1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апел за спас на бруталистичката архитектура

Ј. Хиц/Б. Георгиевски29 јуни 2016

На многу од таканаречените бруталистички градби им се заканува уривање. Објектите од суров бетон отсекогаш поларизирале. Цел на проектот #SOSBrutalism е да се спаси (честа на) една архитектонска епоха.

https://p.dw.com/p/1Ixlf
Фотографија: Friedrich Tellberg

Нив ги сакаат или ги мразат, но во секој случај погледот врз масивните градби од натур-бетон речиси никого не го оставаат рамнодушен. „Брутализам – веројатно нема друг архитектонски стил со толку несреќно одбрано име", вели Кетрин Крофт, која како директор на британското Друштво за дваесеттиот век се ангажира за оддавање признание и заштита на тој модернистички стил. Но, бетонските колоси во Велика Британија имаат и моќни противници: меѓу оние кои непомирливо ја мразат бруталистичката архитектура спаѓа и принцот од Велс (британскиот престолонаследник Чарлс – н.з.)

Омилена тема на интернет

Спорот во меѓувреме се води и на интернет. Социјалните мрежи се полни со фотографии на бруталистички објекти. „Друштвото на почитувачи на брутализмот“ на Фејсбук има речиси 40.000 членови. Драматичното влијание на зградите од натур-бетон дополнително се засилува со црно-бели фотографии снимени од жабја перспектива. Бруталистички мотиви се печатат и врз облека и навлаки за перници. Кој сака, може да внесе трошка брутализам и како моден елемент во дневната соба.

Тој нов хит во социјалните медиуми го користи еден проект кој се залага за спасување (на честа) на брутализмот. Под хаштагот "SOSBrutalism" Германскиот музеј на архитектурата (ДАМ) во соработка со фондацијата Вистенрот сака да ги предочи спорните објекти и – ако е потребно – да ги спаси од уништување. „Брутализмот симболизира анти-став, една анти-идила“, за која никому не може да му биде сеедно, вели Филип Курц од фондацијата Вистенрот, еден од иницијаторите на проектот. На веб-страницата sosbrutalism.org веќе се документирани 900 објекти од Лондон, преку Токио до Абиџан и Каракас. Меѓу нив се и некои акутно загрозени од уривање или веќе урнати градби.

Од Македонија на листата се наоѓаат пет градби сместени во главниот град Скопје. Две на архитектот Георги Константиновски- Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и зградата на Градскиот архив; потоа комплексот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј на архитектот Марко Мушич, седиштето на Поштата на архитектот Јанко Константинов, и зградата на Хидрометеоролошкиот завод на Крсто Тодоровски.

Universitätscampus Skopje
Комплексот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје е на листата на #SOSBrutalismФотографија: DW/P. Stojanovski

Масивни, но не и брутални

Време на процут за сивите џинови, кои подоцна беа означувани како градежнички грев, беше периодот од 50-те до 70-те години на 20. век. Тој стил го обележуваа суровоста, јасните геометрии и наклонетоста кон монолитското. Архитектонско-теориски меѓу основните критериуми спаѓаат и видливоста на материјалот, како и изложеноста на конструкцијата. Покрај натур-бетонот, референца за означувањето на стилот е и таканаречениот art brut на Жан Дибифе. Како предводник на движењето го сметаат Ле Корбизје со неговата Unité d'habitation во Марсеј. Мото на таа генерација на архитекти беше фактичност и бескомпромисност.