1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаврило Принцип: терорист или херој?

Немања Рујевиќ / Б. Георгиевски28 јуни 2014

Со атентатот во Сараево Гаврило Принцип даде увертира за почеток на Првата светска војна. Оттогаш мина речиси еден век, а интерпретацијата на неговото дело остана контроверзна: херој или терорист?

https://p.dw.com/p/1AFKu
Фотографија: picture-alliance/Heeresgeschichtliches Museum Wien

Улицата „Гаврило Принцип“ во Белград е само еден од симболите на почеста која му се оддава на сараевскиот атентатор во Србија. За разлика од Белград, во другите европски главни градови нема да најдете улица со неговото име. Напротив, ќе чуете дека тој бил терорист, убиец, виновник за почетокот на Првата светска војна. Во пресрет на стогодишнината од почетокот на војната се објавуваат книги, драмски текстови, а борбата за оценка на делото на Принцип како да влегува во одлучувачка рунда.

Неговата цел била ослободување на Босна од австро-унгарската власт и создавање на голема југословенска држава. Неговото средство бил атентатот. Денес, сто години подоцна, бесмислено е да се прашувате дали во овој случај целта го оправдала средството, вели германскиот историчар Холм Зундхаузен.

„Се’ е прашање на перспектива. Некој кој за своја цел имал создавање на голема југословенска или српска држава има сосема поинакво мислење од некој кој не сакал држава на јужните Словени, а особено не Голема Србија“, вели Зундхаузен.

Franz Ferdinand Anschlag Gavrilo Princip
Апсењето на ПринципФотографија: AP

Страв - да, тероризам - не

Неговиот колега Кристофер Кларк од Кембриџ има уште покуса дефиниција: „Оној кој за некого е терорист, секогаш за некој друг е борец за слобода“. Кларк е често цитиран во последниот период по излегувањето на неговата книга за Првата светска војна.

„Принцип и неговите колеги не сакаа да убиваат недолжни луѓе и да шират страв меѓу населението. Тие сакале да создадат страв во виенската политичка елита, но не биле терористи во денешното пежоративно значење на тој збор“, смета Кларк.

Но, во Србија на Принцип се гледа во сосема друго светло. Убиството на престолонаследникот Франц Фердинанд и неговата сопруга е борба за слобода, а Принцип е херој.

„Кога некој човек е подготвен себеси да се осуди на смрт, тоа е херојство, не знам како поинаку тоа да го наречам“, вели српскиот писател Владимир Кецмановиќ.

За германскиот историчар Зундхаузен, проблематичен е изборот на целта на српскиот атентатор: „Опкружувањето на Принцип и Млада Босна секогаш се повикуваа на тиранско убиство, а тоа не може да биде вистина. Фердинанд не бил тиранин, туку реформатор“.

Миротворци против хушкачи

По сараевскиот атентат историјата драматично забрзува. За само 37 дена ќе завладее војна која ќе ги однесе животите на 15 милиони луѓе. Историчарите се согласни дека атентатот бил само непосредниот повод, а војната неизбежно би се случила порано или подоцна. Кристофер Кларк е еден од ретките кои сепак мисли поинаку.

„Во текот на кризата пред тој 28 јуни 1914 година, во дискусиите во Виена, оние што биле за мир секогаш ги победувале воените хушкачи, иако еден од нив бил и тогашниот началник на Генералштабот на австро-унгарската армија Конрад фон Хецендорф. Но, политичката хемија во Виена значително се промени по сараевскиот атентат. Најмоќниот заговорник за мир бил токму Франц Фердинанд, а тој не е веќе меѓу живите“, вели Кларк.

Bildergalerie Serbien Politisches Graffiti
Графит во БелградФотографија: DW/N. Tabak

Според српскиот книжевник Кецмановиќ, ставовите како тој на Кларк се обиди за „ревизија на историјата“. „Западните историчари се обидуваат да ја релативизираат вината на Германија и за сѐ да го обвинат 'Србинот Принцип'. Тоа е најлесно да се стори преку грбот на малата држава која од нивна перспектива не е многу значајна, а притоа поради војните од 90-те веќе е оцрнета како негативец“, смета Кецмановиќ.

Иако во пресрет на стогодишнината од атентатот вакви и слични дебати ќе има веројатно уште многу, вистината останува некаде помеѓу. Во градовите како Берлин или Виена никогаш нема да има улица која ќе го носи името на Гаврило Принцип. Онаа белградската, пак, од почетокот на текстов, со децении е главно сврталиште на проститутките во српскиот главен град.