1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Што се знае за терористичкиот напад во Иран?

Матијас фон Хајн
4 јануари 2024

Во две силни експлозии на годишнината од смртта на иранскиот генерал Касем Сулејмани, животот го загубија најмалку 95 луѓе. Иран вети одмазда. Во меѓувреме, се шпекулира за организаторите на нападот.

https://p.dw.com/p/4aqmf
По експлозиите во градот Керман: десетици загинати и повредени
По експлозиите во градот Керман: десетици загинати и повредениФотографија: Mahdi K. Ravari/Mehr News/AP/dpa/picture alliance

На четвртата годишнина од смртта на иранскиот генерал Касем Сулејмани, најмалку 95 лица загинаа во две експлозии во неговиот роден град Керман. Државните медиуми во средата (3.01)  соопштија дека се повредени уште 211 лица. Тоа е најсмртоносниот напад во 45-годишната историја на Исламската Република.

Владата ги нарече настаните терористички напад и денеска (4.01) прогласи национална жалост. Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, најави дециден одговор. „Нека знаат дека овие катастрофални дејствија ќе предизвикаат остар одговор, ако даде Бог“, рече тој во вчерашната изјава објавена од државните медиуми. И претседателот Ебрахим Раиси на најсилен можен начин го осуди терористичкиот напад и побара одлучен одговор.

Меѓународна осуда за нападот

Германската влада и Европската служба за надворешни работи го осудија нападот како терористички акт, додека Соединетите  Американски Држави негираат каква било одговорност за нападот. „САД не се вмешани на кој било начин, и секоја сугестија за спротивното е смешна“, изјави во средата во Вашингтон портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер. Милер додаде дека неговата влада, исто така, „нема причина да верува“ дека Израел е поврзан со инцидентот.

Сцена во градот Керман која укажува на разорноста на двете експлозии
Сцена во градот Керман која укажува на разорноста на двете експлозииФотографија: Tasnim News Agency/AP/picture alliance

„Мислам дека ни Израел не стои зад овие напади“, вели Араш Азизи, експерт за Блискиот Исток од Универзитетот Клемсон во американската сојузна држава Јужна Каролина во интервју за ДВ. „Постојат различни причини зошто Израел веќе не е главниот осомничен. Прво, Израел во моментов не бара воен конфликт со Иран. Второ, Израел досега не извршил напади врз невиното цивилно население во Иран. Иако постои сомневање дека Израел извршил целни напади врз иранската програма за нуклеарни научници или врз припадниците на Револуционерната гарда во или надвор од Иран, притоа избегнувајќи цивилни жртви. Според иранските власти, во средата ниту еден командант на Револуционерната гарда или други високи функционери не се убиени.“

Араш Азизи е автор на книгата „Командант во сенка“ за иранскиот генерал Касем Сулејмани и глобалните амбиции на Иран. Сулејмани беше член на иранската револуционерна гарда и командант на бригадата Ал Кудс. Тој загина во јануари 2020 година во американски ракетен напад во Багдад.

Бригадите Ал-Кудс: Ирански воен одред во странство

Ал-Кудс е арапското име за Ерусалим. Овие бригади на Револуционерните гарди имаат задача да ги поддржат политичките групи блиски до Иран во странство - на пример, да се спротивстават на исламистичкиот тероризам како оној на Исламската држава (ИД) во Сирија и во Ирак. Истовремено, бригадите Ал-Кудс се одговорни за остварување на воените и политичките интереси на Иран во исламските земји.

Сулејмани се сметаше за клучна фигура за Иран на Блискиот Исток. По потреба, тој можел брзо да ги мобилизира шиитските милиции. Тешко е да се одреди со колку пари располага бригадата Ал Кудс за своите пропагандни медиуми. Тие се директно подредени на верскиот водач и имаат пристап до иранските приходи од нафта.

Американската акција во која беше убиен генералот Сулејмани беше шок за Иран
Американската акција во која беше убиен генералот Сулејмани беше шок за ИранФотографија: Vahid Salemi/AP Photo/picture alliance

ИД-Корасан или непријателски држави?

„Постојат индиции дека зад експлозиите би можела да стои Исламска држава, провинцијата Корасан (ИД-К), регионален огранок на терористичката група Исламска држава која делува во Јужна и Централна Азија, особено во Авганистан“, претпоставува Азизи. „Беа детонирани две бомби со цел да се убијат што е можно повеќе цивили. По првата експлозија, многу луѓе и неколку спасувачи се собраа на местото на настанот. Потоа експлодираше втората бомба, која однесе многу животи. Клучен факт е дека првата бомба беше поставена до музеј чија зграда порано била зороастриски храм. ИД-Корасан не го смета само зороастризмот како закана, туку и Иран, иранската култура и, на крајот, шиитизмот како најголема закана за исламот“. Според Азизи, и други експерти за Иран се сомневаат дека зад нападот стои Исламска држава. Азизи, исто така, посочува дека е забележливо што ИД-К јавно не го коментираше овој напад. Ако ИД-К навистина стои зад нападот, тоа би било многу невообичаено.

„Иранскиот режим однадвор изгледа силен, но кога ќе погледнете повнимателно, тој е многу ранлив“, вели Али Фатолах-Неџад, основач и директор на Центарот за Блискиот Исток и глобален поредок (ЦМЕГ) со седиште во Берлин. И за Фатола-Неџад, Израел не може да биде извршител на нападот. „Не е веројатно дека Израел во овој момент би извел таква операција, која главно е насочена кон цивилите“, вели тој, зборувајќи за војната во Газа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема