1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богатите многу повеќе ѝ штетат на климата од сиромашните

ЕМФ | агенции
20 ноември 2023

Процентот најбогати луѓе во светот предизвикале штетни гасови колку пет милијарди луѓе на планетата, се вели во извештај на организацијата Оксфам.

https://p.dw.com/p/4ZCg3
Планета Земја
Богатите предизвикуваат многу повеќе штетни гасови за климатаФотографија: YAY Images/IMAGO

Од начинот на кој што живее еден човек, од неговиот личен приход и имот, зависи и обемот на штетите што тој ѝ ги нанесува на климата, покажува новата анализа на организацијата за развој Оксфам. Во 2019 година најбогатиот процент од светското население предизвикало стакленички гасови кои ја оштетуваат климата колку пет милијарди луѓе на планетата, стои во извештајот „Климатска еднаквост: планета за 99 проценти“ кој е претставен пред Светската климатска конференција на ОН, КОП28, која започнува на 30 ноември во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати.

Во Германија, во 2019 година, најбогатиот процент од жителите предизвикал вкупно 83,3 тони емисии на ЦО2 по глава на жител. Тоа е повеќе од 15 пати повеќе од посиромашната половина од германското население, која годишно предизвикува 5,4 тони ЦО2 по глава на жител.

Климатски промени – Земјата забрзано губи билиони тони мраз

Причината е поголема потрошувачка

„Преку својата екстремна потрошувачка, богатите и супербогатите ја поттикнуваат климатската криза, која со топлотни бранови, суши и поплави им се заканува на милијарди луѓе, особено во земјите со ниски приходи на глобалниот југ“, изјави референтот за прашања на социјална нееднаковст во Оксфам, Мануел Шмит. Екстремното богатство е клучна движечка сила за климатската криза.

Според извештајот, побогатите луѓе се однесуваат на начин значително поштетен за климата, на пример преку почесто патување со авион, поголеми куќи и, во екстремни случаи, луксузни вили, мега јахти и приватни авиони.

Најбогатиот процент од светското население во 2019 година вклучувало луѓе со годишен приход од над 140.000 американски долари Во најбогатиот процент од германското население се вбројуваат луѓе со годишен приход од над 256.000 евра (280.000 американски долари).

Оксфам бара нови даноци

„Оксфам“ соопшти дека е неопходно да се воведат нови даноци за концерните и компаниите кои ѝ штетат на климата, како и даноци за имотот и приходите на супербогатите.

Ова значително би ја зголемило финансиската рамка за премин кон обновливи извори на енергија. Исто така, постои потреба од „надминување на постоечкиот економски систем, фокусиран на стекнување профит, искористување на природните ресурси и начин на живот ориентиран кон потрошувачка“.