Турскиот претседател Абдула Ѓул од денеска е во дводневна официјална посета на БиХ. Политичките аналитичари сметаат дека актуелната влада во Анкара сака да се постави како некој вид матична држава за Бошњаците.
Абдула Ѓул
За време на својата посета на БиХ, турскиот претcедател Абдула Ѓул ќе се обиде на своите соговорници да им ја доближи суштината на турската политика на Балканот. Политикологот Ерхан Турбедар, координатор на Студиите за Југоисточна Европа во фондацијата ТЕПАВ, од Анкара, вели дека Турција се обидува да се постави како матична држава за Бошњаците:
„Актуелната турска Влада се однесува како некој вид матична држава кон БиХ. Во Турција долго се расправаше за тоа како босанските Срби и Хрвати имаат свои матични држави, за разлика од Бошњаците и дека во таа смисла не постои баланс“.
И покрај тоа што во Турција постојат голем број луѓе кои се залагаат за ваков однос на Анкара кон БиХ, во Сараево таквата идеја не е општо прифатена.
„Во БиХ нема многу луѓе кои во Турција гледаат своја матична држава, но има луѓе на кои им е мило што Турција се обидува да им помогне. Она што Турција од почетокот се обидува да го стори е да го помири политичкиот блок на Бошњаците“, вели Турбедар.
Турција против Додик
Премиерот на Република Српска, Милорад Додик
Но, помошта од Турција, односно нејзината посилна улога на Балканот, ја одбиваат босанските Срби. Претседателот на Република Српска Рајко Кузмановиќ веќе изјави дека „не е среќен што на Балканот се вовлекува политиката на Турција“, а со слични ставови во јавноста излезе и премиерот Милорад Додик. За Турбедар тоа не е изненадување, затоа што Додик го прави токму она на што Турција се противи, и во таа ситуација, според него, особено е важна улогата на ЕУ:
„Тој се обидува да го доведе Западот во ситуација да дигне раце од БиХ. Тука Турција ја почувствува празнината и навлезе со својата дипломатска активност.“
Сепак, Турбедар не го дели мислењето на некои експерти дека Турција со ангажманот на Балканот води
Ерхан Турбедар
некаква нео-османлиска политика. Турската политика треба да се разгледува во поширока смисла, чија главна цел е максимализација на економските интереси, но и ставот дека земјата повеќе нема да биде пасивен играч на меѓународната сцена. Во тој контекст, не држат ниту претпоставките дека во иднина наместо САД и ЕУ на Балканот главен збор ќе водат Русија и Турција, вели аналитичарот:
„Помирувањето меѓу Анкара и Москва кога е во прашање БиХ е исто како да се помират Милорад Додик и Харис Силајџиќ, со други зборови, научна фантастика.“
Според Турбедар, во земјата е потребен минимум компромис во кој ќе мора да учествуваат сите, бидејќи улогата на Турција не е доволна.
Автор: Зорица Илиќ / Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска