1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Загриженост од ескалација по нападот на иранската амбасада

Тагесшау | ЕМФ
2 април 2024

Во напад на иранската амбасада во Дамаск, според ирански извори, загинале повеќе високи претставници на Револуционерната гарда. Иран го обвинува Израел за нападот и најави „остра“ реакција.

https://p.dw.com/p/4eKDL
Уништен објект во непосредна близина на зградата на иранската амбасада во Дамаск
Уништениот објект во непосредна близина на зградата на иранската амбасада во ДамаскФотографија: MAHER AL MOUNES/AFP

Црн чад над улицата пред иранската амбасада во Дамаск. Сликите на социјалните мрежи ја покажуваат соседната зграда на амбасадата во урнатина. Сириската државна новинска агенција Сана јави дека таму паднала израелска ракета. Според медиумите, во наводниот напад на израелската воена авијација меѓу другото загинале генерал од иранските Ал Кудс бригади и негов заменик. Овие бригади се елитна единица на Иранската револуционерна гарда која е специјализирана за операции во странство. Според експертите, тие во Сирија, Либан и Ирак ја координираат соработката со проиранските милиции, како либанскиот Хезболах.

Израелски напади во Сирија

„Јасно е дека Израел ги извршува овие напади затоа што гледаат што се случува во Либан и Сирија“, објаснува шефот на Сириската опсерваторија за човекови права, Рами Абдурахман, во интервју за саудиската телевизија Ал-Хадат. „Овој напад е продолжение на други напади врз ирански персонал во овој регион. Има за цел да ги направи несигурни Хезболах и другите.“

Израелските воздухопловни сили постојано напаѓаат цели во Сирија, но и во Либан. Израел веројатно сака да го спречи Иран и неговите сојузнички милициида го прошират своето воено влијание во соседните земји како Сирија или Либан, велат експертите. Иран се смета за главен непријател на Израел и постојано повикува на уништување на еврејската држава.

„Речиси го принудува Иран да одговори“

Актуелниот напад во близина на иранската амбасада во Дамаск сега може да значи ескалација на тензиите во регионот. Ирански одговор може да доведе до проширување на војната што Израел ја води против Хамас и неговите сојузници во Појасот Газа. „Ако е погоден придружен објект на иранската амбасада, односно ако проектил паѓа директно на иранска територија, тогаш Израел речиси го принудува Иран да одговори“, смета шефот на Сириската опсерваторија за човекови права, Рами Абдулрахман. „Хезболах, на пример, можеби може да нападне и тоа да го толкува како реакција на нападот.“

Иранско знаме на погодениот објект по нападот
Иранско знаме на погодениот објект по нападотФотографија: Firas Makdesi/REUTERS

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан го обвини Израел за уништувањето и смртта на територијата на амбасадата. Според сириските и иранските медиуми, воздушните напади биле извршени „од правец“ на Голанската висорамнина окупирана од Израел. Израелската армија засега не ги коментира извештаите.

Јасен сигнал на Иран до Израел

На крајот на минатата година, генерал во Иранската револуционерна гарда беше убиен во близина на Дамаск во воздушен напад за кој беше оосмничен Израел. Режимот во Техеран одговори со ракетни напади врз различни цели во Сирија и Ирак. Овие напади од страна на набљудувачите беа протолкувани како јасен сигнал до Израел, зашто балистичките ракети минуваа приближно исто растојание што на таквото оружје би му требало од западен Иран да стигне до Тел Авив или Ерусалим.