Пратениците од Европскиот парламент, охрабрени од новите права што им ги донесе Лисабонскиот договор, побараа од шефот на Комисијата, Барозо, натамошни отстапки и нови надлежности - за да ја изгласаат новата Комисија.
Гласањето за новата Европска комисија доцни околу три месеца. Прво затоа што Чешка одолговлекуваше со ратфикацијата на Лисабонскиот договор, а потоа затоа што бугарската кандидатка за иден еврокомесар Румјана Желева не ја издржа пробата пред пратениците во Европскиот парламент. По сите превирања, пратениците од парламентарните групи на Народната партија, на социјалдемократите и на либералите сигнализираа дека ќе се согласат со новиот состав на Комисијата. Зелените остануваат против Барозо: „По мое мислење господинот Барозо е погрешен човек за новото профилирање на Бриселската политика во ерата по потпишувањето на Лисабонскиот договор. Тој отсекогаш беше човек на Европскиот совет, а не на парламентот и не верувам дека тој навистина ќе придонесе за зајакнување на демократијата, транспарентноста и близината до граѓаните во Европската Унија“, порача пратеничката Ребека Хармс од партијата на Зелените.
Слаб рејтинг на Барозо
Барозо меѓу пратениците навистина не го бие добар глас. Тој се смета за политичар без визија, со премногу авторитарен стил на раководење, кој сака да има што е можно повеќе моќ во свои раце. Вакви забелешки на негова сметка доѓаат дури и од еврокомесарите на заминување.
Му се префрла за голема блискост со шефовите на држави и влади: Барозо со канцеларката Меркел
Тие тврдат дека ретко се донесуваат одлуки во пленумот на Комисијата. Освен тоа Барозо се смета за човек на Европскиот совет, односно на шефовите на држави и влади: „Реалноста беше таква, што кога ќе се донесеше некоја одлука на самит на ЕУ, тогаш Комисијата почнуваше да ја реализира уште утредента. А кога парламентот ќе донесеше некоја одлука, тогаш таа не се почитуваше“, вели пратеникот Вернер Ланген.
„Нов дил“
За да го сменат таквиот несоодветен третман на Европскиот парламент од страна на Комисијата, пратениците од сите парламентарни групи решија да му постават услов на Барозо за согласноста со новиот состав на еврокомесарите. Тие имено побараа да добијат поголеми права и тоа на писмено во документот наречен „институционална спогодба“. Според неа Парламентот може да бара од Комисијата да изработи законски предлози по негова иницијатива, наместо само да се произнесува по предлозите на Комисијата.
Ќе добие ли нов аплауз во парламентот? Барозо по реизборот за шеф на Комисијата минатата есен
Со новата спогодба Комисијата мора да одговори најдоцна за три месеци дали ќе изготви соодветен предлог закон или не, на што до сега не беше воопшто обврзана. Освен тоа пратениците бараат право на увид во сите документи што им стојат на располагање и на шефовите на држави и влади.
Напнати односи
Критичарите велат дека новите права на Парламентот биле издејствувани на сила и дека не биле предвидени со договорот од Лисабон. Ребека Хармс, пратеничка на Зелените, ја брани новата спогодба од ваквите критики: „Ние сме им должни на граѓаните што не’ избрале да создадеме најдобри услови за извршување на нашиот мандат. Станува збор за што пооптимално остварување на правата на граѓаните преку Европскиот парламент.“
Дека односите меѓу Парламентот и Комисијата во Брисел остануваат напнати и покрај новата спогодба покажува денешната процедура на гласање во Парламентот. Прво Барозо ќе мора да им вети на пратениците во пленумот дека ќе им ги даде ветените права, потоа тие ќе донесат формална одлука за новите рамковни услови за односот со Комисијата, па дури на крајот ќе се гласа за новиот состав на Европската комисија.
Автор: Кристоф Пресл/Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска