Натпреварот Франција-Ирска од квалификациите за светското првенство во фудбал-потврда дека фудбалот е повеќе од спорт. Ирскиот фудбалски сојуз и политичарите, незадоволни од судиската грешка, бараат да се преигра.
Грешката е видлива
Ирскиот фудбалски сојуз и политичарите, незадоволни од судиската грешка и од „раката“ на Тјери Анри бараат да се преигра средбата. Французите жалат, ФИФА пресече, нема преигрување на средбата, бидејќи не е забележана техничка грешка, одлуката на судијата е неотповиклива. Ирска и Франција за среќа се далеку од она што се случува од другата страна на Средозменотот море, каде Египет одлучи да го врати својот амбасадор од Алжир, по инцидентите кои беа забележани по средбите на селекциите од двете земји.
„Виновникот“ ја призна вината, но не се кае
„Раката на господ“ или „раката на срамот“ и‘ дозволи на Франција да изедначи во еден натпревар во кој беше надиграна од Ирска. Виновникот - Тјери Анри призна дека ја допрел топката со рака пред да му ја подаде со нога на стрелецот Галас.
Тјери Анри ја признал вината, но по натпреварот
„Кога топката отскокна, таа ме удира во раката и падна пред мене и се разбира, јас центрирав. Јас не сум судија за да одлучам...“ Анри додаде дека му признал и на судијата дека ја допрел топката со рака, но откако завршил натпреварот.
Ниту тој, ниту другите француски фудбалери и нивниот селекционер не покажаа кааење за „грешката“ од која се згрозија не само ирските, туку и француските медиуми и љубители на фудбалот.
„Ако остане резултатот (1спрема 1), тоа ќе ја зацврсти идејата дека ако лажете, добивате“, коментираше ирскиот министер за правда Дермот Ахерн, кој побара да се преигра средбата. Ирската фудбалска федерација го испрати истото барање до ФИФА со цел да се зачуваат „нормите на фер плеј“.
Тема на средбата Саркози-Кауен
Претседателот Никола Саркози и ирскиот премиер Брејен Кауен на самитот во Брисел разговарале на ова тема. Во таа прилика Саркози изразил жалење:
„Но не барајте од мене да го заменам судијата, органите на францускиот и светскиот фудбал: оставете ме на моето место“, индиректно порачувајќи дека тој не ја поддржува ирската рекламација пред ФИФА за да се преигра средбата. Претходно, премиерот Франсоа Фијон застана на истата одбранбена линија, оценувајќи дека „не е во надлежност ниту на неговата, ниту на ирската влада да се мешаат во правилата на светскиот фудбал“.
Никола Саркози
ФИФА пресече
ФИФА од своја страна официјално соопшти дека нема да има преигрување на натпреварот и дека Франција дефинитивно е квалификувана за учество на Светското фудбалско првенство во Јужна Африка. Според членот 5 од правилата на фудбалската игра, одлуките на судијата се неотповикливи, бидејќи играта продолжила и средбата се играла до крај.
Ако контарверзниот француски селектор Рејмонд Доменек, бара да ужива во квалификацијата и да го остават намира, француските интелектуалци и‘ го мијат образот на земјата.
„Повеќе ќе сакав пораз, отколку победа добиена со ваква цена, бидејќи ако постои една област во која средствата не ја оправдуваат целта, тоа е спортот“, вели филозофот Алан Финкелклорт.
Оваа судиска грешка, не е единствена, но таа сигурно ќе ја отвори повторно дебатата за видео-арбитражата во фудбалот.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Жана Ацеска