1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија бара работници, Балканот се празни

Вјоса Ќеркини
23 јуни 2023

Германија има премалку работници и затоа сака да го олесни доселувањето. За Косовците, Германија со своите можности е врвна дестинација за емиграција. Иселениците сега создаваат недостиг од работници на Косово.

https://p.dw.com/p/4SwV0
Центарот на Ѓаковица, Косово
Центарот на Ѓаковица, КосовоФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Во Ѓаковица, еден од најубавите градови на Косово, 32-годишната Ељеса Беќири секој ден во 08:30 часот со насмевка го отвора јазичното училиште Opportunity (во превод - прилика, можност). Тоа се наоѓа на маргините на чаршијата на градот со 40.000 жители. Дипломираната новинарка никогаш не работела во својата професија. Наместо тоа, како координатор во јазичното училиште, таа организира курсеви по германски јазик што ги одржуваат наставници кои зборуваат германски и албански јазик. Таа е една од ретките млади Косовци која не сака да оди во странство, за разлика од многу нејзини сограѓани од Ѓаковица и околината. Речиси сите нивни студенти имаат за цел да емигрираат во Германија или во земји од германското говорно подрачје. Главните причини за тоа се високите плати во Германија во споредба со Косово и социјалната сигурност со здравствен систем каков што нема на Косово.

Ељеса Беќири живее со мајка си и најмладиот брат. Другиот нејзин брат емигрирал во Германија пред седум години. Сите шест браќа на татко ѝ исто така живеат во Германија. Но, таа останува дома: „Никогаш не би отишла во Германија, бидејќи сакам да зборувам албански и да се поздравувам со моите пријатели овде, ми се допаѓа овдешниот менталитет. Имам пријатели каде и да одам на Косово. Освен тоа, не сакам да се омажам за Германец“, додава Ељеса Беќири со намигнување.

Сите ученици сакаат да заминат!

Просечната плата во Косово е само околу 300 евра, што е околу 1.000 евра под границата на сиромаштија во Германија. За повеќето млади Косовци кои сè уште живеат во домот на своите родители, 300 евра се доволно само за да преживеат. Тие не можат да си дозволат да одат на одмор или да се разболат. Во случај на неопходни, поголеми медицински интервенции, се собираат пари во семејството.

Ељеса Беќири пред вратат на своето училиште за изучување јазици
Ељеса Беќири пред вратат на своето училиште за изучување јазициФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Ељеса Беќири порано била зависна од поддршката на нејзиниот брат во Германија. Но, таа веќе три години добро заработува во јазичното училиште и со приходите на останатите членови на семејството, кои исто така имаат работа, можат, според неа, добро да живеат. „Косовците веруваат дека во Германија парите растат на полињата и тие треба само да ги соберат“, ги сумира таа претставите на своите студенти.

Секоја година само во јазичното училиште Opportunity учат по 325 до 340 ученици и речиси сите сакаат да заминат. Мал дел остануваат во земјата, ги користат своите познавања на германски јазик и работат во кол-центри, како оној на Bambus Group, компанија регистрирана во Хамбург која на клиентите им нуди широк спектар на услуги во телекомуникацискиот сектор на 36 јазици.

Живописниот стар град Ѓаковица го карактеризираат продавници, мали кафулиња и ресторани. Некои дуќани во пешачката зона се веќе затворени, а со плакати се бараат нови потстанари. Досегашните сопственици се очигледно иселени.

Ељеса стравува дека ако работите продолжат вака уште 10 години, ќе исчезнат и останатите дуќани во стариот дел на градот. Типична германска ученичка во нејзиното училиште е 27-годишната Арлинда Рамај од Ѓаковица. Таа е медицинска сестра, но би можела да работи и како топ-модел во модната индустрија. Како на медицинска сестра, Косово, кое нема уреден здравствен систем, ѝ нуди малку можности за работа. Сега учи германски за да работи како медицинска сестра во Германија. Нејзиниот брат е една година во Германија и оттогаш работи како келнер во ресторан, иако во Косово завршил обука за сметководител. Но, како што пренесува Арлинда, тој е задоволен од работата и од приходите. И сестрата на Арлинда, која моментално се подготвува за матура, сака еден ден да замине во Германија. „Ме убедија подобрите услови за живот и можностите што стојат на располагање, како и подобрата плата. Да најдам добро платена работа овде, би останала овде“, вели Арлинда Рамај.

Ељеса стравува дека ако работите продолжат вака уште 10 години, ќе исчезнат и останатите дуќани во стариот дел на градот
Ељеса стравува дека ако работите продолжат вака уште 10 години, ќе исчезнат и останатите дуќани во стариот дел на градотФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Последици за косовското општество и економија

Арлинда Рамај е претставник на 30.000 луѓе кои секоја година го напуштаат Косово.

Лирим Красниќи, коосновач на Гермин, невладина организација која се занимава со албанската дијаспора, добро го познава проблемот на иселување. „За оваа тема можам да зборувам цел ден“, е неговиот прв одговор на барањето за информации. Толку оваа тема е долга и широка во Косово. Според АСК, Заводот за статистика на Косово, околу 15.000 до 20.000 Косовци ја напуштиле земјата пред 10 години. Во последните пет години овој број порасна, односно бројот на иселени се проценува на 30.000. Но, бројките се прашање на дефиниција, на пример - колку долго отсуствувале Косовците, неколку месеци или години за да се сметаат како емигранти.

„Економскиот ефект е огромен, бидејќи повеќето емигранти се млади, меѓу 24 и 35 години. Косовските компании исто така сфаќаат дека им недостасуваат квалификувани работници“, вели Красниќи. „Затоа, понудените плати се зголемија. Меѓутоа, долгорочно, Косово ќе го загуби највиталниот дел од своето општество. Здравствениот сектор ќе биде најтешко погоден, меѓу другото и поради долгото време на обука во тој дел.“

Побрзо до работа со познавање германски јазик

Косовската влада нема стратегија како да се справи со емиграцијата, додека земји како Германија им се додворуваат на работниците и ги отвораат своите навидум атрактивни врати, особено за младите од Балканот. Наспроти стимулациите од Германија, Косово е неконкурентно на краток рок. Косовските апсолвенти студираат за да бидат невработени, тврди Красниќи и сугерира: „Косово мора да го реформира својот образовен систем за да може дипломците да имаат шанса и овде“. А неговиот одговор за одливот на мозоци е: „Германија треба да му плати на Косово компензација за обуката што ја добиваат специјалистите овде. Надоместокот може да биде во форма на инвестиции. Косово треба да го бара и тоа во дипломатските разговори“.

Назад во јазичното училиште на Ељеса Беќири. Тука предава и 33-годишната учителка Влора Рамадани. Таа е многу задоволна во Косово. Секој ден, од понеделник до сабота, држи часови по германски јазик, по единаесет часа дневно. Сите нејзини ученици се решени да емигрираат, како Арлинда. Тие се дел од 30-те илјади кои сонуваат за голем успех во Германија. По единаесет години поминати во Германија, наставничката е среќна што се вратила во својата родна земја. „Ми се допаѓа нашата удобност, не ми треба автомобил, сè е блиску овде, можам сѐ да завршам пеш. Во Германија сè е нервозно, само работа“, вели Влора.

Таа и Ељеса заработуваат добро бидејќи има толку многу млади луѓе на Косово кои на работите гледаат поинаку и сакаат по секоја цена да заминат во странство.

Вјоса Ќеркини
Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема