1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Господ, па Америка!

19 април 2024

Америка е во депресија затоа што се обиде во нешто што никој не се дрзнал - да доминира со целата планета. Не успеа и сега тоа ѝ се враќа како несигурност дома. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4exOT
САД знаме
Фотографија: cc-by-U.S. Navy

Неделава ја имав честа и задоволството да ја промовирам најновата книга на Румена Бужаровска, „Господ, па Америка“, збирка на есеи што се своевидно разголување на ставовите, спомените и размислувањата на авторката, како и на современото американско општество.

Повеќе од само есеи, според формата и стилот Румена создава еден просторен и временски патепис, распослан низ три децении, од нејзината адолесцентност, до денешен ден, патувајќи од пустинската Аризона до мочуришната Флорида, интимно откривајќи ни ја Америка и разголувајќи ги нејзините проблеми и маки. Читливоста во комбинација со длабочината на мислата и согледувањата, наративниот капацитет, бројните настани, личности, ставови и критички согледувања, прават книгата на Румена да наликува на книжевни мемоари, во најдобриот дух и стил на Андре Марло и неговите култни „Антимемоари“.

Се разбира, Румена не бега од политичкото и од ангажираноста, па оттука споредбите и со нашето општество се неизбежни - ние на почетокот на нашето афирмирање кон Западот, Америка веќе во својата надолна линија како светски хегемон. Тоа отвора битни прашања и за самите нас, сместени под чадорот на американските „Stars and Stripes“, кој повеќе не ја нуди комотната сенка од минатото. Прочитајте ја ако имате можност, ќе дознаете повеќе за Америка, затоа што Румена ни отвора еден прекрасен прозорец кон светската сила во криза, кон Западот и, ултимативно, кон самите нас.

Настанот ме инспирираше да поразмислам за актуелната американска криза, идентитетска, културна, институционална, нешто што неизбежно ќе има реперкусии врз самата Америка и врз целиот западен свет. Евентуално, ќе се обидам и јас да го објаснам, според мое толкување, значението на насловот - „Господ, па Америка“.

Америка ја загуби довербата во себе

Редимензионирањето на американската сила и влијание низ светот е структуралниот феномен на нашето време. И покрај фактот што сѐ уште одржува значајна предност и надмоќ, Америка во последните 30 години, неодговорно ги запостави изворите на сопствената моќ. Ги прерашири своите воени заложби без да размислува дека треба и да ги испочитува. Ги потцени противниците, туркајќи ги кон обединување наместо да ги одржува разделени. Ја испразни својата воена индустрија до степен што веќе не е во состојба да поднесе продолжена војна со непријател од нејзин ранг. Создаде професионална војска за да се бори единствено во погрешни војни. Ја злоупотреби својата воена и финансиска моќ, така минирајќи го внатрешниот и надворешниот консензус кон сопствената доминација и хегемонија. Ја заборави тесната поврзаност помеѓу виталноста на домашниот фронт и маргините на меѓународното дејствување. Присвои економски модел кој ја уништи средната класа и го дозволи подемот на Кина. Слепата верба во тријадата технологија-капитализам-демократија, произведоа само губење на стратешката визија, осетот за геополитичка реалност и уметноста на владеењето.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Меѓутоа, можеби најголемата и најмалку истражената штета Америка ја доживеа кај еден од најважните фактори на моќ: Ја загуби довербата во себе! Америка е во криза затоа што веќе не знае да си објасни како и дали да ја одбрани својата империја. Односно, меѓународниот систем кој го постави во функција од 1945 година и благодарение на кој ги исполнува пред сѐ сопствените интереси.

Денес Америка веќе нема доверба во сопствените средства и мисија. Самата веќе не си се допаѓа. Не е сигурна околу сопствената улога во светот. Станува збор за суштинска криза на идентитет, која не мора да е терминална, која сѐ уште може драматично да доживее пресврт, но и да се забрза. Но, еден проблем опасно ја кочи! Америка веќе го постигна својот максимум. Веќе ја спроведе својата доминантна и исклучителна улога во светот, нешто што го сонуваше од своето основање. И излезе како изгорена од процесот. Самата идеологија на глобализацијата ја извади од колосек, всадувајќи го семето на внатрешен раздор, многу порано пред да настапи надворешниот. Автофагија предизвикана од хипер-моќта која ја доживеа.

