1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГрција

Грчката трагедија и македонскиот случај

10 март 2023

Тоа што нашите политичари не го разбираат, е дека не е потребно да се чека на правна разврска за да се покаже или утврди дали постоела политичка или морална одговорност. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4OU2y
Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Во најтешката железничка несреќа во грчката историја поради фронтален судир помеѓу два воза загинаа најмалку 57 лица, додека трагедијата и натаму ги бранува духовите во Грција, предизвикувајќи серија на протести и штрајкови. Повеќе од 60.000 луѓе, меѓу кои транспортни работници, студенти и наставници, учествуваа во демонстрациите во градовите низ Грција. Штрајкот е врв на многу протести во земјата по несреќата, на кои делумно имаше и безредија. Од политичарите и од власта се бара одговорност за несреќата.

Несреќата веднаш се припиша на човечка грешка, односно на шефот на станицата во грчкиот град Лариса, кој бил оставен сам да раководи со железничкиот сообраќај во една стресна ситуација, а притоа бил вработен само два месеца претходно и слабо подготвен за задачата која ја извршувал. 59-годишникот беше уапсен веднаш по несреќата и обвинет е за убиство од небрежност. Според медиумски извештаи, тој признал дека направил грешка и го испратил патничкиот воз на погрешна пруга, поради што тој се судрил со товарен воз на отворена линија.

Но, повикувањето на таканаречената човечка грешка во случаи на катастрофална несреќа со голем број на жртви, е секогаш минимизирачко и релативизирачко поставување кон вистинските причини за одредена трагедија. Човечката грешка е секогаш последица на многу поголеми и повисоки грешки и вини, па така и во грчкиот случај таа е причинета од застарениот и нефункционален безбедносен систем кој потоа сите свои недостатоци и несовршености ги истура врз човечкиот фактор.

Од тие причини, покрај апсењето на свртничарот од железничката станица во Лариса, кој сега ризикува доживотен затвор, грчкото обвинителство во четвртокот (10.03) обвини уште тројца железнички службеници. Еден од обвинетите е надзорникот на железницата, кој бил одговорен за одредување на смените на вработените. Против него е покрената постапка зашто на ноќната смена го поставил сега веќе уапсениот свртничар кој беше на смена за време на несреќата. Во случајот се обвинети и двајца други свртничари од станицата во Лариса кои, наводно, предвремено го напуштиле работното место на денот на несреќата.

Храброст да се преземе одговорност

Во меѓувреме, грчкиот министер за транспорт и инфраструктура Константинос Караманлис експресно си поднесе оставка, изјавувајќи дека тоа е најмал знак на почит кон жртвите. „Кога ќе се случи нешто толку страшно, не може да продолжиме да се однесуваме како да не се случило ништо. Долги години не се занимавав со политика, но довербата на граѓаните во политичкиот систем ја сметам за суштински дел од нашата демократија. Ова се нарекува политичка одговорност“, рече Караманлис, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите.

Премиерот Мицотакис се извини во името на сите кои владеат во последните години, но и од негово лично име, прецизирајќи дека „не можеме да се криеме зад серија човечки грешки“. „Ја преземам одговорноста. Доколку проектот за далечинско управување беше завршен, оваа несреќа немаше да се случи и технологијата ќе ни овозможеше да го спречиме незамисливото. Не е оправдување дека проектот ќе биде завршен за неколку месеци. Не успеавме да го инсталираме пред да се случи најлошото. Последното нешто што ми е важно е конфронтација за тоа кој е виновен. Сите сме виновни и храбро да признаеме, од влади до администрации“, рече Мицотакис.

Ако нешто не може да му се замери на Мицотакис, тогаш тоа е храброста да се преземе политичка и морална одговорност за една катастрофа чиј причинител не може да се сведе само на материјалното или да се истресе на најслабата алка.

Македонските политичари не преземаат одговорност

Таквата храброст со децении недостасува во Македонија. Во Македонија, во последните години се случија неколку катастрофални несреќи, каде ако ја сумираме бројката на жртви ќе видиме дека е поголема и од онаа во Грција. Но, институциите бавно и тешко успеваат да дојдат до правдата. Пред сѐ поради корумпираноста и партизацијата на судскиот систем, блиските на жртвите со години чекаат на правен епилог, гледајќи како одговорните се извлекуваат од рацете на правниот систем, како политиката и министрите не чувствуваат „морален хазард, проблем, пропуст“ додека јавноста останува нем и апатичен набљудувач на целата трагедија.

Ни за Ласкарци, ни за автобуската сообраќајка во Бугарија, ни за пожарот во мобилната болница во Тетово, сѐ уште никој од политичарите не презел одговорност и не поднел оставка.

