1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Предупредување од Илон Маск – Твитер „лета“ кон банкрот?

ЖА / агенции
11 ноември 2022

Новиот шеф на социјалната мрежа стравува од масивни финансиски проблеми, не ја исклучува ни можноста од банкрот на Твитер во 2023 година. Маск има проблеми и со амерканските регулаторни служби.

https://p.dw.com/p/4JMxR
Илон Маск, сопственик на Твитер
Илон Маск, сопственик на ТвитерФотографија: Dado Ruvic/Illustration/REUTERS

Кратко по преземањето на Твитер за сума од 44 милијарди долари, милијардерот Илон Маскне ја исклучува можноста од несолвентност на интернет-платформата. Во идната година во билансот на Твитер може да се појави дупка од милијарди долари, предупредил тој во обраќање до вработените, како што пренесуваат американските медиуми. Доколку концернот не започне да заработува повеќе пари отколку што се издатоците, се заканува банкрот. 

Твитер бележеше црвено салдо уште пред да го преземе Маск, барем во последно време. Откако Маск го купи Твитер, се пожали на енормен пад на прометот, предизвикан од воздржаноста или целосно откажување на бројни компании и драстично намалување на обемот на реклами. Стравувањата на клиентите се дека нивната реклама би се појавувала покрај твитови со вулгарна содржина, ако Твитер, како што гласи најавата, ја разлабави својата регулатива во врска со содржината на пораките. Твитер освен тоа е оптоварен и со кредит во висина од 13 милијарди долари, подигнат од Маск за реализација на купувањето.

Маск смета дека во Твитер сѐуште владее голема превработеност,  иако минатата недела веќе најави укинување на половината од 7500 работни места. Економската ситуација е лоша, посебно за фирма која зависи од рекламни приходи, напиша неодамна Маск во меил до вработените, а тие во Твитер досега изнесуваа околу 90 проценти од приходите. За да го компензира падот на приходите од реклами, Маск реши да го зголеми приливот на пари од претплатата, па беше воведено плаќање од осум долари за верификација на профилите, која доведе до уште поголем хаос и поплава на лажни профили. 

Повеќе директори го напуштаат Твитер, меѓу нив се првите луѓе надлежни за приватност и усогласеност, оставка поднесол и Јоел Рот, одговорен за секторот за спречување на ширење на говор на омраза и дезинформации.

Федералната комисија за трговија соопшти дека ги следи случувањата во „Твитер“ со голема загриженост, предупредувајќи го Маск дека никој не е над законот.