1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на Википедија - приказна во развој

Свето Тоевски22 септември 2012

Слободната интернет-енциклопедија „Википедија“ се претвора се‘ повеќе во моќен информатички, културолошки и образовен медиум со несомнено значење за Македонија.

https://p.dw.com/p/16Cen
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Нашата мисија е да го собереме целото човеково знаење на македонски јазик, знаење кое ќе биде бесплатно, слободно и лесно пристапно до секого“ – ова е основната девиза, според која од 2010 година дејствува „Викимедија – „Вики-Македонија“, основана во земјата како здружение на граѓани и како локален огранок на глобалната фондација „Викимедија“, сопственик на „Википедија“, со седиште во Сан Франциско, во САД. Огромен број научни, економски, културни и други информации за Македонија се објавуваат и во превод на англиски и другите светски јазици.

Некогаш и по 12 милиони прегледи месечно

Потпрeтседателот на „Вики-Македонија“ Слободан Јаќоски вели: „Без никаков проблем успеавме во 2010 година во Фондацијата во Сан Франциско, да се регистрираме како ’Викимедија – ВикиМакедонија’, под уставното име на Република Македонија. Ова беше уште еден мал придонес кон зачувувањето на нашиот идентитет. Проширувањето на содржините на Википедија на македонски јазик ни е постојана заложба. Понекогаш месечно има и и до 12 милиони прегледи - пребарувања на страниците на македонски јазик. Поголемата вклученост на македонската јавност би придонесла не само кон само создавање нови прилози, туку тие би биле и поквалитетни и поиздржани.“

„Википедија“ низ целиот свет го реафирмира меѓународниот стандард за јазични кодови, во рамки на кој македонскиот јазик е наведен како „жив јазик со јазичен код mk ISO 639“. Во статиите на македонски јазик е означено дека „го говорат 5 милиони луѓе во Македонија, Грција, Бугарија, Албанија и други држави на Балканот, во Европа и преку океанот“. Сега „Википедија“  има 63.516 статии на овој јазик, распоредени вкупно на еден милион страници. Во „Википедија“, достапна на 285 јазици, македонскиот се наоѓа на 55-то место, според бројот на она што е објавено на него. За прв пат во „Википедија“ започнаа да се објавуваат прилози на македонски јазик во 2003 година. Нивниот број забрзано продолжува да се зголемува. Сепак, на македонската „Википедија“ непрекинато работат само десетина многу активни уредувачи, кои придонесуваат со сто или повеќе уредувања месечно, и околу 300 активни „википедијанци“, кои придонесуваат со барем едно до пет уредувања месечно. Тетовецот Никола Стојановски предничи во однос на другите придонесувачи во слободната енциклопедија во земјата.

Symbolbild Wikipedia
Фотографија: picture-alliance/dpa

Владата се вклучи во омасовувањето на македонската „Википедија“

Тој вели: „За пет години поставив повеќе од 7.200 прилози и извршив повеќе од 66 илјади уредувања на веќе постојните статии на македонски. Внесувам содржини од јазикот и географијата, а понекогаш и од историјата. Сето тоа е веродостојно: препишувам од книжевните критики, од учебниците ... Моите статии, со референции и наведени извори од каде се преземени односните сознанија, можат да се користат и за почетни академски истражувања.“

Владата и министерството за образование годинава изготвија проект „Македонија на Википедија“, со кој значајно го поттикнуваат зголемувањето на бројот на активни уредувачи на македонските содржини на „Википедија“. На уредувачите на онлајн-енциклопедијата им се овозможува пристап до државните органи, научните и образовните институции, музеите и архивите. И Факултетот за компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје и Штуловиот универзитет од Тетово со свои проекти активно се вклучија во омасовувањето на македонскиот дел на „Википедија“. 

Bekim Fetai
Беким Фетаи, декан на Факултетот за компјутерски науки на Штуловиот универзитетФотографија: DW

Беким Фетаи, декан на Факултетот за компјутерски науки на Штуловиот универзитет, истакнува: „Според статистичките анализи, ’Википедија’ е многу читана и користена, некои ја споредуваат дури и со ’Енциклопедија Британика’, која е професионална. Одделни професионални содржини во ’Википедија’, се посодржајни дури и од таквите во ’Британика’: иако на ’Википедија’ работат волонтери и ентузијасти, таа има пообемни, поточни и почесто надополнувани содржини, отколку англиската енциклопедија.“

Јован Пехчевски, професор во факултетот за информатика на Европскиот универзитет во Скопје, заклучува: „Во ’Википедија' обичниот интернет - корисник може да пронајде разни корисни информации. Сепак, неа може да ја уредува кој било и затоа не е релевантен извор на академски информации. Напишаните статии во ’Википедија’ не треба да се користат како сериозни академски референции во научно-истражувачките трудови, туку само како индикација-фуснота за добиена информација, ако има потреба за тоа. Академските институции треба да учествуваат во ревидирањето на статиите и во зголемувањето на нивната  релевантност.“