1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе пие шампањ, а кој вода на шведската маса на Мицкоски

1 мај 2024

Мицкоски го брка Ахмети од шведската маса без да знае како ќе го состави гочливиот владин коктел со кој ќе наздрават коалициските партнери. Пишува Соња Крамарска.

https://p.dw.com/p/4fNiu
Сите карти по изборите на 8 мај ќе бидат во рацете на Христијан Мицкоски (со подигната рака на фотографијата ја слави победата во првиот круг на претседателските избори)
Сите карти по изборите на 8 мај ќе бидат во рацете на Христијан Мицкоски (со подигната рака на фотографијата ја слави победата во првиот круг на претседателските избори)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Меѓу првиот и вториот круг на претседателските избори, и парламентарните избори на 8 мај, неочекувано изби меѓупартиска војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои некогаш важеа за цврст „пар“ во политиката. Конфликтот не е за принципи, туку за поделба на колачот од власта на која претендираат по изборите на 8 мај. Христијан Мицкоски отиде во липковскиот крај да им каже на Албанците: „Додека Артан се вози со скапи автомобили погледнете како живеете вие во липковско и во кумановско“. На Ахмети, пак, му порача дека „играјќи си со судбината и маките на неговиот народ стигна до милионски имот и дворци во Зајас“, притоа задевајќи го дека ќе ја заврши кариерата како криминалец. 

Ахмети, пак, му возвраќа да не се плаши од УЧК затоа што УЧК ја спасиле Македонија. Тајмингот во кој духот на УЧК се враќа во ДУИ говори дека или Ахмети е решен по секоја цена да ја брани својата позиција во власта или сака политички да ги обезвредни конкурентите од ВЛЕН како незаслужни за интегрирањето на Албанците во општеството. Но, тоа ќе биде малку тешко со оглед дека таму седат и некои негови довчерашни сопартијци.

Ако ДУИ за првпат од формирањето дејствува како опозиција (не сметајќи го краткиот период кога Груевски во 2006 не ги зеде во влада), прашањето е како ќе се однесуваат без да ја имаат закрилата на власта. Дводецениското присуство во власта значи дека нивните инсталации, пред се во безбедносните структури, се силни и распространети, што ќе им дава можност да имаат информации од прва рака за безбедносните процеси во државата. Ако некој сака да дестабилизира тоа е погоден инструмент, па така опозициското дејствување е одлична прилика ДУИ и Ахмети и како опозиција да ги демонстрираат своите омилени слогани дека тие се фактор на стабилноста на државата. И, најпосле, ќе видиме и дали извиците „УЧК“ среде Скопје беа емоционален излив или скриена закана да не им се зема власта. 

Недопирливиот Али Ахмети

Инаку, 20 години учество во власта на ДУИ и дадоа незамислива моќ, каква што немала ниту една партија досега во политичката историја на Македонија. Самиот Ахмети важеше за некрунисан крал на Албанците во Македонија без кого не можеше да се преземе ниту еден чекор во владата. ДУИ во неколку наврати се соочуваше со фракционерски борби во сопствените редови. Во 2015 се отцепи Г’зим Острени и ја формираше партијата Унитети (Единство), но оваа партија немаше успех на парламентарните избори и по само две години згасна. Минатата година, пак, измина во знакот на „Огнената група“ во ДУИ на Изет Меџити која потоа доживеа мал раскол но успеа да прерасне во опозициска структура во албанскиот етнички камп.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети важеше за некрунисан крал на Албанците во Македонија без кого не можеше да се преземе ниту еден чекор во владата.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети важеше за некрунисан крал на Албанците во Македонија без кого не можеше да се преземе ниту еден чекор во владата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Но додека долу вриеше, ништо не можеше да го поремети мирот во канцеларијата на партискиот шеф Ахмети. Тоа му додели ореол на недопирлив како внатре во партијата, така и на политичката сцена бидејќи успеваше да се снајде во коалиција и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ. Со СДСМ, двапати и тоа од 2002 до 2006 и од 2017 до 2024 и еднаш со ВМРО-ДПМНЕ, од 2008 до 2017. Времето поминато со двете партии е горе-долу исто, а искуствата ги знае самиот Ахмети. Но она што може да го научи сега е дека доверливоста и блискиот однос што ги имаше со Груевски, сега нема да ги има со Мицкоски. И дека дојде време да го плати цехот кон ВМРО-ДПМНЕ за 2017 кога помогна да ја изгубат власта.

