1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски - Рама: Да се фокусираме на Берлинскиот процес

ДТЗ
6 јули 2023

ЕУ нема да е целосна додека граѓаните од Западен Балкан не добијат пасоши со знамето на ЕУ. Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ, но е процес кој ќе обезбеди побрза интеграција, порачаа Ковачевски и Рама

https://p.dw.com/p/4TU6R
Ковачевски и Рама
Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ, но ќе обезбеди побрза интеграција, сметаат Ковачевски и Рама Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ЕУ нема да е целосна и успешна додека граѓаните од Западен Балкан не добијат пасоши со знамето на ЕУ, порачаа во Скопје македонскиот и албанскиот премиер Димитар Ковачевски и Еди Рама. Изразувајќи надеж дека двете земји што поскоро ќе имаат можност да се радуваат на нови заеднички успеси, но и на членството во ЕУ, тие порачаа дека на земјите од Западен Балкан им претстои сериозна работа.

Во пресрет на Берлинскиот самит кој треба да се одржи во Тирана, тие констатираа дека овој процес не е замена за членството во ЕУ, но е процес кој ќе обезбеди побрза интеграција на земјите од регионот. Двајцата премиери се децидни дека во наредниот период треба фокусот да биде ставен на Берлинскиот процес, но да не се заменаруваат придобивките од Отворен Балкан.

Во однос на прашањето дали Отворен Балкан е „жив“, Ковачевски порача дека оваа приказната не е завршена, „Отворен Балкан“ даде многу опипливи резултатите. Тој не ја заврши својата мисија, со оглед на тоа дека се залага за истите цели како и Балканскиот процес, кој е многу поширок“, рече Ковачевски. 

„ЕУ има потреба од нас“

„Дојде време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на економиите и на регионот во целина, што ќе доведе до забрзан регионален економски раст и развој“, согласни се двајцата премиери. 

„Пред нас имаме уште една одлука - тоа е усвојувањето на уставните амандмани во Собранието.Се надевам дека Собранието ќе биде на ниво на задачата и да можеме да се придружиме на европското семејство. Постојат различни интереси, различни калкулации кај партиите, нема да биде лесно. Но, мора да се донесе храбра одлука“, порача Ковачевски на заедничката прес-конференција во Скопје. 

И Рама е дециден : „Европската Унија има потреба од нас, онолку колку што ние имаме потреба од неа“. 

Еди рама, премиер Албанија
„Европската Унија има потреба од нас, онолку колку што ние имаме потреба од неа“. вели Еди РамаФотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Продлабочување на соработката

Претходно на тет-а-тет средба, Ковачевски и Рама разговараа за придобивките од Берлинскиот процес, интеграциите во Европската Унија, како и важноста од натамошно зацврстување на билатералната соработка меѓу двете соседни земји, кои се членки на НАТО.

Тие се согласија дека евро-интегративните процеси на двете земји и важноста од недвосмислена посветеност е клучна во овие моменти на силни геополитички превирања, сè со цел земјите да станат полноправни ЕУ членки до 2030 година. На билатералната средба е дискутирано и за состојбата во соседните земји на што од страна на македонската делегација е нотирано дека како непосредни соседи на Косово и на Србија, се повикува на деескалација на состојбите и имплементација на Договорот кој Србија и Косово го постигнаа на 27 февруари во Брисел, и посебно на договорот постигнат во Охрид за патот кон нормализација на односите.

Посетата се случува осум месеци по меѓувладината седница на владите на Северна Македонија и на Албанија на која беа потпишувани договори и меморандуми од страна на министрите на двете влади со цел продлабочување на соработката меѓу двете земји. Трендот на раст на трговската размена со Албанија има тенденција за натамошен раст. Во 2022 година извозот од Северна Македонија кон Албанија изнесувал над 102 милиони евра, што е раст од 7 отсто во однос на 2021 година и раст од 40 отсто во однос на 2019 година.

Ковачевски денеска беше домаќин на албанскиот премиер, Еди Рама, во рамките на неговата балканска турнеја. По Скопје, Рама заминува за Приштина каде што ќе се сретне со претседателката на Косово, Вјоса Османи. Потоа Рама ќе го посети и Сараево каде што ќе има средба со претседавачката со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто. Балканската турнеја албанскиот премиер ќе ја заокружи со посети на Подгорица и Белград и средби со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и со српскиот претседател Александар Вучиќ.