Христијани, муслимани, евреи... сите сакаат јавно да ја практикуваат сопствената вероисповед. Во демократските држави имаат право на тоа. Но, кога се работи за високи минариња, секогаш одново се отвора истата дебата.
Симбол на политичка моќ или вера?
По Германија, Швајцарија и Њујорк, дебатата околу градењето џамија се разгоре и во Австрија. Во таа земја живеат половина милион муслимани, кои по католиците, се најголема верска заедница. На располагање имаат двесте објекти за молитви и четири џамии со минаре - во Виена, Тирол, Салцбург и Долна Австрија.
Меѓутоа, муслиманската верска заедница во Австрија би сакала повеќе.
„Пожелно би било во секоја австриска сојузна покраина да постои по една препознатлива џамија. Можеби не утре или денот потоа, меѓутоа еден ден сигурно“, вели претседателот на муслиманската верска заедница, Анас Шакекфех.
Неговата желба предизвика бурни реакции, пред се` од Сојузот за иднината на Австрија и Слободарската партија на Австрија. Прв за збор се јави шефот на Слободарската партија, Хајнц Кристијан Шрахе:
„Просториите за молитва се во ред, меѓутоа не и повеќенаменските објекти. На Австрија не и` требаат минариња. Тие се симбол на победата, но не се безусловно и симбол на верата“, рече Штрахе.
Просториите за молитва се во ред, меѓутоа не и повеќенаменските објекти?
Шефот на Слободарска партија на Австрија е најостриот критичар на исламот во Австрија. Фактот што токму сега минарињата се тема број еден во Австрија му оди во прилог, бидејќи предизборната кампања за градоначалник на Виена е во полн ек. Целиот град е излепен со плакати со неговиот лик и натписот: „Повеќе храброст за виенската крв - премногу странско никому не му годи.“
За партијата на Штрахе, џамиите претставуваат расадник на радикалниот исламизам. На критиките од страна на исламската верска заедница дека партијата шири омраза во Австрија, генералниот секретар Харалд Вилимски одговара:
„Сакам да ја одржам Австрија онаква, каква што е. Не сакам ни екстремизам, ниту арабизација.“
Симбол на политичка моќ или вера?
Граѓаните на Австрија, пак, се поделени околу исламското прашање. Ова се мислењата на кои се наидува на виенските улици.
„Тоа е прашање на толеранција, дали сакате да одите преку своите граници или не.“
„Па не мора баш да гледам слика на улица, која не е австриска.“
„Мислам дека е можно да се живее заедно со муслиманите. Не е добро некој да чувствува страв овде.“
Теолозите велат дека минарињата не мора да бидат неизоставен дел од џамијата. Дали тогаш се работи за симбол на политичка моќ или вера? Ова прашање ќе ги ги окупира граѓаните на Австрија уште извесно време. Барем до изборот на новиот виенски градоначалник...
Автор: Ане Цимерман / Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска