1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Скандал во Грција: Прислушувани се стотици луѓе

24 декември 2022

Сѐ подолга е листата на лица кои веројатно биле прислушувани од државниот апарат. Јавноста засега не реагира потресено. Прашање е дали скандалот ќе влијае на исходот на парламентарните избори во 2023 година.

https://p.dw.com/p/4LApI
Шпионскиот софтвер „Предатор“ користен за прислушување стотици лица во Грција
Шпионскиот софтвер „Предатор“ користен за прислушување стотици лица во Грција

Грчката полиција ги претресла канцелариите на израелската фирма „Интелекса” во Атина. Компанијата го оперира  нелегалниот софтвер за прислушување „Предатор”  кој во Грција од летоска се најде на насловните страници откако беше пронајден на мобилните телефони на новинари и политичари. 

„Најдоа три расипани столчиња и една расипана маса," вели Костас Ваксеванис, главен и одговорен уредник на весникот „Документо” кој е критички настроен кон владата. Притоа тој не успева да го потисне цинизмот во тонот. И покрај доказите, јавното обвинителство дури сега презело мерки. „Ова шоу го организираа девет месеца откако излезе на виделина работата со 'Интелекса'. Се разбира дека не најдоа ништо." За Ваксеванис тоа не е изненадување. Ретко кој во државниот апарат може да има интерес сериозно да го расветли скандалот со прислушувањето кој уште повеќе се шири. 

По првите извештаи за  нелегално прислушување на истражувачкиот новинар Танасис Кукакис, како и на шефот на опозициската Пасок од страна на грчката тајна служба, што се случило по налог на кабинетот на премиерот, Ваксеванис и неговиот тим на почетокот на ноември обелоденија и други такви случаи. Се работи за објавена листа со 33 имиња кои според „Документо” биле следени со помош на нелегалниот софтвер за прислушување. Меѓу нив се водечки членови на владата како грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас или министерот за развој Адонис Георгадис, медиумскиот могул и производител на бродови Евангелос Маринакис и поранешниот конзервативен премиер Андонис Самарас. 

„Документо” во меѓувреме ја прошири листата. Погодени се парламентарци, сопственици на звучни медиумски куќи, новинари, бизнисмени и лица во нивното опкружување. Впечатливо е што не се работи само за внатрепартиски или надворешни противници на премиерот Мицотакис, туку и за луѓе од доверба. „Се работи за стотици лица," одговара Ваксеванис на прашањето колку лица вкупно се погодени. Тој претпоставува дека владата собирала податоци за нив со кои тие би можеле да бидат предмет на уцена. Затоа и многумина официјално не се изјаснуваат, дури и ако телефонот им е инфициран со софтверот. 

Костас Ваксеванис, главен и одговорен уредник на весникот „Документо”
Костас Ваксеванис, главен и одговорен уредник на весникот „Документо”Фотографија: Florian Schmitz/DW

Комуникациска стратегија на сметка на критичарите? 

Иако скандалот во Грција наиде на одредена јавност, сепак големото згрозување изостана. „Владата се обидува кај народот да остави впечаток дека не се работи за нешто страшно," вели Ваксеванис за ДВ. Веќе три години тим за комуникации работи во т.н.Максиму, службеното седиште на премиерот. Тимот, според новинарот, работи со како што вели „валкани и истовремено одамна познати” техники. Штом се појават истражувања кои вадат на виделина сериозни пропусти во владата, тимот почнува да шири вести кои вниманието го влечат на теми како јавната безбедност или  кавгата со соседна Турција.  Освен тоа, новинари јавно се дискредитираат: „Повторно се обидува (владата, заб.на ред.) да предизвика впечаток дека откритијата се интрига. Кога го разоткривме скандалот Новартис во медиумите почнаа да шират дека не се работи за скандал, туку за истражување на некојси новинар кое е лошо направено и кое го поттикнала опозицијата", вели Ваксеванис. Тој бил вклучен во објавувањето на скандалот за Новартис кога на виделина излегоа зделки на високи по ранг грчки политичари и швајцарската фармаколошка компанија. Потоа следеше долга правна битка за која дури летоска беше пресудено во корист на Ваксеванис.

Расте загриженоста во странство

Владата ги отфрла обвинувањата дека има врска со „Предатор”. По објавувањето на првите 33 имиња, владиниот портпарол Јанис Иконому рече дека извештајот врие од приказни, а не испорачува ниту еден доказ. Сепак обвинувањата мора да бидат разгледани од грчките власти и правосудните органи, рече портпаролот. Ваксеванис и други новинари кои известуваат за темата, од тогаш чекаат на одговори. 

Скандалот со „Предатор” пред сѐ во странство предизвикува нелагодност. Меѓународни медиуми меѓу кои и „Њујорк тајмс” и францускиот весник „Ле монд”, редовно известуваат за развојот на настаните. Во извештај на комисијата Пега при Европскот парламент се појаснува дека во Грција се користи нелегалниот софтвер „Предатор” за да се шпионираат граѓаните. Пратеничката во ЕП од Холандија, Софи Т’Велд, која како известувач за Грција ги истражуваше проблемите со прислушувањето, изјави дека нема дефинитивни докази, но дека сѐ укажува на тоа оти членови на владата се инволвирани. Таа ги критикуваше и недостигот на подготвеност за соработка кај грчките власти. 

олкава ќе биде штетата од скандалот за премиерот Киријакос Мицотакис?
Колкава ќе биде штетата од скандалот за премиерот Киријакос Мицотакис? Фотографија: Justin Ng/Avalon/Photoshot/picture alliance

Внатрешна криза

Иако  притисокот за грчкиот премиер значително се зголемува,  неговата партија Неа Демократија и натаму е стабилна. Анкети од крајот на месец ноември покажуваат дека од објавувањето на скандалот речиси и да нема изгубено на поддршка и со нешто преку 30% останува најсилна опција. Димитрис Кристопулос, декан на Факултетот за политички науки при Атинскиот универзитет Пантеон, тоа го образложува со тоа што  населението повеќе се мачи со економската ситуација  отколку што се грижи за нелегален софтвер за прислушување. „Тоа просто не е најголемиот проблем за  луѓето во Грција.  Мислам дека скандал со прислушување во земја каде што има проблеми како нашите, не завзема толку значајно место", вели деканот. Дури и Никсон бил реизбран истата година кога беше објавена аферата „Вотергејт”. Тоа не значи дека владата нема претрпено штета, оценува Кристопулос. „Оваа влада го изгуби единството кое го уживаше во Европа и светот досега. Мицотакис веќе не може да си го сочува образот," вели деканот. Политикологот пред сѐ смета дека е заслабната позицијата на премиерот во рамки на сопствената партија. „До летото Мицотакис и неговиот тим ја диктираа политичката агенда. Таквата предност сега ја загуби." Но, Неа Демократија е отпорна и може да се опорави од оваа криза, оценува политикологот. За тоа да се постигне, можно е партијата и да се дистанцира од Мицотакис.