1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осовременување или уривање на македонскиот правопис?

Свето Тоевски4 септември 2012

Деновиве Министерството за култура го изготви предлог – текстот на „Стратегијата за развој на културата во Македонија“ од 2012 – 2017 година, во која еден дел се однесува и на постојниот правопис на македонскиот јазик.

https://p.dw.com/p/16338
Фотографија: DW

Анита Јовановска, портпаролка на ова министерство, ни изјави дека во работната верзија на тој развоен документ е набележано само дека „постои потреба да се ревидира и да се осовремени правописот на македонскиот стандарден, литературен јазик“. Претстои јавна расправа околу навестените измени во правописот, но, неа веќе ја отвори Људмил Спасов од катедрата за македонски јазик на државниот Филолошки факултет во Скопје.

„Се урива правописот“

Во изјавата за ДВ професорот Спасов тврди дека не се работи за осовременување на правописот: „Се повикуваат на тоа, божем, да се решат некои секојдневни проблеми, но тие се решаваат чекор по чекор, а не со уривање на правописот, или со негова ревизија. Тоа не значи ниту осовременување, ниту ревидирање. Ова што тие го заговараат претставува интервенција во целиот правопис. Ова е резултат повторно на некои идеи за уривање, или за измена на македонскиот национален идентитет. Се напуштаат досегашните традиции, воспоставени од Мисирков и другите јазични дејци. Ќе се добијат два правописа: луѓето ќе пишуваат според правописот на Мисирков, Конески и Тошев, а ќе постои и некој друг правопис, на некои други луѓе. Тогаш луѓето ќе почнат да пишуваат на два начина. Дали нам ни требаат два правописа, или ни е потребно сплотување околу правопис, кој е во функција и на кој луѓето се навикнати?“

Убавка Гајдова, виш научен соработник во Институтот за македонски јазик и претседател на Советот за македонски јазик, реплицира: „Од зборовите ’ревизија’ и ’осовременување на правописот’ не може да се прави цела една приказна дека ќе се отфрлат тие традиции и оти ќе се воведе нешто ново. Во рамки на таа стратегија никаде не пишува дека има каква било намера да се менува правописот, да се наметнува нешто ново наспроти она што постои досега. Не постои тим што ќе ја извршува оваа работа, ниту се поставени прашањата, кои ќе се однесуваат на измените, а камоли да се зборува дека нешто драматично ќе се смени во рамки на правописот на македонскиот јазик. Засега постои само идеја дека е потребно да се изврши оваа работа, ништо натаму не е одлучено, ниту договорено.“

Советот за македонски јазик, како стручно тело основано од владата, веќе реагираше со свое соопштение во јавноста во врска со ваквите ставови, претходно изнесени во одделни медиуми, истакнувајќи дека „не станува збор за никакво драстично менување на правописот“.

Mazedonien Land und Leute Enzyklopädie Buch
Фотографија: Petr Stojanovski

„Не отстапуваме од насоките трасирани од првите создавачи на правописот“

Уште еден член на овој Совет, Елка Јачева –Улчар, виш научен соработник во Институтот за македонски јазик, реагира: „Ревидирање на правописот во никој случај не значи негово целосно менување, ниту скршнување од веќе зацртаните патеки, кои ги трасираа првите составувачи на тој правопис. Се прават осовременувања на правописот, затоа што живееме во многу интензивно време со многу брз и интензивен технолошки развој, кои што мораат да се одразат и во јазикот. Затоа се потребни постојани дополнувања. Ние не кажавме дека ќе отстапиме од она што нашите учители го зацртале со првиот македонски правопис.“

Од моментот на својата стандардизација во 1945-та, правописот на македонскиот јазик претрпел одредени измени во 1950, 1970. и во 1998 .година.

Јачева –Улчар напоменува: „Дополнувањето на правописот не само што не е избрзан, туку е задоцнет чекор. Во оваа смисла, главниот акцент би требало, покрај другото, да се стави и на употребата на големата буква“.

Искажувајќи ја својата отворена сомнеж дека, наводно, „некои пак се обидуваат да го бугаризираат македонскиот правопис“, Спасов тврди: „По обидите уште на Љупчо Георгиевски и неговата ’културна група’, ова е втор обид за бугаризирање на правописот. Ако сега на некои им пречи што ја нема ’темната буква ’, во правописот, ќе ги прашам: каде сега ќе ја стават?“

Тој вака ги заокружува своите ставови околу оваа проблематика:

„Сега се стремиме повторно кон некоја архаизација, кон некоја промена на правописот. Но, ако тој се архаизира, ако тој се приближи кон некојаси замислена, вештачка црковно – словенска основа, во тој случај ние ја губиме посебноста на идентитетот, се вклопуваме во некоја шема што не постои. Значи, македонскиот ќе стане некој општословенски јазик, што е идеја одамна надмината, уште во 19-тиот век“.

Овие експерти, кои ги консултираше ДВ, се чини, први во јавноста ги вкрстија своите аргументи и контрааргументи во рамки на јавната расправа во врска со измените на правописот на македонскиот јазик. Останува да се види во која насока ќе се движат тие измени и ревидирања.