Изборот на новиот претседател на Советот на ЕУ и на министерката за надворешни работи, Херман ван Ромпој и Кетрин Ештон, наиде на остри критики во европскиот печат.
Шведскиот весник „Афтонбладет“ пишува: „Херман кој? Не, за него во принцип, надвор од Белгија не слушнал никој.“ Со неговото назначување ЕУ пропушти историска шанса. „Европа, наместо да биде слушната, и натаму ќе зборува самата со себе“, коментира весникот.
И шпанскиот весник „Ел Паис“ смета дека Ван Ромпој и Ештон се сиви и непознати фигури. Граѓаните, со нивното именување, уште повеќе ќе се оддалечат од институциите на ЕУ.
Швајцарскиот весник „Баслер цајтунг“ предупредува на опасноста од тоа Ван Ромпој да стане марионета во рацете на шефовите на држави и влади на ЕУ. Уште повпечатливо во оваа насока се изразува коментаторот на италијанскиот весник „Кориере дела Сера“: „На Европа и‘ успеа да им ги довери врвните функции на господин и госпоѓа Никој. Тоа е изјава за капитулација на Европа. На тој начин Европа направи чекор, или подобро два чекора, во насока на безначајност.“
Полскиот весник „Дженик Газета Правна“ пишува: „Се покажа дека на заедницата не и‘ е потребен силен претседател, туку таков кој нема да им пречи на одделните држави во остварувањето на нивните сопствени интереси.“
Францускиот весник „Ле Паризијен“ во врска со Ван Ромпој, коментира: „Изгледа како просечен учител - неколку бели влакна, очила со силен диоптер - новиот претседател на Советот на ЕУ е сосема непознат. Фигура од кулисите, која нема да им пречи на големите земји.“
Автор: ЕМФ/ЗЈ/дпа
Редактор: Александра Трајковска