Македонското собрание не ја прифати интерпелацијата за работата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска поднесена од страна на опозицијата.
Гордана Јанкулоска
Во рамките на 23. седница на македонскиот парламент само 33 пратеници гласаа „за“, додека 56 беа „против“ предлогот за интерпелација.
Пропустите во работата на Министерството за внатрешни работи, убиството на Мартин Нешковски, случајот „Кампања“ и апсењето на Љубе Бошковски, политичка пресметка со Фијат Цаноски и уривањето на станбено-деловниот комплекс „Косомос“, инцидентите на Калето, од страна на опозицијата беа посочени во расправата што претходеше на гласањето како причина за интерпелацијата за работата на министерката Јанкулоска.
Министерката пак, истакна дека барањето за интерпелација треба да биде отфрлено, зашто е полно со невистини и несериозни наводи. Интерпелацијата, додаде таа, има за цел да ја прикрие безидејноста на политичари од „мрачната транзиција“. Јанкулоска порача дека со сите сили ќе продолжи да се бори против, како што рече, враќањето на селективната правда.
Ова беше трета неуспешна интерпелација за министерката за внатрешени работи Јанкулоска во последниве две години.
Автор:СН/БГ/миа
Редактор: Е.М.Фиданоска
Референдум, прогласена самостојност, прием во ОН, спогодба со Грција... Политичарите, дипломатите, културните дејци и спортистите за две децении