1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жените заработуваат 18 проценти помалку од мажите

Инза Вреде
7 март 2023

Иста плата за иста работа – за тоа многу жени, дури и во Германија, можат само да сонуваат. Зошто жените сѐ уште се послабо платени од мажите и како тоа да се промени?

https://p.dw.com/p/4OLWM
Мажи, жени, плата, Германија
Барање: Иста плата за иста работаФотографија: Imago Images/Ipon/S. Boness

Претставете си, Вие сте жена и од почетокот на годината до денес, 7 март, сте работеле бесплатно, додека вашите машки колеги примале плата за тие повеќе од два месецa. Ни малку убава помисла? Но, за жал, тоа е реалноста, барем во Германија. 

За третина од разликите во платите нема објаснување

Според податоците на Сојузната служба за статистика, жените во Германија заработуваат во просек 18 проценти помалку од мажите. Порано беше уште полошо – во 2006. на пример беа 23 проценти помалку. Речиси две третини одоваа разлика во платитеСтатистичката служба ги објаснува со тоа што жените почесто работат со скратено работно време и избираат типично женски професии во кои заработувачката е помала.

Една третина од разликата во плаќањето, статистиката не може да ја објасни. Оваа „дупка“ во платите значи дека жените и при сразмерно иста работа, квалификации и професионално искуство, добиваат седум проценти помалку пари за работен час од мажите. За причините има само претпоставки. Евентуално улога имаат прекини како бременост, породилно отсуство или нега на член на семејството, велат статистичарите.

Разликата во платите, според одлука на Судот за трудово право од крајот на февруари, може малку да се намали. Зашто, аргументацијата според која мажите за иста работа заработуваат повеќе од жените зашто поуспешно се „испазариле“, не е доволна. Работодавачите треба да приложат објективни причини за нееднаквото плаќање, смета судот, во спротивно станува збор за забранета полова дискриминација.

Германија не „блеска“ во ЕУ-рангирањето

Поглед во другите земји во Европа покажува дека е можно да не постои разлика меѓу половите во плаќањето. Послабо платени во однос на мажите во споредба со Германија, во Европа се само жените во Естонија, Летонија и Австрија. Во просек, разликата во ЕУ изнесува 13 проценти. Во одделни држави како Луксембург, Романија или Словенија, во 2020. година немало дури мерлива полово специфична разлика во платите.

Нееднаквоста во плаќањето не е праведна, а земја како Германија тоа не би требало ни да си го дозволи. Уште сега насекаде фали стручна работна сила, што би можело да се намали преку моболизација на работници кои досега работат со скратено работно време или воопшто не се вработени. Во нив спаѓаат и жените. Еднаквата заработувачка е важен фактор ако се сака активирање на жените во работната сфера, вели Елке Ханак, заменик шеф на Германскиот сојуз на синдикати (ДГБ). 

 

Разлика во плати
Повисока плата за иста работа за мажитеФотографија: Joe Giddens/PA/picture-alliance

Жените не се полошо платени во сите бранши

Нова студија на Институтот за социјални и економски истражувања на фондацијата Ханс-Белкер, блиска до синдикатите, покажува дека во 45 од 46 испитувани бранши жените во 2022. година биле платени послабо од мажите. Но, разликата во плаќањето на жените и мажите е различна од бранша до бранша. Додека во јавниот и товарниот сообраќај мажите заработуваат 4 % повеќе, во областа на советувањето за финансиски и даночни прашања тие добиле дури 32 проценти повисока плата. Во здравството жените добиваат 30 проценти помала плата, иако тука 80 проценти од вработените се жени. Единствена бранша во која на жените им е подобро отколку на мажите се поштенските услуги, каде жените добиваат дури два процента повеќе плата од мажите.

Нееднаквоста е присутна и во раководните позиции. Во 26 од 34 бранши, жените се поретко на водечки позиции отколку мажите, покажува студија на споменатиот институт. Нееднаквоста е посебно изразена во областа на воспитувањето и наставата, каде 50 проценти од мажите, а само 28 проценти од жените се на водечки функции. Притоа, речиси три четвртини од вработените во ова подрачје се жени.

Германските жени бараат еднакви плати со машките колеги
Германските жени бараат еднакви плати со машките колегиФотографија: IPON/IMAGO

Причини за нееднаквите плати

Нерамнотежата се должи и на тоа што на раководни и одлучувачки позиции работат повеќе мажи. Освен тоа, жените почесто и подолго прават прекини во професијата заради грижа околу децата или негување на некој близок.

„Овие паузи и со нив поврзаните тешкотии во повторното активирање имаат долгорочно влијание во развојот на платата, што се одразува и во пензионерската фаза“, истакнува Здружението за бизнис и професионални жени, кое и го иницираше Денот за еднаква плата во Германија.

Освен тоа, жените почесто избираат професии во социјалните услужни дејности, на пример медицинска сестра или воспитувачка. Тука најчесто има ограничени можности за професионално напредување, наспроти ситуацијата во повеќето т.н. машки професии. Многу области во економијата, посебно во индустријата, сѐ уште се машки домен. Во машинската индустрија, градежништвото и градежните инсталции уделот на жените е само 17 проценти. Изборот на професија уште е под силно влијание на половите стереотипи.

Типичните женски професии пак се често и послабо вреднувани, а не постои ни траспарентност при плаќањето. Тоа го критикува и сојузниот ополномоштеник против дискриминација, Ферда Атаман. Разликата во платите може многу повеќе да се редуцира со отстранување на пречките и дискриминацијата на жените, вели експертот.

„Можни мерки би биле разградување на работните места со скратено работно време, изградба на ефикасна структура за згрижување на децата, овозможување на подобро ускладување на професијата и семејството, како и повисоко вреднување на системски релевантните професии.“ 

На жените на врвот им е сосема добро

Кога жените ќе стигнат во врвот, меѓу оние со највисока заработувачка, изгледа сосема поинаку. Според податоци за ноември на Друштвото за проверка и советување, EY, жените во надзорните одбори на берзански нотираните топ-претпријатија сѐ уште се јасно во малцинство, но просечно заработуваат повеќе од нивните машки колеги. При просечно годишно примање од 2,4 милиони евра, предноста на жените во 160 фирми на фамилијата ДАКС изнесувала околу 348.000 евра.