се пријавиле 80.000.

Автор: Бернд Ригерт/Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски