Фондацијата Александар фон Хумболт има мрежа од околу 23 илјади стипендијанти низ цел свет, во 131 земја, од сите научни области, меѓу нив и 41 Нобеловец. Германија сака да биде атрактивна за научниците од цел свет.
Млади научници на престој во Германија
Фондацијата Александар фон Хумболд е една од најреномираните во Германија. Таа е основана во 1860 година во Берлин, една година по смртта на човекот по кој го доби името, природонаучник, универзален гениј и космополит, роден во 1769 година. Фондацијата во 1945 година прекина со работата, но во 1953 година Сојузна Република Германија повторно ја обнови. Денеска фондацијата Александар фон Хумболт има мрежа од околу 23 илјади стипендијанти низ цел свет, во 131 земја, од сите научни области, меѓу нив и 41 Нобеловец. Германија сака да биде атрактивна за научниците од цел свет, кратко срочено, тоа е денешната задача на Фондацијата. Секоја година високообразованите млади научници можат да конкурираат за стипендија.
Мрежа на научници во цел свет
„Бреиндреин“ е светски феномен, добро образованите млади научници ги напуштаат своите татковини за да работат во подобри услови, најчесто во Америка. Фондацијата Александар фон Хумболд како една од задачите има да ја зголеми атрактивноста на Германија на овој план.
Таа на сите млади научници им нуди стипендии, а тие потоа ја зголемуваат популарноста на земјата, објаснува претседателот на Фондацијата, Хелмут Шварц: „Всушност, тие се нашите најдобри амбасадори, тие станаа амбасадори на Германија во другите земји.“ Секоја година бројката се зголемува за дополнителни 1800 нови млади научници, на кои кои фондацијата им овозможува научна работа во Германија.
Александар фон Хумболд
„Каде и да појдете во светот, ќе сретнете наши стипендијанти, кои ја почнале кариерата во Германија, престојувале тука со своите семејства, што е решавачки факт, што земјата ја имаат во добро сеќавање. Овие млади научници овде биле примени пред се‘ како луѓе, не според она што често се слуша денес: ги сакаме само најдобрите умови. Не, Фондацијата Хумболд отсекогаш водела сметка за нив како за целосни личности, за нивниот престој овде да биде пријатен, да ја запознаат нашата култура, да го научат нашиот јазик,“ истакнува Хелмут Шварц.
Целосна слобода на младите научници
Помалку бирократија, помалку документи, претставник на фондацијата кој секогаш им е на располагање на стипендијантите, тоа е рецептот на Фондацијата Хумболд. Стипендијантите добиваат околу 2300 евра месечно. Оваа можност ја користи и физичарката Чинциа Казираги од Италија, која е одушевена од престојот во Германија.
„Ја следиш својата идеја, ги вршиш своите испитувања, немаш шеф кој постојано ти наредува што треба да направиш. Владее целосна слобода, а и стипендијата е добра, одлични услови за научниците.“
35 годишната научничка ги истражува нано-цевчињата од јаглен, истражување што може да води кон градење побрзи процесори на компјутерите. За нејзината работа лани ја доби наградата Софија Ковалевскаја на фондацијата Александар фон Хумболд. Она што посебно го цени д-р Казираги е соработката со колегите: „Одличо е што постои размена на идеи со луѓе од различни области. Обично, луѓето се склони кон зачаурување во својата област. Но, луѓето овде се многу отворени, пријателски. Разменуваме идеи при пиење кафе, ги дискутираме искуствата од лабораториските испитувања, така се раѓаат нови идеи.
Остра конкуренција
Ана Попа Лисеану од Шпанија, која работи на испитување на лилјаците, малку се замислува кога треба да каже што и‘ паѓа тешко: „Тешко прашање. Сепак, има и неубави работи, на пример конкуренцијата, овде владее дива конкуренција меѓу научниците, постои натпревар меѓу публикациите. Луѓето чувствуваат поголем страв дека некој ќе ги користи нивните податоци.
Стипендијанти на Фондацијата Хумболд
Но, д-р Попа Лисеану веднаш додава дека не сака да каже ништо негативно, зашто е одлично примена и во Германија се чувствува прекрасно. А тоа е најважното, смета професор Шварц, претседателот на Фондацијата Александар фон Хумболд.
Тој истакнува дека меѓу стипендијантите се и имињата на носители на Нобеловата награда, Волфганг Кетерле од САД, Паул Крутцен од Холандија и Субрахмани Чандрасекхар од Индија.
Автор: Томас Принцлер/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска