1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите заминуваат - Македонија старее

Милчо Јованоски6 јули 2012

Државниот завод за статистика потврди дека се повеќе лица ја напуштаат Македонија. Процесот изгледа незапирлив, а државата сеуште не нашла механизам барем да го ублажи.

https://p.dw.com/p/15RZH
Фотографија: picture alliance/dpa

Некогаш  луѓето мигрираа од село во град. Денес во Македонија актуелна е миграцијата од град во град ,а младите се почесто заминуваат во странство. Стотици села одамна опустеа, а се преполовуваат и градовите. Охрид  го држи рекородот со најмногу иселувања. Тоа го потврдува и Дијана Крстевска раководител на одделението за демографија при Државниот завод за статистика:

„Вкупниот број на отселени граѓани од Македонија во други држави изнесува 1.143 лица. Според половата структура 680 се мажи и 463 жени. Во 2011, најмногу, 803 лица се иселиле од Охрид, следи Дебрца со 117 , Тетово 21 . Од нив најмногу, 254 лица заминале во Австралија , во Германија 168 во САД 129 лица, следуваат Италија, Швајцарија и други земји“.

Бранот на иселувања е карактеристичен и за Гостивар, Битола, Струга, Прилеп, Куманово и Струмица. И не е од лани, туку трае со децении. Веб порталот Охрид1 во отсуство на официјални податоци од попис неодамна  обелодени избалансирани демографски податоци кои се базираат на избирачките списоци, вели сопственикот Љупчо Таневски:

„Партиите  пресметаа дека во Охрид сега живеат околу 33 илјади жители. Во 1990 година живееле околу 65.000  жители, а пописот во 2002 покажал дека општина Охрид  имала 42. 000 жители“.

Ljupco Tanevski
Љупчо ТаневскиФотографија: DW

Миграциите низ призмата на гробните места

Колку и да звучи морбидно, но миграцијата од Охрид во и надвор од Македонија  со факти ја потврдува и Драган Пандески – директор на Јавното претпријатие „Градски гробишта “. Имаме  8.300 гробни места и би требало да има исто толку носители. Но при годишното фактурирање дојдовме  до зачудувачко сознание дека за 1650 гробни места нема кој да ги преземе обврските.:

„Ние воопшто не можеме да најдеме лице, кое го поседува гробното место. Не постои евиденција дали тие лица се во  или надвор од државава. Едноставно не постојат . Ги нема со сопствен дом, адреса и број на живеалиште на кои би требало да ги најдеме, “ додава Пандески.

Егзистенцијата причина број еден за иселувањето 

Најчеста причина за галопирачката миграција особено во странство е потрагата по егзистенција, а бројни се и приказните за средношколци и студенти кои по завршувањето не ни помислиле да се вратат назад. Статистиката е неуморна. Во раните деведесетти во Охрид во тогаш развиената индустрија работеле над 22 илјади лица. Сега во фабриките ги има неколку стотини. Така е низ цела Македонија. Мимоза Бавчанџиева е само една од илјадниците жени и мајки кои се соочуваат со горчливиот вкус на транзицијата и миграцијата:

Mimoza Bavcandzieva
Мимоза БавчанџиеваФотографија: DW

„Мене ми е претешко. Синот веќе осум години е надвор од Охрид  и Македонија, а за скоро и ќерката треба да замине за Америка. За родителот е претешко. Единствена причина е егзистенцијата. Навистина не можам да сфатам зошто никој нешто не презема овој млад свет да остане тука. Како секој да гледа што помалку млади да има во нашава држава, особено од Охрид премногу се иселуваат младите. “

И годишнините од матури показател за мигрирањето

Социјалните мрежи се доказ за иселувањето на цели генерации млади луѓе, додава Таневски :

„Сите сме живи и здрави. Но после 15 години половина од мојата генерација веќе не живее во Охрид. Некои се во Скопје, Австралија, Америка, Швајцарија. Деновиве коментирав со еден друг мој пријател кој што слави пет годишнина од матура ми соопшти уште позагрижувачки податок. Формирале група на Фејсбук и од целиот клас од близу 40 лица, денеска во Охрид се само тројца“.

Чекајќи работа и подобар живот ќе остарат. Образованите и храбрите заминуваат таму каде што ќе можат да го одсонуваат својот сон.