1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Алексис Ципрас – премлад за политички пензионер

30 јуни 2023

Екс-премиерот и лидер на опозицијата, Алексис Ципрас заминува од првото место во партијата Сириза. Тој ја водеше Грција низ должничката криза и го реши спорот за името со Македонија. Ципрас сепак останува во политиката

https://p.dw.com/p/4TGcY
Алексис Ципрас Сириза Грција
Алексис Ципрас поднесе оставка на лидерското место во СиризаФотографија: Rafail Georgiadis/Eurokinissi/ANE Edition/IMAGO

Алексис Ципрас од секогаш знаел да изненади. Четири дена по парламентарните избори во Грција, тој се повлече од претседателското место во партијата Сириза и со тоаја презеде одговорноста за изборниот пораз.На гласањето минатиот викенд Сириза доби само 17,8 проценти од гласовите, за разлика од минатите избори, кога освоија повеќе од 31 процент. 

Сосем неочекувано тој ги свика медиумите и објави дека си дава оставка од позицијата опозициски лидер. Никој не очекуваше толку брз потег. „Сириза затвори голем историски циклус, ајде заеднички да отвориме нов”, гласеше неговиот апел до сопартијците. На претстојните внатрепартиски избори веќе нема да биде на располагање како кандидат, но Ципрас рече дека ќе биде присутен и дека има целосна доверба што се однесува до потенцијалот на партијата за способни функционери. 

Во неговиот говор по повод оставката рече дека во животот има моменти кога мора да се носат важни одлуки. За него и за партијата таквиот момент дошол сега, појасни Ципрас и потенцираше дека ваквиот чекор темелно го обмислил. Целта е обнова на Сириза при што исправно ќе се толкуваат потребите на ова време и соодветно ќе се реагира на предизвиците. 

Од нула до владејачка партија

Ципрас гордо раскажува за „често опасниот пат” што го изодел со истомислениците. Во неговиот говор тоа звучеше вака: „Сириза е првата левичарска партија во Европа која дојде на чело на една членка на ЕУ. Јас сум првиот левичарски премиер во Европа”, рече Ципрас. Емоционалниот говор го заврши со заклучокот дека „една обновена Сириза може повторно да стане надеж за подобра иднина” и појасни оти неговата одлука за оставка треба да ù служи токму на таа цел.

Алексис Ципрас
Алексис Ципрас во мај 2012 година со 37 години стана најмладиот премиер во неговата земјаФотографија: Kostas Tsironis/AFP/Getty Images

Ципрас почна да изненадува во 2006 година, кога речиси од никаде се појави на големата политичка сцена, во тоа време како кандидат за градоначалник на левичарската листа „Отворен град” за Атина. Тогаш имаше 32 години, беше речиси непознат и од старт успеа да освои 10,5 проценти од гласовите и да го постигне до тогаш најголемиот успех на левицата во главниот град. Веќе следниот ден цела Грција знаеше кој е Ципрас. Со 34 години стана претседател на реформ-комунистичката партија Синаспизмос која на парламентарните избори во 2007 година успеа да освои 5 проценти од гласовите. Во тоа време одлуката за младиот Ципрас како лидер беше проследена со неодобрување.

Изгубена битка против Шојбле

Потоа за само неколку години тој успеа од малата Синаспизмос да направи владејачка партија. На изборите во 2012 година новата и порадикална Сириза освои 26,9 проценти и стана втора најсилна партија во парламентот. 

Протеси во Грција поради мерки за штедење, 2011 година
Протеси во Грција поради пакетот мерки за штедење во 2011 година, кои му го отворија патот на ЦипрасФотографија: AP

На европските избори во 2014 година Ципрас беше врвен кандидат на левицата и во цела Европа стана познат под прекарот „револуционерен” - како Гркот кој среде должничката криза сакаше да се бори против диктатот на Европа за штедење и против политиката на тогашниот германски министер за финансии, Волфганг Шојбле. Не успеа во тоа, но затоа пак ги доби изборите во 2015 година со 36 проценти од гласовите и стана првиот левичарски премиер во историјата на Грција. Во владината коалиција беше со деснопопулистичката Партија на независни Грци (АНЕЛ). Ципрас и неговите тогашни колеги мислеа дека ќе успеат да ги убедат министрите за финансии на ЕУ да се откажат од принудните мерки за штедење и од реформската програма.

Неговата влада не беше корумпирана

Притисокот за евентуален „Грекзит” беше енормен. Ципрас се обиде да се спаси со не многу разбирлив референдум летото 2015, кога доби изненадувачки голема поддршка, но на крајот мораше да се откаже од борбата против Шојбле и останатите и да потпиша трет пакет за спас на Грција. Тоа беше крајот на грчката побуна. Ципрас потоа се повлече од премиерската функција, но во септември 2015 година повторно излезе како победник на изборите. Втората влада на Ципрас ги исполни барањата на доверителите и така во 2018 година тој ја ослободи земјата од европскиот надзор. На владата ù успеа да ги поддржи најслабите во грчкото општество. 

Не беше корумпирана влада, како што тоа е вообичаено во Грција, но не спроведе ниту важни државни реформи. 

Алексис Ципрас Зоран Заев спор за името
Во јуни 2018 година Алексис Ципрас и тогашниот македонски премиер Зоран Заев го затворија спорот за иметоФотографија: Maja Zlatevska/AFP/Getty Images

Најголема заслуга

Надворешнополитички Ципрас беше прилично храбар и успешен. Заедно со Зоран Заев,тогашниот премиер на Македонија, го решија историскиот и навидум нерешлив спор околу името. Со Преспанскиот договор во чии рамки Македонија во името ја прифати додавката „Северна”, се донесе историска одлука за мир и стабилност во регионот и цела југоисточна Европа. Тоа беше и речиси единствената добра вест од Балканот во последните три децении. 

Алексис Ципрас има 49 години и е премлад за политички да се пензионира. 

Што професионално планира за иднината е тешко да се процени, но во претстојниве денови со сигурност прво ќе си поигра со своите деца.

 

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки