1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И со скратени плати паричниците на функционерите се подебели

ДТЗ
22 март 2024

Владата ги намали коефициентите за функционерските плати, но големиот јаз меѓу примањата на 157 „привилегирани“ и работниците од друга страна и понатаму останува.

https://p.dw.com/p/4e1Jw
паричник
И со намалени коефициенти паричниците на функционерите се подебелиФотографија: Micha Korb/picture alliance/dpa

Владата ги намали коефициентите за функционерските плати, но големиот јаз меѓу примањата на 157 „привилегирани“ и работниците од друга страна и понатаму останува. Коефициентите за функционерите што ги именува Владата се намалуваат за 12,8 проценти. Според Одлуката објавена во Службен весник, коефициентите за функционерите што ги назначува Владата сега се движат од 1,91 до 3,48.

Станува збор за корекција на платите на генералниот секретар на владата, владиниот портпарол, националните координатори и нивните заменици, директорите на управите, на инспекторатите, на бироата, државните комисии, агенциите, заводите, фондовите, директорите на затвори. 

Плати околу 2.000 евра 

Најнискиот коефициент од 1.91 е за замениците директори на одредени агенции, а највисок од 3,48 има директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Зад него со 3.40 е националниот координатор за следење на реализација на програма на Влада и претседателот и членовите на инспекцискиот совет. Коефициент над 3 имаат и генералниот секретар на Владата, директорот на технолошко-развојните зони, заменик-директорот на АНБ, директорот на Агенција за странски инвестиции и неговиот заменик. И покрај корекцијата, нивните плати и понатаму се високи во споредба со просечната плата нето-плата која во јануари годинава достигна до 650 евра или 39.542 денари. Платите на функционерите, пак, во зависност од стажот и работната позиција, се движат околу 2.000 евра. 

Со одлуката на Влада не се опфатени директорските места на институции, како АЕК, М-Нав, Агенција за државни патишта, ЕСМ, МЕПСО, ПИОМ чии примања се уште повисоки. 

плата
Владата ги намали коефициентите за функционерските плати, но големиот јаз меѓу примањата на 157 „привилегирани“ и работниците од друга страна и понатаму останува. Фотографија: Colourbox

Законски измени 

Корекцијата на коефициентите за плата следи откако лани со одлука на Уставниот суд се отвори простор за зголемување на функционерските плати за 78 проценти. По бурните реакции во јавноста, коишто го пробудија и незадоволството на синдикатите, Владата и партиите најавуваа дека со законски измени ќе се најде начин да се скротат функционерските плати. 

Собранието на крајот на февруари, на предлог на владејачкиот СДСМ, донесе измени на шест закони со кои им ги намали коефициентите на избраните и именуваните функционери. Со законите се опфатени 1 060 избрани и именувани лица како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

Тоа ја повлече и одлуката на Владата за намалување на коефициентите на платите на функционерите избрани или именувани од Владата. „Законите коишто се носат во Собранието се обврска да се спроведуваат, а Владата има обврска да спроведува закони. И она што е моја надлежност како премиер и на Владата како институција е соодветно да реагира на законските решенија навремено за да не оставите простор да дојдете во ситуација на крајот на месецот поради овие формални работи да не можете да исплатите плата на вработените. Од таа причина, значи усогласување на коефициентите на лицата коишто се во рамки, во надлежност на Владата се усогласени со законските решенија“, изјави деновиве техничкиот премиер Талат Џафери.

Но, одлуката за намалување на коефициентите наиде на неодобрување во судскките кругови. Советот на јавни обвинители пред Уставниот суд ги оспорува законските измени со кои се намалуваат коефициентите на платите на функционерите. Советот смета дека намалувањето на коефициентите е неуставно и политички мотивирано и дека платите на обвинителите се заштитени со закон.