1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ќе дава повеќе пари за одбрана

23 април 2022

Германија се обврза да одвојува два процента од БДП за одбрана. Поважно меѓутоа може да биде како земјата да ја исполни втората, помалу позната насока на НАТО.

https://p.dw.com/p/49pQA
Ukraine-Konflikt - Nato-Sondergipfel
Канцеларот Шолц вети 100 милијарди евра за БундесверотФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германија по прашањето на вооружувањето долго време им претставуваше непријатност на сопствените безбедносни служби и разлути повеќе од еден американски претседател. Амбасадорите од Вашингтон со различна тактичност се обидуваа да вршат притисок на своите германски соговорници за сериозно зафаќање со темата одбрана.

Тоа е задача со која Ејми Гутмен, новата врвна дипломатка на американскиот претседател Џо Бајден во Берлин, можеби веќе нема да мора да се занимава премногу интензивно. Таа само што почна да се навикнува во Германија, кога руската инвазија на Украина направи повеќе за трансформирање на германската безбедност и надворешна политика отколку долгогодишниот љубезен притисок од сојузниците.

„Тоа беше впечатлива коинциденција“, рече Гутман пред присутните во Слободниот универзитет во Берлин оваа недела. „Една од моите цели беше да ја натерам Германија да се држи до обврската од 2% на НАТО. Целта е постигната.“

Два процента или 20?

Во 2014 година, членките на НАТО се согласија во период од 10 години да потрошат 2 отсто од својот брутодомашен производ (БДП) за национална одбрана. Германија бавно се приближуваше до таа бројка и во 2021 година беше меѓу ретките големи економии на Алијансата што сè уште е под зацртаната цел, покажуваат документите на НАТО.

Во својот говор пред Бундестагот во март годинава, канцеларот Олаф Шолц вети дека ќе го поправи овој недостаток. Почетокот треба да го означат издатоците во висина од 100 милијарди евра за вооружените сили. „Тоа секако е остварливо за земја од наша големина и важност во Европа“, рече тој.

На една друга насока за издатоци, од договорот од 2014 година, ѝ се посветува помалку внимание. Во неа се наведува дека сојузниците издвојуваат 20 отсто од својот годишен буџет за одбрана за „важна нова опрема“. Германија и тука потфрла. Таа е меѓу четирите сојузници кои допрва треба да ја постигнат оваа цел.

Шолц не ја спомна конкретно оваа втора насока, но политичката дискусија во неделите што следеа се фокусираше на големи проекти како што се борбениот авион Ф-35 со нуклеарен капацитет, системи за противракетна одбрана развиени од Израел и беспилотни летала со оружје.

US Navy F-35C Lightning II Kampfjet
Борбени авиони од типот Ф-35Фотографија: Lockheed Martin/ZUMA Wire/IMAGO

„Станува збор за инвестирање во хардвер, бидејќи недоволно снабдувавме и недоволно финансиравме сè што лета, плива и се движи“, вели Томас Клајн-Брокхоф, потпретседател на германскиот Маршалов фонд, во интервју за ДВ. „Мислам дека 20 проценти се веројатно минимум. БДП-целта стана главна тема за разговор бидејќи е едноставна, додава тој, но целта за опремување е таа што обезбедува парите да одат за „вистински инвестиции“.

Платите на војниците, придонесите за социјално осигурување и пензиите редовно голтаат голем дел од буџетот. Според владата, од речиси 47 милијарди евра во германскиот буџет за одбрана минатата година, на такви издатоци отишле повеќе од 15 милијарди евра. Околу осум милијарди евра, само 18,5 отсто од вкупните расходи, се наменети за набавка на опрема.

