1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на двојната игра на Србија?

24 октомври 2023

Владеењето на Александар Вучиќ почива на клиентелизам и нерешавање на косовскиот проблем. Сликата на Србија на Запад, по шаблонот од деведесеттите, често останува мрачна и искривена.

https://p.dw.com/p/4Xz3Z
Александар Вучиќ и Олаф Шолц
Српскиот претседател Александар Вучиќ и германскиот канцелар Олаф Шолц во Њујорк на 18 септември 2023 година, на маргините на сесијата на Генералното собрание на ОНФотографија: Michael Kappeler/picture alliance/dpa

Дневниот весник од Цирих „Ноје цирхер цајтунг“ објавува текст со наслов „Србија мора да стави крај на својата двојна игра“, од новинарот Андреас Ернст. Во воведот се оценува дека Србија, како најважна земја од Западен Балкан, мора да ја преземе одговорноста за стабилноста на регионот, а во спротивно Европската Унија мора да повлече последици.

Авторот потоа пишува: „Србија, вечниот нарушувачки фактор, помошник на Русија кој му се нуди на Кремљ како порта за продор кон Европа. Србија се вооружува за војна за да го „врати Косово дома“. Србија, која сонува за 'српски свет' што ќе ги обедини сите Срби и затоа е подготвена да прифати уништување на соседните земји. Темна е сликата што ја имаат голем број европски земји за најголемата земја од Западен Балкан. И искривена. Но, искривената слика лесно се прифаќа, бидејќи одговара на шаблонот од деведесеттите“.

„Тоа беше време“, се сеќава авторот, „кога Милошевиќ се обиде да изнуди голема Србија од малата југословенска империја. Познато е дека не успеа. Но, денес времињата се поинакви: Србија е опкружена со членки на НАТО и на Европската Унија. Војниците на таа воена алијанса се стационирани во Босна и Херцеговина и Косово, а уште поважно е дека Србија е кандидат за членство во Европската Унија, макар и со сила“. 

Косово КФОР
Членови на КФОР во Приштина (јуни 2023 година)Фотографија: Arif Hudaverdi Yaman/AA/picture alliance

„Конфронтацијата меѓу Западна Европа и Русија на крајот доведе до тоа ЕУ да ја преиспита геополитиката и да сака да се прошири на исток. Со тоа се ограничува надворешнополитичкиот простор за маневрирање на претходните кандидати“, се оценува во текстот. „Всушност, ЕУ е далеку од тоа да биде блок, но таа врши значителен притисок врз членките и кандидатите да заземат линија на фронтот против рускиот напад врз Украина“.

Она што е најразлично во регионот од 1990-тите - искуството на крвавиот распад на Србите, но и на другите народи од регионот, им ја одзеде секоја желба за воени авантури. А, сепак Србија е проблем - не само за регионот, туку и за ЕУ“, пишува швајцарскиот весник. 

Србија според стандардите на Орбан 

Авторот потоа го анализира проблемот. Според него, Србија во последните десет години се претворила во илиберална демократија во која доминира автократски претседател. Тој потоа укажува на реваншистичкиот тон кој преовладува во земјата и кој го оневозможува нормализирањето на односите со Косово, како и добрите односи со соседите. Авторот на текстот како главен генератор на тие проблеми го посочува моделот на политичко владеење. Според него, по краткиот демократски пробив, односно по смртта на Зоран Ѓинѓиќ, следеле низа медиокритети на власт - а потоа на власт дошол Александар Вучиќ.

„Тој е техничар на моќта од прв ранг, кој го усоврши својот занает под Милошевиќ како министер за информации“, пишува Ноје цирхер цајтунг . Во текстот се наведува дека неговото владеење најкасно од 2017 година е неприкосновено, откако стана шеф на државата. „Оттогаш тој намерно ја реорганизира земјата по унгарски модел. Тоа е белградска варијанта на илиберална демократија, што значи: слаба поделба на власта, силна извршна власт, прилагодени медиуми. Тоа во голема мера е направено“. 

Виктор Орбан и Александар Вучиќ
Вучиќ на унгарскиот премиер Виктор Орбан му го подарува Орденот на Република Србија, Белград, 16 септември 2022 година.Фотографија: Darko Vojinovic/AP//picture alliance

Клиентелизмот како прв столб на власта 

„Централно место сепак има клиентелистичкиот систем на владејачката партија, кој допира длабоко во општеството и на мнозинството од населението му дава чувство дека некако профитираат од владеењето на Александар Вучиќ“, пишува швајцарскиот весник. Во тоа му помага солидниот економски раст, базиран на странски инвестиции, кои сметаат на стабилноста на системот .

