1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Измени на КЗ: Обвинителите во небрано за десетици предмети

ДТЗ
20 септември 2023

Измените на КЗ ги ставија во небрано обвинителствата и судовите. Се прават анализи колку измените би можеле да влијаат на случајот за масовното прислушување и на други десетина предмети

https://p.dw.com/p/4Wawj
обвинителство
Измените на КЗ ги ставија во небрано обвинителствата и судовите.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ излегува од куќен притвор, по стапувањето на сила на измените на Кривичниот законик, со кои обвинителството побара да се укине мерката која му беше изречена за предметот „Феникс“. Причината за тоа е што според обвинителството, не постои опасност од бегство, а истрагата за случајот продолжува. Но, со крајот на годината истекува законскиот рок за кривично гонење на Тодоровиќ за делото за коешто беше осомничен - злоупотреба на службената положба и овластување, согласно измените на КЗ коишто стапија во сила на 15 септември. 

Основачот на ланецот-маркети „Тинекс“ беше приведен во јуни, поради сомнеж дека додека бил на градоначалничката функција ја злоупотребил службената положба и овластување за проектот „Скопје 2014“. 

Прва одлука 

Ова е првата одлука која што навестува какви би можеле да бидат ефектите од измените во Кривичниот законик кои веќе неколку недели ја брануваат јавноста. Клучната новина во неодамна усвоените измени, коишто се  под лупа на Брисел и Амбасадата на САД во Скопје, е бришењето на ставот 5 од членот 353 на Кривичниот закон кој предвидува затворска казна од најмалку 5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот. По овој член се гонети голем број државни и владини функционери во изминатите години, а бројни случаи се уште се во тек. Со укинувањето на овој член, активните постапки ќе запрат, а неактивните ќе застарат. 

Владата во образложението наведе дека измените на членовите 353 и 394 од Кривичниот законик  кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба и овластување, се потребни затоа што станува збор за „реликти од казненото законодавство во поранешна Југославија“. Членот 394 го регулира ткн. „злосторничко здружување“ и со измените се предвидува максимална казна затвор до три години, место досега пропишаната максимална казна од 10 години. Поранешното СЈО водеше голем број постапки против поранешни функционери токму врз основа на овој член

Покрај предупредувањата не експертите дека со ваквите измени се зголемува ризикот од корупција, тргување со влијание и партиски пазарења и незадоволството на Врховниот суд што не бил консултиран во носењето на ваквите важни законски решенија, измените на КЗ ги ставија во небрано обвинителствата и судовите околу актуелните судски процеси коишто се водат.

Таргет - Тврдина судење
Судењето за „Таргет - Тврдина“ беше одложено поради потребата обвинителите да направат анализи колку измените би можеле да влијаат на случајот кој се води за масовното прислушување.  Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Се прават анализи, се одложуваат судења 

Тоа беше и причината за одложувањето на клучниот предмет на СЈО - „Таргет - Тврдина“, кој во вторникот беше одложен поради потребата обвинителите да направат анализи колку измените би можеле да влијаат на случајот кој се води за масовното прислушување.  

Обвинителството за организиран криминал со допис до Кривичниот суд побара време за да ги разгледа правните прашања кои произлегуваат од измените на КЗ и како тие ќе влијаат  врз правната квалификација на делата за кои се гонат обвинетите. Таква одлука треба да биде донесена до следното рочиште за 4 октомври.

Но, не е само овој случај во прашање. Со измените се засегнати десетици случаи за коишто обвинителите ќе треба да донесат одлука како ќе се постапува и дали ќе има преквалификација на делата. Укажувањата се дека со новодонесените измени на Кривичниот законик ќе настапи апсолутна застареност во 14 судски постапки иницирани од поранешното Специјално јавно обвинителство.  

судство
Можат ли истрагите за перење пари да ги одржат во живот подолго време предметите?Фотографија: Damien Meyer/AFP/Getty Images

Фокус на финансискиот криминал 

Дел од обвинителите за организиран криминал велат дека не се откажуваат од предметите, иако на повеќето од нив им се заканува застарување веќе од октомври. Тие сметаат дека имаат доволно алатки на располагање, но прашање е колку обвинителите се подготвени да се борат до крај за да ги завршат истрагите или случаите пред нивното застарување.

Соговорници од обвинителството сметаат дека злоупотребите на кои им се заканува застареност, треба да бидат шанса за обвинителите повеќе да се насочат кон финансискиот криминал и барање на одговори - каде завршиле злоупотребените пари. Тие сметаат дека секој обвинител мора да води и финансиска истрага за злоупотреба на парите, дело за коешто најчесто е потребно подолго време за да застари. „Ваквите истраги за перење пари ќе ги одржат во живот подолго време предметите“, посочуваат за ДВ извори од Обвинителството за организиран криминал.

Може ли да се одложи примената?  

Во меѓувреме иницијативата се најде и пред Уставен суд, откако измените на КЗ ги оспори претседателот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов.  Во неа се повикува на уставните одредби за владеење на правото, законите да важат подеднакво за сите, како и на потребата од заштита на државниот имот од злоупотреби на носителите на јавни функции.

Трајанов очекува Уставниот суд по службена должност да донесе времена мерка за одложување на примена на измените во Кривичниот законик до донесување конечна одлука за Иницијативата.