1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Вдовицата на Навални-Путин не го скрши Алексеј, затоа го уби

ЖА / агенции
19 февруари 2024

По смртта на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, неговата сопруга Јулија го обвини претседателот Путин за негово убиство. Таа најави продолжување на борбата за слободна Русија.

https://p.dw.com/p/4cZc9
Вдовицата на опозициониот лидер Алексеј Навални, Јулија Навалнаја Русија
Вдовицата на опозициониот руски лидер Алексеј Навални, Јулија НавалнајаФотографија: Kai Pfaffenbach/AP Photo/picture alliance

Вдовицата на опозициониот лидер Алексеј Навални, кој почина во казнен логор, му објави борба на шефот на Кремљ, Владимир Путин и најави продолжување на мисијата на нејзиниот сопруг. „Ќе го продолжам делото на Алексеј Навални и неговата борба за нашата земја. Ве повикувам да ме поддржите“, изјави Јулија Навалнаја во емоционалната видео порака објавена денеска на Јутјуб. Со очи полни солзи двократната мајка го обвини рускиот претседател Владимир Путин не само за убиство на нејзиниот маж, туку и за обид на Русија да и` ја одземе надежта за слобода и правда. Затоа таа сака да ја продолжи борбата на својот починат сопруг.

Во видеото со низа приватни фотографии, но и снимки од јавните настапи на Навални, таа директно го посочи Путин како убиец на сопругот. „Пред три дена  Владимир Путин го уби мојот маж Алексеј Навални“.  Тој бил измачуван до смрт во казнен логор, постојано затворан во бетонска самица. Навалнаја најави наскоро објавување на имињата на оние кои го извршиле  убиството по налог на Путин.

„Режимот сега го крие дури и неговото тело“, истакна Навалнаја, прикажувајќи ја сликата на неговата мајка која во поларниот регион го бара телото на својот мртов син.

Путин и` го одзел најсаканиот и најдрагоцен човек, половина од нејзината душа и срце, но со другата половина таа, исто како и нејзиниот сопруг, ќе води борба против неправдата и корупцијата, а за слободна Русија. „Не се плашам“ порача вдовицата, потсетувајќи на изјавите на својот сопруг кој постојано ги охрабруваше луѓето во Русија на отпор против Путин.

Нејасно е меѓутоа дали Јулија Навалнаја ќе се врати во Русија. Таа моментално престојува во Брисел, како гостин на средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Официјалната верзија на власта гласи дека  Навални ненадејно починал во петокот  во казнениот логор, познат како „Поларен волк“. Според соопштение на властите, телесно заслабнатиот Навални по низата денови поминати во изолирана ќелија умрел при прошетка на екстремно ниски температури во дворот на логорот кој се наоѓа северно од Поларниот круг, а обидите за негово оживување биле безуспешни. 

Кремљ во меѓувреме соопшти дека истрагата за  смртта на Навални  продолжува. Властите одбиваат да го предадат неговото тело на неговата мајка и адвокатите, во што многумина гледаат само маневар за замачкување на трагите на убијците.