За потсетување, во несреќата кај Ласкарци при превртување на автобус на „Дурмо турс“, загинаа 16 патници, се откри дека техничкиот преглед на автобусот не бил направен според стандардните процедури. Автобусите на „Дурмо турс“ и понатаму парадираат низ државата и си возат до денес, како ништо да не се случило. Одговорност е предвидена само за физички лица, како што е на пример обвинетиот сопственик на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, зашто во Кривичниот законик, во делот за сообраќајни деликти, не постои одговорност за правни лица. Во меѓувреме судењето за случајот „Ласкарци“, кое почна во септември 2019 година, има над 100 судски рочишта досега и не може да се одглави, затоа што одбраната наметна сомнително „супервештачење“, а вештакот Зеќирија Зекири трипати не доаѓа да одговара на прашањата за супервештачењето што самиот го изработил за несреќата. „Макфакс“ веќе објави дека Валдет Џафери, директорот на Бирото за судско вештачење, во кое се работеше супервештачењето за „Ласкарци“, и вештакот Зеќирија Зеќири, кој го изработи вештачењето, ги поврзува партијата ДУИ. За Ласкарци ниеден министер не почувствува дека треба да поднесе одговорност.

Во случајот „Беса транс“ загинаа 45 македонски граѓани во Бугарија, од кои 12 деца. Автобусот, покрај тоа што излегол од земјата без да биде електронски евидентиран неговиот излез, последниот технички преглед и регистрација ги поминал во техничка станица која три и пол месеци пред несреќата заработила предлог за забрана за вршење на технички преглед, документ кој бил изготвен од надлежните служби во МВР на 25 август. Несреќата се случува на 23 ноември, па оттука и прашањето зошто министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја потпишал забраната за работа дури три и пол месеци подоцна и тоа три дена по трагедијата на автобусот на „Беса транс“? Истиот ден кога ставил потпис на решението, Спасовски на прес-конференција кажа само дека при техничкиот преглед на автобусот на „Беса транс“ не биле утврдени пропусти. Обвинителката Русковска отвори предистрага за тоа зошто министерот Спасовски чекал 3,5 месеци да ја забрани работата на станицата, но по нејзината суспензија делува како целиот случај да падна во вода. Прашан дали чувствува одговорност, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кажа дека Министерството само дава лиценци за меѓународен и домашен транспорт, на превозници кои ги исполнуваат условите. А дали некој потоа ги злоупотребува, не е надлежност на Министерството да ги контролира, туку на Царината.

Конечно, и трагедијата во тетовската модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 кога 14 луѓе ги загубија животите, се претвора во правна лакрдија, каде на крај виновен ќе испадне кабелот и електричарите. Инаку, монтажната болница во Тетово била проектирана и конструирана од „Брако“, додека без надзор и соодветни документи била изведена електричната инсталација, а остана и сомнежот околу квалитетот на монтажните болници на Анѓушев. Тогашниот министер за здравство Венко Филипче тогаш изјави дека не чувствува морална одговорност и дополни дека ќе ја сочекал истрагата за настанот, па ќе размислел. Откако размисли, јавноста беше сведок на дегутантната игра на понудена оставка која премиерот Заев ја одби, по што соломонски заклучи дека нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорноста кај Филипче. Тоа што и двајцата не го разбраа е дека морална одговорност не се лоцира, истражува или утврдува, туку само се чувствува и се презема.

„Пушти ме мене сине, излегувај ти!“

За преземање морална одговорност не се чека правна разврска

Затоа, грчката трагедија овојпат треба да ни делува како пример. Покрај извинувањето се презема и признава политичка одговорност од оние кои не направиле доволно за безбедноста на граѓаните. Во Македонија се останува само на генеричните фрази: „Да не се повтори“, „Ќе утврди истрагата“, „Не гледаме морален пропуст“ или „Нека се утврди низ судскиот процес“. Тоа што нашите политичари не го разбираат, е дека не е потребно да се чека на правна разврска за да се покаже или утврди дали постоела политичка или морална одговорност.

Настрана правдата која секогаш изостанува и ги разочарува семејствата на жртвите и пошироката јавност, сите ние има одговорност да дадеме одговори, за сите овие наши пречести несреќи и трагедии, каде се изгубија премногу животи, а премалку, да неречам ниедна политичка глава не се стркала.

Устите на нашите политичари се полни со ЕУ, но еве, не знаеме да го следиме примерот ни на една од најмалите и најслаби членки на Унијата. Како овие политичари мислат да нѐ внесат во ЕУ,  кога не се способни да ги сносат политичките одговорности и морални последици кои членството во Унијата ги претпоставува како нешто најнормално?! Во некои западни земји политичка оставка се поднесува за секое потрошено евро, за секој литар бензин од владинот автомобил, за секоја намерна или ненамерна институционална грешка.

Затоа ни треба храброст за институционална одговорност. Во земја со над 300 илјади дивоградби, стотици каменоломи, права на ископи за блиски до власта, тендери и договори во четири очи, лажни технички прегледи, скриени советници и скриени договори, рунирани патишта и железници, застарени градби, азбестни покриви, модуларни болници, упропастени реки и национални паркови, загаден воздух и почва, подложни на пожари и поплави, потребни ни се чинови на институционална одговорност од страна на оние чија должност е да донесат норми за превенција, да обезбедат средства за контролни механизми, да пренасочат финансиски и човечки ресурси со цел заштита на граѓаните, патниците, младите. Но, законите ни се за на хартија, корупцијата, клиентелизмот и партизацијата се навлезени во секоја пора од општеството, па оттука и бирократијата и админстрацијата ни се дел од причините за несреќи и трагедии. Потребна ни е политичка одговорност, затоа што секоја наша, природна, човечка или каква и да е несреќа или трагедија, во суштина е причинета од политичка несреќа и трагедија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема