1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Германија

Првите слободни избори во ГДР

Гласачите ги поддржаа „виновниците“ за обединувањето

Западногерманскиот канцелар Хелмут Кол вети дека ќе создаде успешна земја

Излезноста на овие избори беше 93 проценти, што нема да се повтори на следните избори во Источна Германија. Исходот од изборите е зачудувачки. Социјалдемократите, кои долго беа фаворити, добија само 22 проценти од гласовите. Двојно повеќе гласови доби Алијансата за Германија, чија програма е самото име. Нејзиниот кандидат, источногерманскиот христијански демократ Лотар де Мезиер се сеќава: „Изборите од 18 март беа одредени од луѓето потоа, но беа јасен сигнал дека целта е германското единство. Според мене, изборите на 18 март беа референдум за германското единство.“

Според Де Мезиер по паѓањето на Берлинскиот ѕид во ГДР имало три движења. Првото е на оние кои мислеле дека сега ќе можат да спроведат социјализам во вистинска смисла, како Штефан Хајм или Криста Волф. Второто струење на оние кои одамна сонуваат за една нова, мала, скромна, еколошка, праведна, пацифистичка ГДР. Масите, пак, го поддржаа третото движење на „виновниците“ за брзото германско единство, како на пример тогашниот западногермански канцелар Хелмут Кол, кој на 20 февруари 1990 година во Ерфурт вети: „Ви кажувам дека кога се поставени рамковните услови, не стотици туку илјадници претприемачи од големи претпријатија, подготвени за големи инвестиции, па се‘ до занаетчии од целата Сојузна република ќе дојдат овде, и заедно со нив за краток период ќе создадеме успешна земја.“

Грегор Гизи го објави падот на ГДР

Тогашниот претседател на ПДС Грегор Гизи

На изборите доминираа христијанските демократи и социјалдемократите, кои од своите партнерски партии од Западот добиваа силна поддршка за изборите. Така најпопуларните кандидати на првите и последни слободни парламентарни избори во ГДР беа двајца западногермански политичари: Вили Брант и Хелмут Кол.

Ноќта помеѓу 22 и 23 август 1990 година Народното собрание го усвои обединувањето на ГДР со Сојузна Република Германија. Грегор Гизи, шефот на фракцијата од Левичарската партија (ПДС) прогласи: „Госпоѓо претседателке, ни помалку ни повеќе парламентот го прогласи падот на Германската Демократска Република на 3 октомври 1990 година...“

Оваа изјава беше дочекана со аплауз, овации и извици. Од 400 пратеници во Парламентот на ГДР, 294 гласаа за, а само 62 против.

Автор: Бернд Греслер/Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска