Германската влада наскоро ќе го презентира новиот концепт за енергетскиот сектор. Браншата гласно го поддржува планот за продолжување на погонот на нуклеарните централи во земјата, но какви се последиците од нив?
Германската влада на 28 септември ќе го претстави пред јавноста долгоочекуваниот концепт за енергетскиот сектор. Минатата недела, канцеларката Ангела Меркел најави продолжување на работата на атомските централи во земјата за десет до петнаесет години.
Компаниите од енергетската бранша очекуваат голем профит од новиот план на германската влада. Јирген Гросман, претседател на управниот одбор на концернот за електрична енергија РВЕ, вели дека продолжувањето на работата на атомските централи е добра вест и за економијата и за потрошувачите: „Струјата би била далеку поскапа доколку се укинат атомските централи. Во тој случај ќе ни‘ бидат потребни многу повеќе скапи извори на енергија за да се покрие уделот на нуклеарните централи во вкупното производство.“
Мали трошоци - голема добивка, но кој профитира?
За производство на струја од нуклеарна енергија нема многу трошоци, а добивката од процесот е далеку поголема. Добивка има и државата: 2,3 милијарди евра од данокот на горива и дополнителни средства предвидени за унапредување на обновливите енергии создаваат простор во државниот буџет за политичка интервенција: финансиските средствата за обновливи енергии не се враќаат по секоја цена кај големите дистрибутери како поддршка за нивните активности од областа на сончевата енергија и искористувањето на енергијата на ветерот. Напротив, завршуваат кај други понудувачи, како на пример во градежната индустрија за вградување поеколошки системи за греење или поквалитетна топлотна изолација. За оваа цел се зборува дека во игра влегуваат околу три милијарди евра.
Експертите кои ги ангажира германската влада веруваат дека со продолжувањето на работата на нуклеарните централи, земјата до 2050 година ќе има економски пораст од 0,6 проценти на годишно ниво и сто илјади нови работни места.
Наплатениот данок од државата, енергетските компании си го враќаат на грбот на потрошувачите
Важен фактор е цената на електричната енергија која и натаму треба да паѓа. Доколку работниот рок на централите се продолжи за дванаесет години, цената на струјата ќе поевтини за 0,7% од киловат-час. Притоа, мора да се има предвид и оформувањето на цената од страна на дистрибутерите на електрична енергија, коишто сакаат да си ги вратат парите од даноците кои и` ги плаќаат на државата. Ханс-Петер Водниок, аналитичар при организацијата Fairresearch тврди:
„Уверен сум дека на крај данокот што компаниите го плаќаат за горивата ќе падне на грбот на потрошувачите.“
Економските експерти немаат конечна пресуда за тоа кој ќе добие, а кој ќе изгуби со новиот план за продолжување на погонот на нуклеарните централи. Штефен Толцин од „Комерцбанк“ вели:
Заштитата на животната средина под знак прашалник во новиот енергетски план
„Не можам да дадам конечна проценка. Мораме да почекаме до 28 септември и да видиме каков е планот на владата за енергетскиот сектор. Нелогично би било да одредуваме кој ќе биде победник, а кој губитник, зашто во оваа сфера постојат многу различни интереси кои треба да бидат здружени под еден покрив.“
Каде е местото на животната средина во целата оваа приказна се‘ уште не се знае. Со зголеменото користење на атомската енергија ќе се намали потрошувачката на јаглен, нафта и природен гас. Германија со тоа ќе увезува помалку фосилни горива, а ќе опадне и согорувањето на јаглерод диоксид. Од друга страна, ќе се зголеми количеството на атомски отпад и тоа не само во Германија, туку и во нуклеарните централи во странство од кои земјата увезува струја по се` повисоки цени.
Автор: Михаел Браун / Далибор Стајиќ
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска