1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија и сеништето на рецесијата

Миша Ерхард
26 мај 2023

Брутодомашниот производ на почетокот на годинава повторно забележа пад. Тоа значи дека Германија е технички во рецесија, а изгледите не се најдобри.

https://p.dw.com/p/4RpsH
Германија економија градежен работник
Сè уште високата инфлација ја кочи потрошувачката и ги забавува економските перформанси на ГерманијаФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Од вчера (25.05) во економските сфери на Германија има уште едно сениште - сеништето на рецесијата. Сојузниот завод за статистика ја ревидираше надолу својата првична проценка за брутодомашниот производ за почетокот на годината, и тоа не премалку: статистичарите во Визбаден сега детално пресметаа пад на економијата за 0,3 отсто. Во својата прва проценка, тие претпоставуваа нула-раст.

Со оглед на тоа што брутодомашниот производ веќе во последниот квартал од 2022 година се намали за 0,5 отсто, може да се зборува за рецесија - барем технички. Зашто, економистите зборуваат за рецесија кога економското производство паѓа во два последователни квартали.

„Од економска перспектива, ова лето ќе биде тешко“, оценува за ДВ Холгер Бар, раководител на економскиот сектор во Дека банк. „И доволно е непријатно што по пад во два квартала, мора да се зборува за блага рецесија во Германија“.

Луѓето си ги чуваат парите

Особено слаба беше приватната потрошувачка. Според податоците на статистичарите, таа се намалила за 1,2 отсто. Воздржаноста е евидентна во различни области. „Приватните домаќинства потрошиле помалку за храна и пијалоци, облека, обувки и покуќнина отколку во претходниот квартал.“

Освен тоа, приватните домаќинства купиле и помалку нови автомобили. Ова најверојатно се должи, меѓу другото, на елиминацијата на премиите за плаг-ин-хибридите и намалувањето на премиите за електричните возила на почетокот на 2023 година.

фабрика на Мерцедес во Зинделфинген
Приватните домаќинства купиле помалку автомобили (фото: фабрика на Мерцедес во Зинделфинген)Фотографија: Bernd Weißbrod/dpa/picture alliance

Сепак, намалената потрошувачка се должи на подлабок проблем: високата инфлација. „Огромното зголемување на цените на енергијата го зеде својот данок во зимските месеци“, вели Јерг Кремер, главен економист во Комерцбанк. Бидејќи, платите не се во чекор со високата инфлација, што доведува до губење на куповната моќ.

Вистина е дека синдикатите во преговорите за колективни договори успеваат да протуркаат значително повисоки плати во повеќето сектори. Сепак, зголемувањата обично се распоредуваат во текот на две години и се одвиваат во фази. Тоа значи дека реалните плати ќе продолжат да паѓаат доколку инфлацијата остане висока. Значителен пад се забележува и во делот на државните набавки - државата потрошила речиси пет проценти помалку отколку во претходниот квартал.

Многу градежни проекти се во мирување

Позитивни импулси на почетокот на годината доаѓаат од делот на инвестициите. Тие забележуваат пораст од речиси четири проценти. Посебно се зголемени инвестициите во градежништвото, што според статистичарите се должи и на релативно благата зима - повеќето компании можеа да работат во текот на целата зима.

Сепак, градежната индустрија моментално се соочува со силен контраветер. Градежните проекти се одложуваат или откажуваат поради високите материјални трошоци и зголемените камати. Затоа, позитивниот импулс од почетокот на годината најверојатно ќе ослабне или нема да се материјализира „Претпоставувам дека сега ќе поминеме низ долг сушен период и значителни подобрувања ќе има дури за една година“, пишува главниот економист во ИНГ Германија, Карстен Бржески.

Германија градежна индустрија градење Хамбург
Градежните проекти се одложуваат или откажуваат поради високите материјални трошоци и зголемените каматиФотографија: picture-alliance/H.-C. Dittrich

„Работите изгледаат мрачни за втората половина од годината“, предвидува главниот економист во ВП Банк, Томас Гицел. „Тогаш ќе исчезнат амортизирачките ефекти во индустријата. Веќе нема да има компензација за очекуваната слаба приватна потрошувачка, која ќе продолжи, како и за кризата на градежна индустрија“. Затоа, според него, ќе продолжи курсот по надолна линија на германската економија.

На тоа упатува и деловната клима која ја скицира институтот Ифо. Најважниот економски показател оваа недела повторно падна, за првпат по шест месеци, така што расположението во менаџерските кругови на германската економија се замати. „Сè на сè, економските ризици значително се зголемија во изминатите неколку месеци“, вели економистот Јерг Кремер. „Сметаме дека во втората половина од годината е поверојатна техничка рецесија отколку конјунктурно закрепнување, што повеќето економисти сè уште го очекуваат.“

Ефектите од зголемувањата на каматите

Конечно, за кочење на економијата придонесува и наглото зголемување на каматните стапки. Европската централна банка на тој начин се обидува да ја стави под контрола високата инфлација. Во средата (24.05), шефицата на ЕЦБ, Кристин Лагард, на прославата на 25-годишнината на ЕЦБ објави дека има намера да продолжи на овој курс. Затоа што, како што нагласи, примарна задача на централната банка е навремено да ја постигне целта за инфлација од два процента, а со тоа и ценовна стабилност. „И ние ќе ја исполниме оваа задача“, изјави Французинката Лагард.

Европска централна банка Франкфурт
Европската централна банка ги зголеми каматните стапкиФотографија: Ralph Orlowski/Getty Images

И тоа е и целта на зголемувањето на каматните стапки: да се намали полетот на економијата за да се намалат цените. Меѓутоа, постои опасност од целосно задушување на економскиот раст. Ова сега се случува во Германија. Другите европски земји во моментов се подобро позиционирани.

Значи, економски треба да се очекува контраветер од различни области. Засега веројатно нема да се постигне прогнозата на сојузната влада за раст од 0,4 проценти оваа година. Сеништето на рецесијата се врати.