1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети апелира за институционално решавање на проблемите

Свето Тоевски7 јули 2014

Лидерот на ДУИ, Ахмети по средбата со американскиот амбасадор Волерс оцени дека насилството не помага за решавање на проблемите и побара Апелациониот суд да се огласи за пресудите за „случајот Монструм“

https://p.dw.com/p/1CXHq
Фотографија: Petr Stojanovski

„Со амбасадорот Волерс оценивме дека насилството не му помага на натамошниот развој на процесот, дека не помага за институционалното решение“ – нагласи лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети во кусата изјава за медиумите по денешната безмалку двочасовна средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија Пол Волерс во партиското седиште на „интегративците“ во Мала Речица, во Тетово. Американскиот дипломат денеска беше дојден, Денеска, на четвртиот ден од одржувањето на протестите на дел од локалното население во Скопје и другите градови во Македонија поттикнати од незадоволството, поради шесте казни доживотен затвор за осудените во судскиот процес „Монструм“, американскиот амбасадор го изнесе своето видување во врска со случувањата во западниот дел од Македонија, кои прераснаа и во насилство при „блиската средба“ меѓу полицијата и демонстрантите.

По разговорите со претседателот на ДУИ, Волерс си замина без да каже ниту еден збор, а претседателот на владејачката албанска партија го кажа уште и следново: „Овој процес треба да биде колку е можно поубедлив при произнесувањето и од страна на Апелациониот суд, со цел развојот на настаните да го врати процесот во првостепеното судско одлучување. Јас го известив амбасадорот на САД дека Демократската унија за интеграција ќе бара набљудување од страна на меѓународни и домашни експерти со целосен пристап кон сиот процес и сите процедури, за да јавноста биде на најтранспарентен начин известена за текот на судскиот процес“.

Инаку, Али Ахмети е изложен на остри критики на негова сметка, кои ги изнесоа досега не само опозиционата ДПА, туку и поранешниот албански премиер Сали Бериша и неговиот косовски пријател Фатмир Лимај, како и лидерот на косовската партија „Самоопределување“ Албин Курти. Во текот на изминативе неколку денови при протестите во Скопје, Тетово и другите градови, во кои живее и албанска популација, беа чуени повеќекратни барања ДУИ да ја напушти Владата.