
Фудбалската репрезентација на Замбија изненадувачки за првпат во својата историја стана првак на Африка
Аутсајдерот во финалето на Купот на африкански нации во Либервил славеше против фаворитите од Брегот на Слоновата коска по изведувањето пенали со 8:7. Регуларниот дел од натпреварот и продолженијата завршија без голови 0:0.
Трагичар на финалниот натпревар на африканското фудбалско првенство, на кое домаќини беа Екваторијална Гвинеја и Габон, беше најдобриот играч на „Слоновите“, Дидие Дрогба, кој во 70-та минута промаши пенал. Вистинска драма се одвиваше во пенал серијата, првите седум изведувачи на двете страни беа прецизни, во осмата серија голманот на Замбија, Мвене му го одбрани ударот на Коло Туре, а потоа Калаба го промаши голот. Во деветата серија ударот од 11 метри не го реализира Жервињо, а Сунзу погоди за конечен триумф на Замбија.
Репрезентацијата на Замбија, во своето трето финале, конечно стигна до првата титула шампион на Африка, додека „златната генерација“ на Брегот на Слонова коска уште еднаш остана без златниот медал.
Автор: СН/ БГ/ дпа/ мф
Редактор: Александра Трајковска
Извештаи, резултати, табели ... Најновите информации од германската фудбалска лига со еден клик