1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Наука

Квалитетно ѓубриво од фекалии

Германија енергично се залага за повторно добивање фосфор од фекалии. Австриското претпријатие „Аш Дек“ разви постапка, со која од фекалии кои содржат тешки метали се произведува висококвалитетно фосфатно ѓубриво.

Производството во „Аш Дек“ е според еколошки критериуми

Лудвиг Херман седи на спакуваните куфери, пред да тргне на пат од австрискиот Леобен кон Берлин. Фирмата на Херман „Аш Дек“ таму планира пилот-систем, единствен во светски рамки. Притоа, годишно треба да се добијат 30.000 тони ѓубриво од домаќинствата во Хамбург и Берлин, од одводот од нивните тоалети. Тој инвестирал 11,5 милиони евра во „Аш Дек“, од основањето на фирмата, пред девет години. Изградбата на новиот систем во околината на Берлин ќе чини 15 до 17 милиони евра. „Аш Дек“ таму треба да стартува со работа во 2012 година.

Систем за филтрирање на отпадните води

На пазарот има голема конкуренција од поволни ѓубрива

На една конференција Херман запозна еден експерт од Сојузната служба за испитување на материјали во Берлин, без чија помош неговата фирма одамна ќе пропаднеше. Повеќе земји, а најмногу Германија, сметаат дека е многу важно соодветно да се постапува со постоечките ресурси. Благодарение на ваквиот став, Херман и неговите единаесет вработени можеа да продолжат и да развијат сеопфатна постапка. Внесувањето на фосфор се намали за 30 проценти, разградувањето на материјата која уништува површини, пред се‘ во САД и Западна Сахара, е ставено под контрола и водите се заштитени, со тоа што изметот од луѓето и животните не се прска по полињата едноставно како фекалии.

Преработка на фекалии во еколошко ѓубриво

Со термичка преработка се отстрануваат штетните материи

Штетните состојки се акумулираат во фекалиите, додава Херман во канцеларијата на системот за филтрирање, на периферијата на гратчето Леобен, во покраината Штаерска во Австрија. Овде „Аш Дек“ преработува согорени фекалии. Органските штетни состојки во нив се уништуваат уште при согорувањето, токсичните тешки метали како кадмиум, жива и олово со новата постапка скоро целосно се отстрануваат од фекалиите, поради високите температури и со додавање на различни соли. Централен дел на пилот-системот е печката со подвижен цилиндер, која е стара 25 години, а купена е на старо. Раководителот на проектот Јирген Гаспарин објаснува како од фекалиите се добива фосфатно ѓубриво во форма на гранулат:

„Материјалот кој се користи, значи хомогената мешавина, се става во печката под континуиран напон и многу брзо се загрева, и по поминати 20 минути на 1.000 степени во печката, тој е термохемиски преработен. Притоа, доаѓа до уништување на тешките метали.“

Фосфатното ѓубриво се собира во еден резервоар, а остатоците од тешките метали во друг. На крај се добива „ФосКрафт“, така Херман го нарече овој прозивод. Ова ѓубриво е поеколошко од вообичаените минерални ѓубрива. Имено, природниот фосфатен камен содржи најчесто кадмиум. Освен тоа, обидите на проучувачите на материјали во Берлин покажаа дека „ФосКрафт“ е исто толку ефективен како вообичаените фосфатни ѓубрива.

Да се редуцира потрошувачката на енергија

Раководителот на проектот во „Аш Дек“, Јирген Гаспарин

„Аш Дек“ сака да произведува 30.000 тони ѓубриво годишно, името е кратенка за деконтаминација на пепел, од 20.000 тони пепел. Еден тон чини 220 евра, а поради растот на цените на фосфорот во секој случај претставува алтернатива за земјоделците, смета Лудвиг Херман:

„Тоа ни‘ е важно, дека не сакаме да нудиме просечен рециклиран производ, туку производ кој во секој поглед одговара на вообичаените категории.“

Пет проценти од употребениот материјал е отпад. Но, во иднина треба да се рециклира и количеството на бакар и цинк. Втор предизвик е во иднина веќе да не користи гас за да постигнат 1.000 степени во печката, оти таа енергија може да се добие од самите фекалии. Херман и неговите вработени во моментов бараат решение.

Еден од партнерите на „Аш Дек“ од областа на науката е Институтот за ресурсите на вода, менаџментот на ресурсите и на отпадот при Техничкиот универзитет во Виена. И покрај тоа што му се допаѓа проектот, научникот Хелмут Рехбергер инсистира на долготрајност на постапката:

„Најзначајното што мора да се направи при фосфорното рециклирање е оптимирање на процесот. Значи да се редуцира потрошувачката на енергија, од економски причини. Се‘ додека потрошувачката на енергија надминува одредена граница, ќе биде тешко да се пробие ова ѓубриво на пазарот поради конкуренцијата од вообичаените ѓубрива.“

Автор: Александер Музик / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Повеќе од оваа рубрика