1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

ЕУ од утре ќе ја „чешла“ работата на Судскиот совет

БГ
26 јули 2023

Тим експерти на ЕУ ќе ја разгледува работата на Судскиот совет, по бројните критики за неговото функционирање. Тимот го предводи поранешниот претседател на Уставниот суд на Хрватска, Бранко Хорватин

https://p.dw.com/p/4UPbx
Северна Македонија
Судскиот совет на Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Хрватскиот правник Бранко Хорватин и експерти од земји на Европската унија, во четврток и петок ќе ја анализира работата на Судскиот совет во Северна Македонија. Мисијата ја испраќа Европската комисија, а месецов ја најави амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир откако и ЕУ и САД јавно  ја критикуваа состојбата во македонското судство. 

„Ги следиме случувањата во Судскиот совет одблиску и со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога – да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина многу загрижувачки“, изјави Гир за телевизија Телма на почетокот на месецов.

Тим експерти од земјите-членки на ЕУ ќе ја испитува институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални мерки, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот на ова важно тело за управување со судството, се наведува во соопштението од ЕУ. 

Весна Дамева
Весна Дамева, поранешна претседателка на Судскиот советФотографија: Petr Stojanovski

Хорватин ќе ја скенира состојбата на 27 и 28 јули, а целиот процес ќе биде заокружен со посетата на експерти од ЕУ во септември годинава. 

„Посрамениот совет“  

Клопчето околу Судскиот совет почна да се одмотува кога на спорен начин на 26 април беше разрешена претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, која беше обвинета дека го затаила писмото коешто американската амбасадорка Ангела Агелер го испратила до Судскиот совет на 11 април, а во кое се изнесуваат критики за работата на судовите. 

Потоа се нижеа низа седници со високи тонови и меѓусебни расправии, на кои што беа избрани нови раководни тела, но остана впечатокот со којшто се согласи и претседателот Стево Пендаровски - дека „целиот состав на Судскиот совет се посрамоти во очите на јавноста“. 

И Владата и шефот на државата ја поздравија одлуката на ЕУ, одблизу да ја контролира работата на Советот. Тоа го стори и самото тело. 

Во период кога земјата е под засилен мониторинг на патот кон ЕУ, особено во однос на реформите во правосудството, очекувањата на надлежните се дека на овој начин ќе се детектираат слабостите и ќе се подобри работата на независното судско тело, кое се најде под притисок на јавноста за оставки и одговорност поради начинот на неговата работа. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи