1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПакистан

Пакистан ја нападна сепаратистичката милиција во Иран

ЖА
18 јануари 2024

По ракетните напади на ирански екстремисти врз негова територија, Пакистан возврати со ракетирање цели на сепаратистите во Иран.

https://p.dw.com/p/4bOoc
Пакистан нападна цели во Иран
Пакистан нападна цели во ИранФотографија: Tasnim

Два дена  по иранските воздушни напади, Пакистан возврати со напади врз цели во Иран. Цел биле милитантните сепаратисти и засолништа на терористите во Иран, соопшти Министерството за надворешни работи во Исламабад во четвртокот. Според иранските медиуми, повеќе ракети погодиле село во провинцијата Систан-Белучистан, која граничи со Пакистан, притоа се убиени три жени и четири деца, кои не се ирански државјани.

Во вторникот Иран,  според сопствени наводи, ракетирал база на милиција во Пакистан, која наводно е поврзана со Израел, при што биле погодени цивили и загинале две деца. Иран пак тврди дека мета на неговиот напад била милитантната група Џаиш ал-Адл, која ја смета за терористичка, а не пакистанските граѓани.

Пакистан му се закани на Иран со одмазда, а во средата го отповика својот амбасадор од Техеран.

Пакистан ја почитува сувереноста и територијалниот интегритет на Иран, истакна претставник на Министерството за надворешни работи во Исламабад, но единствена цел на изведената акција била обезбедување на сопствената сигурност и националните интереси.

Односите меѓу Пакистан и Иран и порано беа проблематични, но сегашните воздушни напади се сметаат за најтешките инциденти во изминатите години.

Во вторникот  Иран нападна и цели во Ирак и во Сирија,  повикувајќи се притоа повторно на неопходноста од самоодбрана. Целта, тврди Техеран, биле сириски позиции на екстремистичката милиција Исламска држава, која презеде одговорност за самоубиствените напади во иранскиот град Керман со околу 100 загинати на почетокот на месецот, како и централа на израелската тајна служба Мосад во Ирак.