Посебни средства во текот на пет години

Иако владата сега очигледно ја исполнува БДП-насоката, таа сè уште заостанува во делот на опремата. „Искуството покажува дека делот за инвестиции во буџетот треба да биде околу 20 проценти за тој да остане одржлив и за организацијата да остане одржлива“, изјави за ДВ Арне Колац, портпарол на Министерството за одбрана. „Но, ова не е буџетско или друго правило, кое е пропишано. Оваа маржа на инвестицискиот удел се менува постојано.“

Ова двоумење можеби е поврзано со неизвесноста околу стоте милијарди евра. Неочекуваните пари, кои се околу една петтина од целиот годишен сојузен буџет, се резултат на политиката на брзи чекори на Шолц. Законодавниот процес за одобрување на зголемувањето на средствата сега се мачи да одржи чекор.

Infografik Kampfflugzeuge Bundeswehr EN

Кога владата ќе го добие она што го сака, издатоците нема да паднат на редовниот буџет и со тоа се ослободени од уставниот лимит за задолжување. Ова значи дека средствата се позајмуваат како „инвестиција“ без да се влијае на даночните стапки или зголемување на јавната потрошувачка - барем на хартија. За Слободните демократи (ФДП), кои како најмал коалициски партнер го контролираат важното Министерство за финансии, тоа се црвени линии.

Кабинетот на Шолц минатиот месец во Бундестагот поднесе соодветен предлог закон. Според него, 100-те милијарди евра се „специјален фонд“ ставен на располагање во текот на пет години за „финансирање особено значајни и сложени, повеќегодишни проекти за опремување на Бундесверот“.

Плановите се чекор кон НАТО-насоката за издвојување 20 проценти за опрема. Во однос на другиот репер на НАТО, особено е забележлив петгодишниот период. Врз основа на сегашниот брутодомашен производ и дополнување на официјалниот буџет за одбрана со дополнителни 20 милијарди евра секоја година, Германија ја преминува целната линија од два процента.

Повеќе пари, повеќе проблеми

Ваквите сметководствени трикови можеби се политички корисни, но тие носат ризик од поткопување на вистинската цел на издатоците. Големите воени проекти што ги туркаат Германија и Франција, како што е следната генерација на европски борбени авиони, може да потраат со години. Останува нејасно што ќе се случи доколку дополнителните средства истечат во 2026 година, а редовните годишни буџети не се значително зголемени.

„Ако сакате да купите опрема, ви треба долгорочен доверлив буџет“, нагласува Клајн-Брокхоф од германскиот Маршалов фонд. „Што ќе се случи за четири години? Дали сте тогаш подготвени да го зголемите буџетот за одбрана за 25 милијарди? Тоа ќе бара уште еден голем политички напор.“ Следните сојузни избори се закажани за 2025 година. Таквиот политички напор, значи, ќе треба да го направи новата сојузна влада.

Deutschland | Bundeswehr | Leopard Panzer
Тенкови на Бундесверот од типот Леопард 1А5 Фотографија: Thomas Imo/photothek/picture alliance

Дури и без дополнителни средства, Бундесверот има проблеми со ефикасно инвестирање. Критичарите посочуваат дека процесите на набавки, кои различни министри за одбрана се мачеа да ги реформираат, се бавни, бирократски и обемни. Низа проекти, вклучително и во областа на сајбер-безбедноста и технолошките надградби, ги имаат пречекорено буџетските рамки или не ги исполнуваат целите, утврдија ревизорите. „Во најголемиот оддел на Бундесверот за набавки, спречувањето на корупцијата страда со години“, се пожали неделава Сојузниот завод за ревизија во соопштение за печатот.

Синдикатот што ги претставува припадниците на Бундесверот  за недостатоците ја обвинува несигурната индустрија за вооружување и нејзиното лоби влијание, како и недостатокот на стратешко размислување на Министерството за одбрана. Според синдикатот, ова делумно е резултат и на недоволното инвестирање во вооружените сили.

Шолц сега сака да го смени овој тренд. Штом парите ќе стојат на располагање, нема да биде важно само прашањето за колку пари станува збор, туку исто толку важно ќе биде прашањето колку мудро нив може да ги потроши Министерството за одбрана.