1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со декларација од Скопје се бара забрзување на патот кон ЕУ

ДТЗ
11 септември 2023

Западен Балкан мора да остане на европската агенда и процесот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ да се забрза врз основа на заслуги – порачаа учесниците на самитот на процесот Брдо-Бриони во Скопје

https://p.dw.com/p/4WBmr
Брдо - Бриони во Скопје
Со декларација од Скопје се бара забрзување на патот кон ЕУФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Западен Балкан мора да остане на европската агенда и процесот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ да се забрза – ова е пораката на учесниците на самитот на процесот Брдо-Бриони во Скопје, во чиј фокус беше јакнењето на довербата меѓу земјите преку решавање на отворените прашања и унапредување на соработката, како и интензивирање на дијалогот со Унијата.

Лидерите на процесот, преку Декларација од Скопје, бараат забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ и се обрзуваат да го интензивираме стратешкиот дијалог со европските институции, со цел да се спречи занемарување на регионот. „ЕУ, како и Западен Балкан, треба да биде подготвена за проширување во најкус можен рок, но не подоцна од 2030 година за да се постигне оваа цел“, се наведува во декларацијата.

Тие ја канат ЕУ да го разгледа отворањето на патишта кои ќе му овозможат на Западен Балкан да пристапи кон специфични ЕУ политики, иницијативи и фондови.

„Во таа смисла, ја подвлекуваме итноста за користење на новата методологија на преговори со цел да се забрза процесот на пристапување кон ЕУ заснован на заслуги, како и да се осигура напредок на постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот уште за време на самиот процес на проширување“, се вели во декларацијата. 

Брдо-Бриони во Скопје
Учесниците на самитот на процесот Брдо-Бриони во Скопје бараат Западен Балкан да остане на европската агендаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Билатералните спорови не смеат да бидат пречка

Хрватска и Словенија можат да помогнат и остануваат едни од најголемите поддржувачи на Северна Македонија на патот кон ЕУ, порачаа претседателите на Словенија, Наташа Пирц – Мусар и на Хрватска, Зоран Милановиќ. Тие на прес- конференција со македонскиот претседател Стево Пендаровски, во својство на домаќини на процесот кој се одржа во Скопје, ги пренесоа нивните искуства од влезот во Унијата.

Тројцата претседатели се согласни дека билатералните прашања и спорови не треба да бидат пречка за процесот на- интеграција во Унијата.

„Да не се лажеме, Хрватите не платија голема цена и не одеа во војна за да остварат големи интеграциски цели, туку за да имаат сопствена држава, исто како и Словенците. ЕУ е одлично средство, но сама по себе не е цел и таа треба да се саморегулира“, порача Милановиќ. 

Дебаланс 

Претседателот Стево Пендаровски порача дека постои голем дебаланс помеѓу традиционалните критериум за влез во ЕУ и билатералните односи со најмалку двајца од нашите соседи. Пендаровски рече дека во последните три години има сериозен дебаланс во таа смисла затоа што билатералниот проблем со Бугарија ја покрива традиционалната европска агенда за пристапување.

„Се надеваме дека тоа час поскоро ќе се промени затоа што ако на Западниот Балкан инсистирате чисто билатералните спорови да бидат решени, особено ако се потпираат на историја и емоции, тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе кога било во ЕУ“, рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање. 

Брдо-Бриони во Скопје
Во фокусот на годинешниот состанок, покрај европските интеграции, се и климатските промени и иселувањето на младите.Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Повеќе брзини 

Во однос на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“, откако претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел им порача на земјите од Западен Балкан дека проширување на ЕУ ќе има до 2030 година, македонскиот претседател потсетува дека не станува збор за формален предлог.

„Во ЕУ долги години и децении постојат две и повеќе брзини. Украина и Молдавија не чекаа продлабочување, туку влегоа во ЕУ“, вели Пендаровски. Но, според него, нема причина за загриженост за Северна Македонија, за која што во овој момент е само важно да се движи што поскоро кон ЕУ.

Во фокусот на годинешниот состанок, покрај европските интеграции, се и климатските промени и иселувањето на младите. На состанокот се присутни и српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и членовите на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

„Србија, како и секогаш, останува доследна на своите искрени напори да создаде атмосфера на меѓусебна доверба, разбирање и почит, што го покажа преку бројни иницијативи кои отвораат големи можности за силна соработка меѓу земјите во регионот, во корист на сите кои живеат во Западен Балкан“, порача Вучиќ.

Процесот Брдо-Бриони првпат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ. Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи