1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тему во освојувачки поход

Тимоти Рукс
23 март 2024

Платформата за онлајн продажба Тему набрзина освои голем дел од светот и зазема голем удел во пазарот. Еден од главните предизвици е претворањето на еуфоријата во профит.

https://p.dw.com/p/4d1Dg
Платформата за онлајн продажба Тему од Кина
Платформата за онлајн продажба Тему од КинаФотографија: Jakub Porzycki/NurPhoto/picture alliance

Како и секој младинец во раст, и Тему си има свои болки. Но, листата на поплаки против ултра евтината  шопинг платформа  од Кина е многу долга. Западните експерти прво беа загрижени за податоците кои платформата може да ги собере од нејзините корисници. За да ги смири обвинувањата за вмешаност на кинеската влада, сопственикот на Тему, ПДД Холдингс, своето седиште го префрли во Ирска, а Тему се префрли во Бостон. Сега на површината се појавија нови проблеми. Тешко е да се избегнат рекламите со кои компанијата „бомбардира" во последно време. Тему се појави и на овогодинешниот Супербоул во САД со уште една реклама „купувај како милионер“ која можеше да се види повеќе пати. Минатата година тие потрошија 1,7 милијарди долари за реклами, според пресметките на ЈП Морган Чејз. Годинава очекуваат сумата да достигне три милијарди. Од септември 2022 апликацијата е достапна и во САД и брзо стана најмногу симнувана апликација со 4,5 милиони активни корисници само во првиот месец онлајн. Освен во САД, Тему минатиот месец беше најмногу симнувана апликација и во Велика Британија, Франција и Германија.

Електроника, небезбедни играчки и фалсификати

За разлика од Амазон  и Заландо и многу други онлајн продажни места,  Тему ги крати посредниците и купувачите директно ги поврзува со производителите во Кина. Нарачаната стока потоа се праќа директно од кинеските фабрики или складишта дома до купувачите. Брзата испорака, или испорака уште истиот ден, се чини дека не е пресудна на Тему, туку ултимативната цел на корисниците е најниската можна цена, за која се подготвени да чекаат и недела или две на нарачаното.

Тему  Кина
Милиони портокалови пакети порачани преку Тему со авиони стигнуваат од Кина Фотографија: Nikos Pekiaridis/NurPhoto/picture alliance

„Ова изгледа неодржливо затоа што се чини дека Тему користи стратегија за пенетрација за преку ниските цени да се здобие со удел во пазарот," вели Брус Виндер, автор и аналитичар за малопродажба од Торонто, кој компанијата ја следи од самото појавување. Компанијата ќе мора да реагира и на лавина рекламации поради дефектна електроника, небезбедни играчки, евидентни фалсификати на брендови и изгубени пакети. Виндер очекува дека ваквите критики ќе се зголемуваат со растот на компанијата и посочува дека таа ќе мора да превенира такви прашања, ако сака да преживее на долг рок. „Со одговарањето на таквите предизвици, ќе има и дополнителни трошоци што може да ги зголеми и цените," вели тој за ДВ.

„Поплава“ од портокалови пакети

Во САД и Европа цариниците гледаат доста портокалови пакетчиња од Тему. Според Ројтерс, Тему испраќа околу 4 илјади тони стока од Кина дневно во цел свет. За да може логистички да го изведе тоа, Тему зафаќа голем дел од расположливите авио-карго капацитети.

Тоа пак ги крева цените и доведува до недостиг на капацитети на одредени рути. Минатиот јуни Комитетот на Долниот дом за Кинеската комунистичка партија објави интерен извештај во кој се вели дека Тему и Шеин дневно испраќале речиси 600 илјади пакети во САД во склоп на правилото „де минимис", според кое повеќето производи под 800 долари може да бидат увезени без давачки.

Тие пресметаа дека повеќе од 30 проценти од сите пакети увезени во САД под ваквото правило се припишуваат на двете компании. Тоа е луксуз кој на многу други не им следува. Во 2022 брендот за облека ГАП мораше да плати 700 милиони долари царини, а Х&М 205 милиони, затоа што своите производи ги носат во контејнери, а не индивидуално спакувани.

Под радарот на ЕУ

Во ЕУ само пакети со вредност под 150 евра може да бидат увезени без царини. Во 2022 година речиси милијарда царински декларации беа пополнети за стока од ниска вредност, според податоци на ЕК. Прелиминарните бројки покажуваат дека ставката е зголемена на две милијарди минатата година. За властите е просто невозможно да држат чекор со постојано растечкиот обем на пратки. Згора на тоа, во многу случаи се работи за измама. „Проценките покажуваат дека 65 проценти од пратките кои влегуваат во ЕУ намерно се декларирани со помала вредност за да се користи предноста што ја носи исклучокот на сметка на европските фирми," пишува ЕК во мај 2023 година, без притоа да наведе конкретна компанија. Некои фирми пак не наведуваат пониска вредност, туку едноставно ги делат нарачките во повеќе пакети за да останат под ограничувањето од 150 евра по пакет, со што настануваат уште поголем број пратки.

Удел во пазарот по секоја цена?

Сепак преполните авиони и камиони со пратки не ја доловуваат целосната слика. Всушност по иницијалниот бран околу Тему, нештата можно е да се смируваат. Според Статиста, германска фирма специјализирана за анализа на податоци, кулминацијата на симнување на апликацијата била достигната во октомври минатата година, а од тогаш бројот на месечно ниво глобално се намалува. Продажбата во јануари 2024 бележи раст од 805% во споредба со истиот период лани, што е енормен раст. Но, и продажбата опаѓа, според податоци на Блумберг (Bloomberg Second Measure), според кои во декември продажбата се намалила за 12.5%, а во јануари за 4.8% споредено со претходниот месец.

Да се придобие вниманието на нови купувачи исто така е отежнато, бидејќи Тему ги навлекува со најниската можна цена, а експерти сметаат дека фирмата со тоа е во загуба со секој производ што го продава само во обид да се добие што поголем удел во пазарот, па некои предвидувања се дека платформата наскоро ќе почне да гравитира кон поскапи производи.

Брус Виндер смета дека предизвиците се многу побазични и дека „во следните неколку години Тему ќе се обиде да стекне легитимитет на глобалната сцена справувајќи се со темите како заштита на податоците, еколошка одржливост, права на интелектуална сопственост и социјални прашања како условите за работа во фабриките."

Без разлика на сите критики, на крајот корисниците ќе пресудат дали Тему ќе биде успешна приказна, или пак скап бизнис експеримент.