Но, „клиентелизмот е само еден столб на легитимноста на системот на Вучиќ. Вториот е проблемот на Косово“.

Проблемот на Косово како втор столб на моќта

„Мнозинството Срби не се помириле со загубата на Косово, но во исто време знаат дека нема да можат да ја вратат таа област. Таа невротична растрганост отвора простор за квазиполитиката на владетелите. Проблемот пропагандистички се искористува, но не се решава. Вучиќ со години профитира од тоа. Дома, тој во драматични настапи ветува дека никогаш нема да го пушти Косово низ вода. Во исто време, тој ладнокрвно прави отстапки пред западните посредници, што всушност резултира со де факто признавање на новата држава. Тој ги исполнува овие отстапки или не, во зависност од моменталните интереси“, пишува Ное Цирхер Цајтунг .

„Таа двојна игра му стана втора природа со текот на годините. Со тоа добива време. Во исто време, никој не го поддржува повеќе од косовскиот премиер Албин Курти. Тој ги гледа „своите“ косовски Срби првенствено како безбедносен ризик и како петта колона на Белград. Затоа, тој одбива да им даде колективна самоуправа и се обидува да ги стави под контрола. Медиумската пропаганда на Белград со благодарност го прифаќа ова со ширење страшни приказни за „погроми“ и „етничко чистење“. И кој ќе донесе спас? Само Вучиќ“.

Александар Вучиќ и Албин Курти
„Бакнежот“ на Вучиќ и Курти на сликата на уметничката од Приштина Ермира Мурати, која поради тоа добила заканиФотографија: Fatos Bytyci/REUTERS

Западната дипломатија како трет столб на власта

Третиот столб, според авторот на текстот, е дипломатијата на Брисел и Вашингтон, кои веруваат дека преку Вучиќ конечно ќе го решат проблемот со Косово. И покрај критиките од опозицијата, дипломатите од Вашингтон и Брисел повеќе би сакале да склучат некаков договор со доминантната фигура, отколку да чекаат со скрстени раце тој тој не ја напушти власта. А, на Вучиќ, посочува авторот, му е јасно дека отстапките би ја загрозиле неговата позиција, па затоа претпочита да го држи отворен косовскиот проблем.

На крајот, текстот сугерира на Вучиќ да му се даде избор - да го спроведе Охридскиот договор или да се откаже од пристапот до европските фондови. „И ако Србија продолжи дестабилизирачки да се меша во околностите на Косово, треба да се преиспита укинување на пристапот до безвизната шенген зона за граѓаните на Србија.

Авторот Андреас Ернст забележува дека истите правила треба да важат и за Приштина и нејзиното одбивање да воведе делумна автономија за општините со српско мнозинство десет години по потпишувањето на Бриселскиот договор.

На крајот се наведува предусловот за вистинскиот пристап на Србија кон Европската Унија: „Претпоставката за тоа е да се растури системот на Вучиќ. Пред се, мора повторно да се воспостави слободата на медиумите, за повторно да се артикулира автентичната српска јавност“. Заклучокот гласи: „Србија мора да одлучи. За таа да го направи тоа, алтернативите би требало јасно да и бидат претставени“.

Косово
Припадник на косовската полиција пред портата на манастирот Бањска, 20 септември 2023 годинаФотографија: Erkin Keci/AA/picture alliance

„Брутално, варварско, животинско“

Католичката информативна агенција (КНА) дава анализа за вооружениот конфликт кај манастирот Бањска и последиците од него. Романскиот професор Раду Преда од Универзитетот Бабес Бољај, како соговорник во текстот, ја нарече „брутална, варварска, животинска“ борбата за идентитетот на албанското мнозинство и српското малцинство во Косово.

Агенцијата го цитира професорот: „Нема повеќе засолниште за косовските Срби. Тие буквално и симболично се закопуваат во верскиот идентитет на православната црква“. Преда додава дека многу Срби црквата ја гледаат како „последна тврдина на идентитетот, којшто државно веќе не е застапен“.

Романскиот професор заклучува дека тоа е сведоштво за очајничкиот ефект на политиката: „Ако црквата за некои е последното прибежиште, тоа е политичко фијаско, катастрофално сведоштво. Треба да има посилна и позрела политика од двете страни, а тоа очигледно не е случај ниту во Србија, ниту во Косово“.