1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Боб Дилан соочен со обвиненија за сексуално злоставување

Бетина Бауман
17 август 2021

Жена, чиј идентитет не се открива, поднесе тужба против Боб Дилан за сексуално злоставување. Носителот на Нобеловата награда за литература тоа го демантира.

https://p.dw.com/p/3z4g9
Bob Dylan
Фотографија на Боб Дилан направена некаде околу 1965 година во ЊујоркФотографија: Frank Dandridge/ZUMA Press/imago images

Тужбата против Боб Дилан е поднесена во петокот (13.08.2021) во судот во Њујорк од страна на жена чиј идентитет не се открива. Таа потекнува од Гринвич, од американската сојузна држава Конектикат, а во актите е наведена со иницијалите „ЈЦ“. Во актите стои дека носителот на Нобеловата награда за литература, Боб Дилан, сексуално ја злоставувал подносителката на тужбата во период од шест недели, во април-мај 1965 година. Освен тоа, наведено е дека на жената ѝ била давана дрога и била соочена со закани за физичко насилство. Дилан, како што се тврди, ја искористил својата слава за да се здобие со довербата на тогаш 12-годишното девојче.

Злоставувањето, наведено е во тужбата, се одвивало, меѓу другото, во њујоршкиот Челси Хотел, каде Боб Дилан живеел извесно време. Обвиненијата опфаќаат телесни повреди и нанесување душевна болка. Тужителката, како што се тврди од страна на нејзините адвокати, до денес страда од последиците од емоционалната траума. Жената бара отштета, но не е наведена висина на паричниот износ.

Портпарол на Боб Дилан во меѓувреме соопшти: „Тврдењата стари 56 години се невистинити и ќе се спротивставиме енергично.“ Тоа што обвиненијата против 80-годишниот Дилан доаѓаат дури сега, би можело да е поврзано со т.н. „Закон за деца жртви“. Законот од 2019 година им овозможува на жртвите на сексуално злоставување да поднесуваат тужби, сеедно колку време поминало од злоставувањето. Во саботата заврши рокот за поднесување вакви тужби.

Какви последици овие обвиненија би можеле да имаат за кариерата на Дилан, не е познато. Тој во моментов се вбројува во највлијателните музичари во историјата.