1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Шведска во НАТО - Унгарија во изолација

Кено Верзек
28 февруари 2024

Унгарското одолговлекување за приемот на Шведска во НАТО покажува колку Виктор Орбан политички ја изолираше својата земја.

https://p.dw.com/p/4cypj
Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во Парламентот во БудимпештаФотографија: Marton Monus/dpa/picture alliance

Унгарија беше последната земја што го ратификуваше приемот на Шведска во НАТО. Унгарскиот парламент во понеделникот (26.02.2024) со големо мнозинство ја изгласа спогодбата за  пристапување на Шведска кон Алијансата.  За разлика од претходно, Орбан со полна уста ја фалеше Шведска и нејзиниот иден придонес за безбедноста. Но, она што се обиде да го затскрие со дипломатски флоскули, беше всушност најмизерната надворешнополитичка епизода која тој ја предизвика од доаѓањето на функцијата во 2011 година. Унгарија беше последниот блокатор, без да е јасно која е целта на блокадата. Многу нешта укажуваат дека унгарскиот премиер едноставно се истрчал и направил погрешна калкулација.

Орбан по молбите за Шведска и Финска за прием во НАТО пролетта 2022 година застана на страната на Турција, со чиј претседател со години негува тесни врски. Можеби Орбан сакаше да демонстрира лојалност кон Реџеп Таип Ердоган, но нејасно е што доби Унгарија од тоа.

Магливи барања

Како и Ердоган, и Орбан постави услови за приемот на Финска и Шведска во НАТО. Но, за разлика од турските, унгарските беа нејасни. На Шведска ѝ се префрлуваше непочитување кон Унгарија, беа изрекувани обвинувања за корупција, се инсистираше на подобрување на билатералните односи.

 Виктор Орбан и  Улф Кристерсон
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и шведскиот премиер Улф Кристерсон Фотографија: Denes Erdos/AP Photo/picture alliance

Нејасно е зошто парламентот во Будимпешта во март 2023 година го ратификуваше приемот на Финска, но не и на Шведска.

Но, се чини дека Орбан беше изненаден од неочекуваното турско зелено светло за Шведска доцна есеноска.

Веројатно за да го спаси образот, набрзина изминатите денови склучи оружена зделка – Унгарија доби четири борбени авиони од Шведска, што Орбан го фалеше како успешна работа. Во суштина, тоа е рутинско продолжение на долга соработка – Унгарија авионите Грипен ги користи скоро две децении во тесна кооперација со Шведска.

Одговорноста за својата неуспешна надворешна политика Орбан се обиде да ја префрли на друго место, во интервју изјави дека конечно успеал да ги совлада отпорите во својата партија против членството на Шведска во НАТО. Дотолку поизвитоперена слика на нештата кога се знае дека  автократот Орбан самиот одлучува  и за најмали ситници, а неговите сопартијци сервилно ги чекаат одлуките.

Шведските борбени авиони Грипен СААБ ЈАС 39
Унгарија одамна ги користи шведските борбени авиони Грипен СААБ ЈАС 39 Фотографија: IMAGO/TT

Криза на доверба меѓу Унгарија и ЕУ

Епизодата Шведска-НАТО покажува дека Орбан одамна не е брилијантен државнички стратег за што се смета самиот и многу негови поддржувачи. Политикологот Петер Креко од Институтот Политикал капитал смета дека Орбан им наштетува на унгарските интереси.

„Унгарија е сè поизолирана во ЕУ и НАТО, на пример поради одложената ратификација на приемот на Шведска во НАТО и блокирањето на одлуките на ЕУ. Тоа доведува до постојана криза на довербата меѓу Унгарија и нејзините партнери“, изјави Креко за ДВ.

Изолацијата на Унгарија е највидлива во политиката кон Украина. Орбан е единствениот шеф на влада во ЕУ кој одржува пријателски односи со рускиот претседател Владимир Путин и Унгарија е единствената членка на ЕУ што се изјаснува против воената и  финансиската поддршка за Украина од буџетот на ЕУ.

Загуба на сите сојузници

Орбан полемизира против САД за време на мандатот на претседателот Џо Бајден на начин на кој обично тоа се слуша од европските десничарски екстремисти. Унгарскиот премиер отворено вели дека пресилното присуство на САД во Европа е штетно за континентот. Тој е единствениот шеф на влада во ЕУ кој отворено е против членството на Украина во ЕУ. Тоа, меѓу другото, го оправдува и со тоа што таа е наводно порта за влез на американските интереси во Европа. Односите меѓу Унгарија и САД сега се полоши отколку во последните години на реалсоцијалистичката диктатура.

Виктор Орбан Роберт Фицо
Единствен сојузник на Виктор Орбан во ЕУ е словачкиот премиер Роберт Фицо, но тој не се конфронтира како ОрбанФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Без исклучок, Орбан ги загуби своите поранешни сојузници во земјите на ЕУ од Централна и Југоисточна Европа - од полската партија ПиС до бугарскиот поранешен премиер Бојко Борисов. Единственото ново засилување е стариот сојузник - старо-новиот  словачки премиер Роберт Фицо.  Сепак, засега само на вербално ниво: Фицо постојано привлекува внимание со еклатантни проруски и антиукраински изјави, но во пракса уште не се спротивставил на  политиката на ЕУ.

Само споредна улога

Во Западна Европа, исто така, потенцијалните сојузници како што е лидерката на Националното собрание на Франција Марин Ле Пен или италијанската премиерка Џорџија Мелони се држат на дистанца од Орбан. Тие не сакаат да слушнат за формален сојуз со Орбан и неговата партија Фидес. Мелони се позиционира експлицитно  проукраински и можеби влијаеше на Орбан на вонредниот самит на ЕУ на почетокот на февруари 2024 година да се откаже од неговото вето против пакетот помош од 50 милијарди евра за Украина.

Орбан не доби многу  со својата надворешна политика во последниве години. Востанието против „бриселската бирократија“ на кое се надеваше, досега не се оствари. Инвестициите од земјите кои Унгарија ги има предвид со своето „отворање кон исток“, односно Русија, централноазиските држави, Индија и Кина, не дојдоа толку колку што се надеваше или, како во случајот со кинеските инвестиции, не донесоа во Унгарија многу работни места. Спротивно на тоа, Унгарија сега тешко се сфаќа сериозно политички; на неа се гледа само како на нарушувачки фактор.

Унгарија практично нема повеќе влијание врз европската политика, вели политикологот Петер Креко. „Важно е да се види дека унгарскиот опструкционизам не влијае на евроатлантските одговори на суштинските политички прашања, но во најдобар случај може малку да ги одложи или минимално да ги промени. Унгарија не е главен актер во важните одлуки, туку игра само споредна улога. "