1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Руски избори во Украина: Милиони принудени на псевдогласање

АРД
16 март 2024

Луѓето во окупираните украински региони исто така се повикани да гласаат за избор на руски претседател. Владата во Киев зборува за „фарса“, Украинците јавуваат за притисоци.

https://p.dw.com/p/4dnZ6
Руски претседателски избори во окупираните области во Украина
Руски претседателски избори во окупираните области во Украина - ДоњецкФотографија: AFP

Кога Борис Бесубко од Полтава сака да ја чуе мајка си, не знае дали ќе успее. Таа живее во Доњецк, област окупирана од Русите и двајцата контактираат преку месинџер сервиси како Телеграм и Вибер.

Пристапот преку позаштитена врска е систематски нарушен од руските окупатори - овој пат функционира и пензионираниот учител се појавува на паметниот телефон. Таа не прифати руски пасош и начелно нема да учествува на  таканаречените избори во нејзината руска окупирана татковина, решително изјави: „Ова таканаречено гласање е веќе спроведено“, вели. „Само малку луѓе отидоа овде. Немаме избори на кои можете искрено да го изразите своето мислење. Овде тоа е невозможно".

Пред задолжителното гласање, низ целиот град Доњецк биле поставени плакати и слогани, продолжува Лариса, а нејзиното поштенско сандаче е полно со бесплатни весници со руска пропаганда.

Кулеба зборува за „понатамошна фарса“ од страна на Русија

Милиони Украинци во Русија и на  украинските територии окупирани од Русија  се принудени на псевдоизбори, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Настаните се уште една „фарса“ што Русија потоа ќе ја прогласи за одржани избори.

„Би сакал уште еднаш јасно да појаснам дека сегашната руска диктатура нема никаква врска со избори или демократија“, изјави Кулеба.

Руски претседателски избори Украина
Демократските земји не треба да го признаат илегалниот и противзаконски процес како изборен, апелира КиевФотографија: AFP

Украина апелира: Не признавајте лажни избори

„Симулираните  претседателски избори  се криминален чин во окупираните делови на украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон, Запорожје и на полуостровот Крим. Сето ова е уште едно бесрамно непочитување на меѓународното право," истакна Кулеба, апелирајќи до меѓународната заедница да не ги признае псевдопретседателските избори. Шефот на дипломатијата на Украина апелираше, меѓу другото, и до медиумите да ја избегнат илузијата за изборен процес.

Демократските земји не треба да го признаат илегалниот и противзаконски процес како изборен, ова го истакна и комесарот за човекови права на украинскиот парламент Дмитро Лубинец. Зашто, Руската Федерација потоа на меѓународната заедница ќе и` го каже следново: Дури и ако териториите беа незаконски освоени, Русија таму ја воспостави својата моќ. „Русија ќе каже: „Таму дури одржавме избори, таму се одржаа претседателски избори на Руската Федерација“.

Москва претставува поинаква слика

Во меѓувреме, руската пропагандна државна телевизија прикажа две очигледно задоволни жени од окупираниот Доњецк. Изборите се пред се за иднината на децата, вели едната. Републиката е на вистинскиот пат и  Владимир Путин  е вистинскиот човек што треба да биде избран. И втората исто така го пофали рускиот владетел: „Благодарение на Путин ја добиваме нашата пензија и во Доњецк е мирно и сѐ е добро“.

Украинскиот ополномоштеник за човекови права Дмитро Лубинец ова го оценува за искривена реалност и го истакнува окупацискиот притисок врз луѓето на териториите окупирани од Русија. „Проблемот е што луѓето на привремено окупираните територии се принудени да учествуваат на овој или оној начин“, објаснува Лубинец. „Многу е важно да правиме разлика на оваа одговорност".

Дали Русија само симулира учество?

И „Центарот на националниот отпор“ на украинската армија соопшти дека лажните избори се одвиваат под принуда, за што објави и примери на интернет. Со цел да се симулира високо ниво на учество, околу 100.000 Руси биле донесени на окупираните територии и снимени. Ќе гласаат и работници од Централна Азија без руски пасош, а лажните избори ќе се одолговлекуваат со недели, ограничувајќи ги правата на гласачите.

Се тврди дека луѓето се следени преку видео камери на избирачките места и принудени да учествуваат. „Ние немаме слобода на печатот или слобода на изразување“, повторува уште еднаш пензионираната учителка Лариса од Доњецк, нешто што одамна е документирано и од бројни украински организации за човекови права, како што е Змина. Лариса ја поддржува Украина, но не може слободно да се изразува во Доњецк, окупиран од Русија.

„Можам да разговарам само со луѓе за кои знам дека имаат роднини во Украина или се внатрешно раселени“, вели Лариса. „Затоа што имаме заеднички проблеми. Се грижиме за нашите роднини. Но, во нашата куќа живеат на пример и семејства на мобилизираните војници од руската армија. Со нив разговараме само за банални прашања, како греењето. Ништо повеќе."