Мицкоски барем според изјавите што ги дава досега, се покажа како тврд орев за Ахмети. Таа комоција ја црпи од очекувањето дека неговата партија ќе биде голем победник на парламентарните избори на 8 мај. Можеби нема да стигне до 61 пратеник, но нема да биде ни со бројка на пратеници која ќе го однесе на жртвениот олтар пред Али Ахмети како што тоа им се случи на Заев и на Ковачевски.

Значи сите карти ќе бидат во рацете на Мицкоски. „Македонија не е ниту федерација, ниту бинационална држава“, изјави тој по пораките од ДУИ дека тие се вистинските претставници на Албанците и другите заедници во земјава и дека треба да бидат дел од владата и по изборите на 8 мај. Возврати и дека „според демократијата, оној што има 61 пратеник и парламентарно мнозинство ја формира идната Влада“. „Политиката не треба да се гледа како шведска маса па ДУИ сега ќе земе малку од СДСМ, па од ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ очекувам да биде опозиција за неколку недели од денеска. Не знам за кој Мајски договор зборува ДУИ“, рече тој.

Но, додека се загрева предизборната атмосфера пред 8 мај оваа вербална пресметка изгледа само како Мицкоски да го брка Ахмети од шведската маса без да знае како ќе го состави гочливиот владин коктел со кој треба да наздрават коалициските партнери.

ЗНАМ против Пендаровски 

ДУИ нема многу асови во ракавот, доколку се остварат предвидувањата за победа на ВМРО-ДПМНЕ. Засега тие се темелат врз резултатот од првиот круг на претседателските избори и симулацијата дека добиените гласови значат 53 пратеника за најголемата опозициска партија. Со оглед дека на ВЛЕН им се предвидуваат 12 пратеници а на ЗНАМ 10, тоа значи дека на ВМРО-ДПМНЕ ќе и недостасуваат пратеници за двотретинско мнозинство. 

Дали Максим Димитриевски (во средина) и неговата партија ЗНАМ се сѐ поблиску до коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Дали Максим Димитриевски (во средина) и неговата партија ЗНАМ се сѐ поблиску до коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Но и тоа се најоптимистички сценарија бидејќи самото формирање влада си носи свои предизвици а тука се и уставните измени за кои албанската опозиција се залага да се направат, а ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ се против. Африм Гаши од Алтернатива веќе се гледа како дел од власта, па дури и навести дека ќе добијат „институции од секторот за внатрешни работи кои се одговорни за санкционирање на криминалот и корупцијата“. Тоа го отвара прашањето дали за првпат ќе гледаме реваншизам во албанскиот етнички кампус при смена на партија на власт, бидејќи изјавата на Гаши отвора простор за алузија дека ќе гонат криминални структури од ДУИ. 

Како и да е, извесно е дека Македонија од наесен ќе има нова влада. Ако се суди според настапот на Максим Димитриевски (30.04.2024), тој е сѐ поблиску до коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Читано меѓу редови, кога рече дека уште во 2022 година се извинил на граѓаните за поддршката што му ја дал на Пендаровски, тој иако не им кажа на неговите избирачи за кого од кандидатите да гласаат во вториот круг, со тоа јасно посочи дека не сака гласовите да отидат за Пендаровски. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

DW Nordmazedonien Sonja Kramarska PROVISORISCH
Фотографија: privat
Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар