1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вардар сензационален, Металург моќен

Златко Калински 31 март 2014

Ракометна Европа е во чудо! Вардар го елиминира европскиот првак Хамбург, Металург и во реваншот го декласира данскиот Колдинг. Македонија и во четвртфиналето од Лигата на шампионите ќе партиципира со два претставника.

https://p.dw.com/p/1BYm3
Фотографија: Joern Pollex/Bongarts/Getty Images

Вардар е големиот ракометен хит. Вчера кога како луња мина низ „Шпортхале“ во Хамбург и го фрли во очај европскиот првак. Скопските 28:28 исполнети со резултатски пресврти и неизвесност се покажаа само како убава увертира за неочекуваната, но спектакуларна претстава на Вардар со победнички 30:29. Инспирирани од амбиентот, психички растоварени „вардарците“ го дадоа најдоброто од себе. Му се придружија на Металург, кој само малку пред тоа суверено го заклучија двобојот против Колдинг. Данскиот првак и на негов терен беше совладан со 30:26. Вардар и Металург се меѓу осумте „величествени“ во Лигата на шампионите во друштво на Кил, Фленсбург, ПСЖ, Барселона, Веспрем, а денеска ќе им се придружи Кјелце или Рајн Некар.

Handball KIF Kolding vs HC Metalurg 30.03.2014 in Kolding
Металург подобар од КолдингФотографија: picture-alliance/dpa

Ракометна еуфорија

Победите на Вардар и на Металург предизвикуваат нов наплив на силни спортски емоции во Македонија. Со голема еуфоричност се проследени особено во ракометните кругови.

Стевче Алушевски кој во долгата играчка кариера го носеше дресот и на Вардар и на Металург смета деке има простор за нови радости. „Ова е уште еден историски резултат за македонскиот ракомет. Многу битен момент за мене е што и Вардар и Металург научија како треба да се игра против силни екипи. Особено Вардар, кој што влезе во битка со Хамбург со невидена храброст, дрскост, борбеност и заедништво. Немаше воопшто респект за името на противникот и за светските ѕвезди што го носат дресот на Хамбург. Истото се однесува и за играта на Металург во Данска. Сега е јасно дека победите во групната фаза, кои што ги извојуваа и Вардар и Металург против Барселона, ПСЖ и другите големи ракометни имиња не беа случајност. Сепак, победата на Вардар над Хамбург е вистинска 'бомба' за ракометниот свет. Се надевам дека ждрепката ќе ни биде наклонета и нема да ги соочи нашиве две екипи во четвртфиналето.“

Handball HSV Hamburg vs HC Vardar 30.03.2014 in Hamburg
Вардар го надигра ХамбургерФотографија: Joern Pollex/Bongarts/Getty Images

Стевче Стефановски едно од најголемите македонски голмански имиња, екс-селектор на репрезентацијата на Македонија со воодушевеност зборува за победите на Вардар и Металург.

„Голем успех на македонскиот спорт, а за ракометот огромна придобивка. Ова треба да биде четиво за другите клубови во Македонија да се најдат на патот по кој чекорат Вардар и Металург. За спонзорите знак со поголема решителност да вложат во ракометот, спортот кој успешно ја промовира нашава земја во светот. Мило ми е, што исчезнува комплексот на 'пониска вредност' од минатото во моментите кога треба да се направи резултат. Огромен успех е да се има две екипи меѓу најдобрите осум од Европа. Сонувам еден ден на Вардар и на Металург да им се приклучи со сличен квалитет и мојот Пелистер од Битола.“

Резултати кои обврзуваат

Живко Мукаетов, претседателот на РФМ вели дека е ова голема мотивација за сите во ракометниот спорт.

Mazedonien Zivko Mukaetov Alkaloid
Живко МукаетовФотографија: Petr Stojanovski

„Им честитам за овој огромен успех. Успех кој што се надоврзува на женската екипа на Вардар. Неодамна таа се пласира на завршниот 'фајнал-фоур' турнир и на почетокот на мај во Будимпешта ќе ја бие битката за европската титула. Сево ова за нас е феноменално, со надеж дека ќе има свое продолжение. Ова е обврзувачко за сите што работиме во ракометот, да го искористиме овој успех, бидејќи сигурен сум дека ќе привлече нови момчиња и девојчиња да влезат во ракометот. Драго ми е што според сите параметри ракометот и натаму е спорт број еден во Македонија“, се коментарите за Дојче веле по големиот успех на македонските ракометни екипи во Лигата на шампионите.