1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Напади врз полицајци и пожарникари во новогодишната ноќ

СН | Тагесшау (АРД)
2 јануари 2023

На новогодишната ноќ, во Берлин и во други германски градови, полицајци и пожарникари кои ја извршуваа својата должност беа нападнати со огнометни ракети. Бидејќи имало многу вакви напади, се бараат контрамерки.

https://p.dw.com/p/4LdTQ
Огномет во Берлин за дочекот на Новата 2023 година
Огномет во Берлин за дочекот на Новата 2023 годинаФотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Германскиот синдикат на пожарникари бара пожарникарните возила да се опремат со камери, таканаречени, дашборд-камери. Тоа се мали камери кои често се поставуваат зад ветробранските стакла. Така подобро можат да се документираат таквите напади, соопшти синдикатот на пожарникари во Берлин и во Бранденбург.

Освен тоа, синдикатот потсети на камерите за тело, кои во моментов се тестираат. Според најновите наводи на берлинскиот сенат за внатрешни работи, пожарникарите и полицајците во главниот град се опремени со 300 такви камери. Тие се прицврстуваат на телото и се вклучуваат за време на извршување на задачите. Така би требало да бидат снимани и нападите на полицајците и на пожарникарите. „Незамисливо е тоа што нашите луѓе мораа да го доживеат во оваа новогодишна ноќ извршувајќи ја својата должност“, вели претседателот на покраинскиот синдикат за Берлин и за Бранденбург, Ларс Виг. Според службените наводи, во Берлин за време на новогодишната ноќ се повредени 33 полицајци и пожарникари.

Полицијата бара забрана за огнометни ракети и петарди

Синдикатот на полицијата во Берлин смета оти мора да се реагира далекусежно со забрана за огнометни ракети и петарди. „На овие луѓе ќе мора значително да им се отежне можноста за делување.“ А, синдикатот на пожарникари соопшти дека во врска со тоа „ќе мора добро да се размисли за наредниот дочек на Новата година“.

Отишле да го изгаснат пожарот и да спасат луѓе, но биле нападнати со пиротехнички средства
Отишле да го изгаснат пожарот и да спасат луѓе, но биле нападнати со пиротехнички средстваФотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Германскиот сојуз на пожарникари пред овие напади се изјасни за поостри постапки во случај на напади на овие службени лица. „Не ни требаат посторги казни. Сакам само овие казни да бидат спроведени“, вели Хајнц Бансе, претседател на Сојузот на пожарникари. „Неприфатливо е нашите луѓе да бидат загрозени, речиси прегазени, а тоа да се претставува како ситен прекршок.“

Бројни несреќи и казнени дела

По две години без огномет, поради корона пандемијата, оваа новогодишна ноќ во Германија ја засенија тешки несреќи и казнени дела со огнометни ракети, како и напади на пожарникари и на полицајци. Во Лајпциг еден 17-годишник тешко се повреди при употреба на пиротехнички средства и во болница им подлегна на повредите, соопшти полицијата. Со оглед на многуте напади на полицајци и на пожарникари, како и на бројни тешки несреќи при употребата на пиротехнички средства, сѐ погласни се барањата за општа забрана на огнометни ракети и петарди за приватните лица.

Берлинската полиција соопшти оти во новогодишната ноќ имало многу напади на полицајци и пожарникари. Според службените наводи повредени се 33 службени лица. Пожарникарите биле изненади „од големиот број и интензитетот на нападите“ на луѓе кои им помагале на други. На возилата се фрлани гајби за пиво и апарати за гаснење пожар, пожарникарите кои гаселе пожар се нападнати со пиротехнички средства, од пожарникарните возила се земани работи. Повеќе луѓе се тешко повредени од пиротехнички средства.

Огнометите го загадуваат воздухот

ЦДУ и ФДП се против општа забрана за пиротехнички средства

Политичарите од опозициската ЦДУ и владејачката ФДП се спротиставија на општата забрана за пиротехнички средства. Однесувањето на криминалците не смее да значи „оти и на бројни луѓе кои мирољубиво слават треба да им се забрани огномет“, изјави Торстен Фрај, пратеник на ЦДУ и ЦСУ. Општините веќе сега можат да забранат користење на пиротехнички средства на некои места, вели тој. „Тоа е разумно.“

Ларс Кастелучи, политичар од СПД, изјави дека насилството мора најостро да се казни барајќи „острина на првна држава“. А, неговиот партиски колега Дир Висе се изјасни за забрана на огномет во некои градски населби.