1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Наука

Кучињата можат да „намирисаат“ рак кај човекот

Ракот на белите дробови најчесто е смртоносен. Раните знаци не можат да се препознаат, бидејќи не постојат соодветни системи за преглед, но се чини дека кучињата можат да намирисаат рак - и тоа по здивот на пациентот.

Сетилото за мирис кај кучињата е многу добро развиено

„Постојат многу истражувања за кучиња кои преку специјална обука, со голема сигурност можат да препознаат дали некое лице е болно од рак на белите дробови“, објаснува Феликс Херт, специјалист за бели дробови на клиниката „Торакс“ при Универзитетот во Хајделберг. Херт е и специјалист за истражување и анализа на гасови кои ги издишуваат луѓето. Цел на неговата работа е да пронајде супстанци кои ќе послужат како индикатор за рак на белодробните крила. Меѓутоа, во неговата лабораторија се` уште нема вакви кучиња; тој, повеќе се потпира на модерната технологија, отколку на сетилото за мирис кај кучињата. Тој е уверен во способностите на овие животни, но не ги смета за добро средство за откривање рак кај пациентите.

Тренингот на кучињата трае пет месеци

Вернер Глајхвајт не го дели неговото мислење. Порано тој водеше полициски кучиња, а денеска работи како претседател на австриското Здружение за кучиња за детекција, истражување и користење. Некои од неговите кучиња се тренираат за препознавање на рак на белите дробови преку здивот на луѓето. Тренингот трае пет месеци. При изборот на кучињата, особено внимание им се посветува на нивните муцки и на заиграноста. Колку поиздолжени им се муцките, толку поизострено сетило за мирис имаат, тврди Глајхвајт. Во една студија, која беше спроведена на почетокот од 2010 година, сигурноста на кучињата била на ниво од 93,2 проценти. Здружението се одлучи, прегледот на здивот да го понуди официјално како услуга. Кој сака да направи ваков преглед, едноставно може да порача сет за тестирање рак на белите дробови на интернет. Пакетот содржи еден балон и едно цевче. Пациентот треба да го надува балонот, а потоа воздухот од балонот да го пушти низ цевчето. На цевчето, трага ќе остават сите супстанци кои се содржат во здивот. Таа потоа се затвора, се испраќа по пошта и резултатите од тестирањето може да се очекуваат по шест седмици.

Здружението веќе прегледа неколку стотини лица

Кучињата со поголеми муцки можат подобро да го намирисаат ракот кај луѓето

„Еден од нив имаше тумор на дробовите со големина од четири милиметри кој не можевме да го видиме на рентген“, вели Глајхвајт, „Дури подоцна, успеавме да го воочиме благодарение на компјутерската томографија.“ Пациентот се одлучи на втор преглед само затоа што кучињата го намирисаа туморот во неговите белодробни крила. И покрај успесите, Феликс Харт и понатаму е скептичен. Наместо балони и кучиња, тој претпочита да ги користи техничките уреди. Неговите уреди, исто така треба да овозможат препознавање на рак преку здивот. Херт замислил овие справи големи колку мобилен телефон да функционираат по принципот на тестот за алкохол во сообраќајот.

За да функционира сето тоа, прво мора да се разјасни кои материи доаѓаат предвид како индикатори за рак на белите дробови. Се` уште е нејасно што мирисаат кучињата во здивот. „Според она што ни е досега познато, мора да се извршат детаљни истражувања за да се премине на анализа“, истакнува Херт. За жал, супстанците од здивот мошне брзо испаруваат.

Фрижидерите играат голема улога во откривање на ракот

Феликс Херт - специјалист на клиниката во Хајделберг

Затоа, во неговите истражувања мошне важна улога играат фрижидерите. Пациентот дува во направа која го замрзнува неговиот здив на минус сто степени. Со тоа, гасот станува течност. Сепак, ваквата процедура е доста комплексна, па отворени остануваат прашањата: Што смее да јаде пациентот пред да отиде на вакво тестирање? Постојат продукти кои значително можат да влијаат врз здивот, како на пример: црвеното месо, алкохолот, лукот итн.

Херт е уверен дека постои потенцијал. Кога пациентите ќе почувствуваат тегоби и се јавуваат кај лекарот, вообичаено е предоцна за помош. „Не постојат методи за рано откривање на ракот на белите дробови“, објаснува Херт, „компјутерската томографија е најсигурна, но ги изложува пациентите на штетно зрачење.“ Визијата на Херт е рутинско дување во апаратите. Според него, тоа би било евтино, достапно и безопасно, бидејќи дишењето не боли. Науката, за жал, се` уште не забележала добри резултати во развојот на „електронските носеви“. Херт проценува дека би можело да потрае и до пет години додека се почне со употреба на вакви апарати. Веќе смислил и лого: „После 100 цигари добивате бесплатен тест“.

Дотогаш, заинтересираните и натаму ќе мора да се обраќаат кај Вернер Глајхвајт и неговите кучиња. Тој категорично негира дека работи само поради профит, а не во духот на науката. Тој сака да им помогне на луѓето во раното откривање на ракот на белите дробови и да ги испрати на лекар ако тоа е неопходно.

Автор: Софија Вагнер / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска

Повеќе од оваа рубрика