1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Град на „откачени“ идеи

12 јануари 2011

Турку, Европска престолнина на културата 2011, има што да им понуди на посетителите. Тој е познат и по своите „откачени“ идеи, како на пример борење во придружба на музика или поезија на тоалетна хартија.

https://p.dw.com/p/zwGQ
Променада на реката АурајокиФотографија: Turku

Турку е финскиот најстар град. Тоа што постои и по 750 години, е речиси чудо, зашто во историјата 30 пати бил пален. И покрај тоа, зачувана е катедралата, истовремено седиште на бискупите и национално светилиште. На 175-те илјади жители речиси свет им е и замокот, една од малкуте и најголемата зачувана средновековна градба во Финска. Европската престолнина на културата 2011 меѓутоа е позната по своите „откачени“ идеи, како на пример, борење во придружба на музика или поезија на тоалетна хартија.

Турку воопшто не мора да се крие, тој има што да понуди, смета Саара Малила, портпарол на Културната престолнина:

„Навистина се исплаќа да се дојде овде: имаме прекрасно шеталиште покрај реката, од катедралата до замокот. Пред градот постојат 20 илјади острови, мислам дека сето тоа ќе им се допадне на посетителите, ова е извонредна кулиса за современата уметност и концертите кои ќе ги организираме в лето.“

Flash-Galerie Finnland Turku Kulturhauptstadt 2011 Kathedrale
Катедралата во ТуркуФотографија: picture alliance/dpa

Плодна почва за експериментална уметност

Турку отсекогаш бил финска порта кон Европа. Во пристаништето на градот трговците од цела Европа купувале крзна и дрво, а продавале текстил, сол и жито. Многуте студенти денес го оживуваат постојано градот со нови идеи. Турку важи за плодно тло за алтернативната и експерименталната уметност и култура. Овде, на пример, се роди финската „андерграунд литература“.

Уметникот Јан Ерик Андерсон живее овде зашто Турку е отворен за неговото финско „откачено“ сфаќање на уметноста. Во Хелсинки тој не би добил градежна дозвола за својата куќа, која изгледа како во проектирањето да учествувала Пипи Долгиот Чорап, украсена со елки и срца. За годината на Културната престолнина, Андерсон требаше да осмисли сауна, која сега се наоѓа во неговата градина во форма на чешне лук. За посетителите да можат да ја користат, таа наскоро ќе се најде во градскиот парк, иако уметникот имал друго во вид:

Finnland Kulturhauptstadt Turku Sauna von Jan-Erik Andersson
Потење во финска сауна во форма на чешне лук-дело на уметникот Јан Ерик АндерсонФотографија: Jenni Roth

„Шетав низ Санкт Петербург и Москва, ми паднаа в очи куполите на црквите во форма на кромид, мислев дека сауните во форма на чешне лук може да се постават врз покривите на сивите куќи и да ги разубават.“

Културата е исплатлива инвестиција

Турку не е некоја убавица. Во центарот на градот доминираат безличните градби од 60-те години, архитектонски владее мешавина од старо и ново. Но, затоа реката Аура тече покрај универзитетот, кафулињата, продавниците за дизајнирана стока и библиотеката, втората дневна соба на многумина жители на градот. Променадата е извонредна кулиса, но малку понатаму, во правец на морето, доказ за економската криза - на бродоградилиштето, најголемиот работодавач во регионот, му се заканува банкрот. Стопанството во Турку е во криза, а токму сега 18 милиони евра од државниот буџет се слеваат во културата. Луѓето протестираат, иако неоправдано, истакнува Саара Малила:

„Сметаме дека од едно евро ќе добиеме четири. Нашиот буџет изнесува 50 милиони, што значи регионалата економија на крајот ќе ја зајакнеме со 200 милиони. На пример, во културната европска метропола Ливерпул во 2008 година беа остварени 900 милиони, но тој е поголем од нашиот град. Вложивме голем напор во убедување и конечно нашата порака стигна до политиката, медиумите и јавноста: културата е инвестиција и тоа долгорочна. Нашиот град ќе стане познат, стопанството ќе добие поттик.“

Flash-Galerie Finnland Turku Kulturhauptstadt 2011 am Aurafluss
Фотографија: picture alliance/Robert B. Fishman

Во Турку се очекуваат два милиони посетители на околу 150 манифестации. Секој ден е предвидено некое изненадување: на пример неочекуван перформанс на улица или песна во тоалетот во ресторан. Инвестициите во културни проекти се исплатливи, мотото „Културата придвижува“ е вистинското, смета и Мико Лохикоски, одговорен за надворешни работи во градот:

„Тоа значи- културата помага. Чувството на телесно и душевно задоволство се во тесна меѓузависност. Тоа треба да го покажат и нашите лекари оваа година: можат заедно со таблета против болка истовремено да препишат и еден билет за концерт. Поседуваме премногу неискористен потенцијал, човек може да развие неверојатни сили, само ако верува. Во вистински услови уметноста раѓа уште повеќе уметност.“

Автор: Џени Рот / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска