1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Имаат ли ефект санкциите против Русија?

Франк Ајхман (АРД)
25 февруари 2023

Кремљ ликува - и покрај масивните санкции од Западот, изостана колапс на руската економија. Оценка на експерти е дека казнените мерки дејствуваат, иако досега не ја постигнаа целта.

https://p.dw.com/p/4Npy1
Кремљ, Русија Москва
Кремљ, Москва, РусијаФотографија: ALEXANDER NEMENOV/AFP/Getty Images

Против ниедна земја во светот во моментов нема толку многу санкции како против Русија: уште пред војната имаше 2500, а потоа се надополнија уште преку 11.000. Тие се воведени од страна на Европската унија, државите од Г7, Австралија и Швајцарија. Насочени се против одделни личности, економски гранки или против земјата, педантно следени на пример од онлајн платформата Castellum.AI.

Повеќе од илјада странски фирми ја напуштија Русија во текот на една година. Пред неколку дена рускиот претседател Владимир Путин им ја упати оваа порака: „Сѐ најдобро! Го напуштивте нашиот пазар, ќе претрпите енормни загуби. Тоа е ваша одлука.“ Ако некој верува дека „кај нас сѐ ќе се распадне и ќе пропадне - не, ништо не се распадна или пропадна“, додаде Путин.

„Листа на срамот“

Стоките, услугите и производите произведени во Русија се „предмет на нашата национална гордост. Овие продукти и услуги не само што ќе бидат успешни на нашиот, туку секако и на меѓународните пазари“, порача Путин.

Многу западни компании и натаму се активни во Русија

Притоа, не станува збор за комплетно повлекување на западни фирми од Русија.

„Листа на срамот“, составена од професорот по економија Џефри Зоненфелд од Универзитетот Јејл во САД, дава преглед кои фирми си заминаа, кои паузираат или се уште активни во Русија.

Драстичен пад на бројот на туристи

Во рускиот главен град на пример, западните санкции на прв поглед за туристите не се видливи, логото на многу западни синџири е заменето со многу слично, но домашно. Притоа, туризмот е еден од проблемите: бројот на странски посетители е паднат за 96 проценти. Наместо пет милиони во годината пред коронавирусот, лани, поради санкциите, а и поради ригорозните анти-Ковид ограничувања во Кина, во Русија стигнале само 200.000 посетители, според официјални бројки на Рускиот туристички сојуз.

Русија со сенишна флота го заобиколува нафтеното ембарго

На постојано издолжуваната листа на санкции воведени од ЕУ се наоѓаат машини и возила, луксузни стоки и оружје, висока технологија, опрема за авиосообраќај и вселенски летови или експлоатација на нафта. Табу се и економски проверки, ИТ- и даночни советувања или реклами. Европскиот воздушен простор е затворен за руските авионски компании, патиштата за повеќето руски и белоруски шпедиции. Централната банка и најголем дел од деловните банки се исклучени од меѓународниот платен промет.

Недостига техника во енергетскиот сектор

Лани, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со овој пример, кој призвучи чудно, ја илустрираше успешноста на санкциите: „Руската војска вади комјпутерски чипови од машините за миење чинии и фрижидерите и ги вградува во воените апарати, зашто веќе нема полупроводници.“

Санкциите дејствуваат бавно, но дејствуваат, вели експертот за Русија, Ерик Војт, од диселдорфскиот Сивик-институт: „Тоа го гледаме во енергетскиот сектор, во кој полека се исцрпуваат старите наоѓалишта на нафта, а нови не можат да се отворат, зашто поради санкциите недостига техника. Русија е тука многу зависна.“

Втор пример е автоиндустријата. „Компоненти како АБС или ербегови не се веќе на располагање. Тоа значи на пример декаРусија ги снижува стандардите, се размислува на враќање кон Еуро-2 нормата, која во Германија важеше во 1990-те години.

Голем минус во државниот буџет

Производството на автомобили лани во Русја се намалило за 70 проценти, што е историско дно. Се чини функционираат и во повеќе наврати заострените санкции во поглед на нафтата: државниот руски буџет во јануари имаше минус од 23 милијарди евра, беа продавани државни златни резерви. Сепак:руската економија се покажа како поробустна отколку што се очекуваше на почетокот на санкциите. Колку значи беа ефикасни санкциите?

Експертот за Русија Војдт смета дека досега тие не беа многу успешни.

„Тие предизвикаа големи загуби во стандардот на населението, додека високиот слој, олигарсите, богатите и сега можат да си дозволат западни производи. Тие пронаоѓаат можности за патување ако не се наоѓаат на листата на санкции, иако и во неа има доста исклучоци.“ И руската влада очигледно нема намера да го промени својот курс.

„Путин актуелно не дозволува да биде поколебан од санкциите“, смета Војт. Од западен аспект,санкциите уште не го постигнаа посакуваниот успех: крај на руската агресорска војна против Украина.