Америка е во исто време и Република и империја. Не може да се бира помеѓу едното или другото. Суштинската поента е дека националниот идентитет на Америка не може да се разликува од нејзината самозададена универзална мисија. Америка како унија на слободни луѓе, обединети не преку крвното сродство, туку преку вербата во моралниот проект да се преобрати светот. Нацијата избрана во светлиот пат кон прогресот и ширењето на нејзиниот систем на владеење. Ние сме системот, доволно е останатите да нѐ следат, тоа е идејата на Америка. Но, како што визионерски ќе предвиди и Џорџ Кенан, таа претенциозност, таа колективна самовосхитеност, тој национален нарцисизам, кријат во себе една голема несигурност. И како секој конструкт, макар и морален, еднаш кога во домашни услови наративот ќе навлезе во криза и ќе се дезориентира, тогаш сите несигурности испливуваат на површина. Денес самите Американци не знаат повеќе која е нивната мисија и приказна и тоа е голем стратешки проблем.

Две трагедии

Америка стана суперсила и хегемон сѐ додека двете души на земјата, практичната република и моралната империја патуваа паралелно. Но, откако победија во Студената војна, пред сѐ поради советскиот самораспад, фантастичната двојка како да се растури. Тоа ни потврдува дека во животот постојат две трагедии: да се нема тоа што се посакува, и да се има.

Историјата нѐ подучува и за среќен соживот помеѓу Републиката и империјата. Тоа е Рим. Но, под два услови: републиката да ја маскира империјата и империјата да не претендира да биде универзална. Четвртиот Рим, после Цариград и Москва, не сака да си признае дека е империја и да направи сѐ во своја моќ да ја одржи, додека во исто време претендира да биде глобален хегемон. Но, империите отсекогаш биле дел од светот, во мир или војна со сличните на себе, а не биле никогаш светот сам по себе. Помеѓу 1991-2001, Америка како единствена суперсила се самопрогласи и за глобална. Го декларираше крајот на историјата, ја прогласи глобализацијата за пропусница и влезница кон невидени благодети, нешто што светот никогаш не го прифати, затоа што повеќето останаа исклучени од гозбата.

Секоја хегемонија има потреба од убедлив морал за да биде препознаена од повеќето. Империја која се претендира за светска не може да биде етичка поради бројните интереси, вредности и различни сфаќања. Глобалната империја или е тоталитарна, или не е. Америка влезе во контрадикција со сопствените принципи кога се самопрогласи за кралица на светот. Сега задоцнето открива дека се самоуништува следејќи една недостижна цел, некомпатибилна со нејзината историја и принципи.

Републиката веќе не може да ја издржи империјата

Америка не може да стане светот и светот не може да стане Америка. Затоа и нејзината империја, а не целиот свет, е според ликот на Вашингтон. Но, постои и длабока причина зошто Америка не сака да се декларира како империја во класичната смисла на терминот. Нејзината душа е религиозна, а не геополитичка. Апсолутна е и универзална, не релативна. А тоа си го преведува вака: додека другите освојуваат, ние владееме, контролираме од горе или од нашите бази.

Хенри Кисинџер убаво ќе објасни: Империјата не ја интересира да дејствува во рамки на меѓународен систем. Империите немаат потреба од рамнотежа на моќта. Така САД се однесуваше со остатокот од Америките, така Кина се однесува кон Азија. Вонсерискиот играч не се поистоветува како прв меѓу останатите. Оттука, тоа што за нас е империја, за Америка е систем базиран на правила, како правилата воопшто да постојат. Настрана семантичките вежби околу релативна или апсолутна империја, американските апарати се уплашени од империјалната прераширеност и преку Бајден се засолнуваат зад неамериканската „глобализација за средната класа“ или трамповскиот толку амерички нагон за самоизолација.

Вистината е дека во својата универзалност, Америка се прерашири, ги еродираше изворите на својата моќ и ја изгуби поддршката на американскиот народ. Затоа логиката и моралниот императив: „Господ, па Америка“, денес ја доведе до дилемата - нација или империја. Но, Вашингтон не може да се откаже ни од едната ни од другата, во спротивно ризикува да ги изгуби и двете. Затоа што Републиката веќе не може да ја издржи империјата, додека пак империјата ја разградува Републиката. Америка е во депресија затоа што се обиде во нешто што никој не се дрзнал, да доминира со целата планета, не успеа во тоа, и сега тоа ѝ се враќа како несигурност дома. Како Икар, леташе преблиску до сонцето...

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема