1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридскиот Регион останува на листата на УНЕСКО

ДТЗ
15 септември 2023

Одлуката ја донесе Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на состанокот во Ријад. „Останува статусот, но и препораките“, вели министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска

https://p.dw.com/p/4WNeZ
Охрид
Охридскиот Регион останува на листата на УНЕСКОФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Охридскиот Регион останува на листата за светско наследство на УНЕСКО. Одлуката е донесена на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија. „Останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување“, вели министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Препораките остануваат

Костадиновска-Стојчевска заедно со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова присуствуваа на сесијата во Ријад. Тие се задоволни што Комитетот ги уважил заедничките напори на Македонија и Албанија за зачувување на престижниот статус на светско наследство.

„Важноста на Охридскиот Регион е немерлива и трајна. Затоа, наша должност е да не го загрозуваме Охридски Регион, кој светот го препозна и ја верификува неговата уникатност, едно од 39. мешовити добра во целиот свет, односно 43. прекугранични добра“, истакна Костадиновска-Стојчевска на 45. сесија на Комитетот во Ријад.

Според неа, препораките кои треба да ги исполни земјата не се лесни. „За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските, централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните. Впрочем, обврските се точно адресирани. Многу работи од препораките ги имаме почнато, но останува нивната целосна реализација. Треба постојано да го имаме предвид фактот дека нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот Регион на листата на светско наследство во опасност“, посочила во обраќањето Костадиновска-Стојчевска.

Заштитата како приоритет

Северна Македонија, работејќи заедно со Република Албанија, е решена да обезбеди интегритет и автентичност на Охридскиот Регион и да го пренесе на следните генерации. „Заштитата на природата и на биодиверзитетот остануваат наша цел, како што е донесувањето Закон за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата и нов Закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – Споменик на природата“, порачува министерката Шукова.

За таа цел, експертските тимови на двете држави го изготвија Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, што се оценува како значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите кои имаат негативно влијание врз вредностите на регионот.

Одлуката следи откако УНЕСКО во својот извештај во 2021 година на 125 страници детално ги посочи сите неправилности околу грижата и заштитата на Охридското Езеро и во Северна Македонија и во Албанија. Во извештајот се бараше забрзано спроведување на десетици препораки упатени до властите во двете земји, уривање на веќе изградените дивоградби и безусловно почитување на мораториумот за градба на крајбрежјето.

Како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, во него се испрати јасна препорака, дека ако не се постапи како што е побарано Охридскиот Регион ќе биде ставен на листата на светско наследство во опасност.  Неколку месеци подоцна УНЕСКО им даде втора шанса на Македонија и на Албанија да се поправат. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема